Денешна дата
26/06/2022

Медиумски поплави

Во соседството има големи поплави. И поплавите се плашат од овдешни гебелистички медиуми. Ама кога стравот исчезнува, секоја диктатура завршува трагично. Прво, социјалната компонента кај нас е пред експлозија, оти голем процент луѓе живеат во гола мизерија

Го знаете вицот за Србинот и за Албанецот во времето на Милошевиќкога режимот ги контролирал медиумите? Избегал лав од зоолошка градина и опасно се доближил до некои деца што играле во близината. Во последен момент, потрчал еден Албанец, смртно го удрил лавот и ги спасил децата. Утредента медиумите на насловна: „Храбар Србин убил лав и ги спасил децата“. Но, Албанецот се јавил со демант дека не е Србин, туку Албанец. Утредента, на насловните страници има: „Албански терорист го убил добриот лав што многу сакал да игра со децата“.

Не е можно да се инсталира тоталитаризам како нашиот безгебелистички медиуми, кои ќе му бидат главна поддршка на „загрижениот“ водач што ја „спасува“ нацијата од домашни „предавници“ и од странски „непријатели“. Медиумите цело време власта ја прикажуваат во големината на утринската сенка. Црното го прикажуваат како бело; лошото како добро; поразот како успех; стагнацијата како прогрес; неморалот како морал; црниот ѓавол како бел ангел; сиромаштијата како богатство. Тие нè убедуваат дека нам ни е многу добро, ама наш хендикеп е што не го чувствуваме тоа. Сега е сменета и перцепцијата на луѓето кон основните вредности. Тука секој е на продажба. Татковците им сугерираат на ќерките да се нудат на партиски функционери (ако сакаат работа); универзитетски професори се продаваат за фиктивни владини проекти; интелектуалци се продаваат за вработување роднини; бизнисмени и занаетчии за да не бидат казнети; социјалци за социјална помош; бедни за вреќа брашно. Секоја душа си има своја цена. Колку поситна душа толку поевтина цена. Продажбата на души се проширува и во интрапартиско ниво, каде што моралот, како брзо расиплива стока, експресно се конвертираво нешто. Партијашите се тепаат кој повеќе ќе им се умилкува на високите партиски функционери, а овие на лидерот. А тој вистински фараон. Оти гради големи пирамиди, пирамидални институции, пирамидална економија, пирамидално задолжување, пирамидално образование, здравство, култура, пирамидални споменици, пирамидални тендери… А луѓето? Кој како. Едни високо на небо, а други до гуша во кал. Колку повеќе слобода горе толку повеќе диктатура доле. Колку полуксузно горе толку победно доле. Колку побогато горе толку посиромашно доле… И не смеете да кажете ништо. Треба само да докажете дека сте потчинети, бидејќи поинаку следи сатанизирање, етикетирање, казнување, исклучување, деградирање итн. А тие што ја разбираат играта, власта дебело ги корумпира, а ако не успева во тоа тогаш ги прогласува за помагачи на ѓаволот. А вистината?! Па таа е мала, слаба и срамежлива, за разлика од измамата која пука од здравје. Вистинска измама е кога апсите луѓе за симболична сума пари (често монтирани), а тие што проневерија милиони праваат влада, водат медиуми. Измама е кога се борите против ситен криминал за да го штитите крупниот криминал. Измама е кога повикувате на наталитет, а протерувате половина милион луѓе надвор. Измама е кога свештениците ги терате да се поклонуваат повеќе на овдешните лажни богови отколку на вистинскиот бог!

Во соседството има големи поплави. И поплавите се плашат од овдешни гебелистички медиуми. Ама кога стравот исчезнува, секоја диктатура завршува трагично. Прво, социјалната компонента кај нас е пред експлозија, оти голем процент луѓе живеат во гола мизерија. На ним повеќе им тежи животот отколку смртта. Во втората категорија спаѓаат луѓе кои не се до тој степен социјално загрозени, но се многу тензични и фрустрирани поради општата несигурност, малите плати, а големите потреби. Дел од овој слој се невработени (ама издржувани од семејствата) или го имаат загубено работното место или, пак, постои таква опасност. Според релевантните анализи, двете категории сочинуваат околу 65% од активното население. Но, кога кон нив би се додале и другите слоеви незадоволни поради партизирано функционирање на институциите, корумпираност на системот, диктатурата, неправдата и блокирање на евроатлантските интеграции, процентот се приближува до 80%. Засега оваа маса е инертна, бидејќи нема кој да ја организира. Синдикатите се владини слуги. Опозицијата дури сега треба да дојде при себе. Невладиниот сектор е немоќен или корумпиран. Згора на сè, без јаки медиуми. Им се чудам на тие што бараат власта да ги тргне рацете од медиумите! Како да не знаат дека токму сопственици на силните медиуми се носители на организираниот криминал. Па не се глупави тие самоволно да завршат во затвор. Затоа, потребни се нови медиуми, финансирани од странство. Скржавоста за ситни пари, и странците и нам крупно не чини. Со години, странците само се лажеле дека Милошевиќ еден ден ќе стане демократ. Тоа би чинело трагично скапо. Сега, пак, некои толерираат нови Милошевиќи!!!

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

bilali@inbox7.mk