Денешна дата
14/08/2020

КАМПАЊА

Наместо да создаваат и нудат темелни стратешки и визионерски пакети кои од ова парче земја ќе направат достојна држава и општество вредно за граѓаните да му се посветат како на нешто свое, ние се соочуваме со најбедни и најниски шпиунско-цинкарошки дејствија. Еј… ГОЛЕМИ ЛИДЕРИ, разбудете се, не ви требаат „семкари“, ви требаат умни, достоинствени и респектабилни личности.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Влеговме во очекуваната жешка кампања меѓу политичките субјекти кои претендираат да го освојат мнозинството во парламентот и да основаат Влада, што во основа, по природата на нештата, и треба да се случи, и неопходно е да се реализра за да можеме да имаме функционален парламент. Меѓутоа, ако аналитички ја набљудуваме кампањата, потпирајќи се на основните начела на демократската политичка култура, гледајќи ги јавните настапи на сите актери на политичката сцена, ќе ја видиме недозреаноста на нашите политички лидери. Наместо да создаваат и нудат темелни стратешки и визионерски пакети кои од ова парче земја ќе направат достојна држава и општество вредно за граѓаните да му се посветат како на нешто свое, ние се соочуваме со најбедни и најниски шпиунско-цинкарошки дејствија. Како тоа да е единствената алатка да се победи „противникот“, а не знаењето и доблесноста во однос на заедничкото и јавното добро.

Значи, главно оружје во предизборната кампања, покрај редовно напишаните програми, кои често звучат како флоскули а не како вредносни системи кои можат да ја воспостават светлата вертикала на оваа земја, преовладува говорот од прислушуваните разговори меѓу конкурентските партии.

Од досегашното мое искуство сите политички програми кои се предлагаат јас, без размислување би ги фрлил во кош, бидејќи во недолгата самостојност на Република Македонија не видов Влада која го има реализирано ветеното, за што како мали велевме „ЛАЖГИ СО ОПАШКИ“.

Многу ме погодува вокабуларот на сите учесници во кој доминира дискредитирачкиот, омаловажувачки тон кон противникот, без ронка достоинство и пример за критичка аргументација. А, при тоа, политичките противници не разбираат дека со ваков недостоинствен настап и вокабулар допринесуваат не  само за рушењето на достоинството на противникот туку и за рушење на сопственото достоинство.

Дојде денот кога Г-динот Ахмети го обелодени својот кандидат за премиер, Г-динот Насер Зибери, кој по мои критериуми е прекрасен човек, едуциран, елоквентен и чесен, кај кого говорот на омраза на меѓуетнички план никогаш не бил алатка за популистичко освојување на симпатиите, па дури и за време на граѓанската војна во 2001 година. По мене, човек на место.

Но дали е тоа доволно да се биде Премиер? Не, почитувани мои, тоа не е доволно. Можеби ќе делувам ирационално, меѓутоа сакам да споменам дека почесен човек, паметен и работлив од мојот татко немаше, меѓутоа не можеше да биде ништо повеќе од службеник во тогашната Воена болница, препознаен и почитуван по својата професионалност, но никогаш не сакаше да се турка во политиката, бидејќи длабоко во себе не се пронаоѓаше во едноумието.

Нека ми прости Г-динот Зибери што го споредувам со мојот татко, но тоа е само една метафорична аналогија која упатува на тоа дека во Република Македонија не владеат најдобрите, туку највештите кои го манипулираат и злоупотребуваат сопствениот народ.

Само би споменал две емсии за сликата да биде појасна.

Во веќе нафалената контактна емисија во живо на Канал 5, САМО ВИСТИНА, гостуваа лидери на три мали партии, Интегра, Глас за Македонија и Македонски концепт. Жалосно беше да ги гледате колку се бедни во своите напори да не’ убедат дека токму тие имаат визија како ќе ја преуредат Македонија во поубаво место за живеење. Ако погледнеме за секој од нив, во нивното CV ќе видите дека во нивниот живот многу малку направиле за себе, а уште помалку за државата, а во самата емисија добив впечаток дека меѓу себе се гледаат како да се најголеми крвни непријатели. Ова е тотална беда на морал и етика и парламентарен концепт.

Длабоко сум убеден дека тие партии ќе бидат незабележителни на самите избори или маргинализирани.

Вториот дуел што го гледав беше помеѓу Г-динот Заев и Г-динот Мицковски на ТВ24. Невидена омраза владее помеѓу двајцата лидери и ако поединечно ги прашате зошто го мразат противникот, убеден сум дека не ќе знаат да кажат зошто. Станува збор за омраза која произлегува од фрустрации, немоќ, неукост, страв – страв кој постои и кај двајцата заради потиснатото несвесно сознание дека нивните капацитети не се достојни за државник каков што ни е потребен. Факт е дека меѓусебното оцрнување и кодошење станува врвен атрибут во оваа валкана војна. И двајцата лидери, Заев и Мицковски, од кои народот очекуваше да чуе многу поконкретни предлози кои ќе можат да бидат реализирани, не понудија ништо друго освен меѓусебни обвинување за криминал и корупција. Вокабуларот кај едниот беше на повисоко ниво, а кај другиот на пониско ниво, но кога и двајцата ќе ги ставите на иста вага ќе видиме дека големи разлики не постојат. Се води војна за освојување на власт, без да се бираат орудија, без доблесност, без темел, без арматура.

Бидејќи цел живот сум бил стопанственик, а имав можност да учествувам на парламентарните избори во 2002 година кога и бев носител на листа во изборна единица 2, со СДСМ, и локалните избори во 2005 година како независен кандидат за Градоначалник на Град Скопје, сакам да укажам дека кај мене лукративни интереси не постојат и по мои длабоки убедувања секој политичар кој што ќе помисли својата позиција да ја користи за лукративни партикуларни а не заеднички интереси, треба веднаш да си замине.

Сега се поставува прашањето кој ќе биде идниот мандатар: г-динот Заев, Г-динот Мицковски или Г-динот Зибери? За првите двајца македонската јавност е прилично информирана, а за Г-динот Зибери, што би рекле Србите, информацијата ни дојде С`НЕБА, ПА У РЕБРА. Верувајте ми мои драги читатели, јас сум во сета оваа голема лакрдија многу разочаран, не лично заради себе и свои потреби, бидејќи можам да се пофалам дека во мојот живот сум успеал да создадам семејно гнездо, и материјално да се обезбедам, но најмногу ме боли колку многу се одалечивме од вистинските демократски процеси за севкупниот развој на општеството, а во случајов за Македонија и што треба да очекуваат моите внуци и иднита млада популација, дали моралот и етиката стануваат ДЕ- МО-ДЕ, и така треба да станат идните генерации.

Не, драги мои, имам впечаток дека сме тргнале по безизлене пат, своевидна слепа улица.

Во разговор со мои пријатели, иако во ограничен број поради епидемијата Ковид-19, преовладува чувството на резигнираност, незинтересираност и се поприсутното чувство на несигурност, за она што утре не очекува.

Сакам да завршам со две мои констатации, кои што не служат на чест ниту на актуелната власт, а уште повеќе за нашата иднина.

Мојот фаворит за Премиер, Никола Димитров, актуелниот Миинистер за Надворешни работи е ставен втор на кандидатската листа на СДСМ во изборната Единица 1, веднаш зад Мила Царовска. Респект кон Мила Царовска, но меѓу овие две личности не постои равенство по ниту еден основ, но едниот е член на партија, а другиот не.

Еј… ГОЛЕМИ ЛИДЕРИ, разбудете се, не ви требаат „семкари“, ви требаат умни, достоинствени и респектабилни личности.

На крај доаѓаме до тоа каква ќе биде излезеноста на овие избори?                                Мојата лична перцепција е дека на овие избори ќе излезат само партиските војници и по некој а-политичен гласач кој сеуште не се соочил со вистинските последици од пандемијата Ковид-19, а лесно може да се соочи.

Ниту од далеку не помислувам да повикувам на бојкот бидејќи се работи за избори, а тоа е секако голем ден за секоја самостојна држава кога гласачите треба да доверат мандат за идно четири годишно владеење.

На крај би завршил со желбата кој и да дојде нека повели, но на фер и достоинствен начин, но да го има на ум севкупниот народец на Македонија. Да кажеме збогум на криминалот и корупцијата и вистински да се посветиме кон градење на сопствената држава.