Денешна дата
27/10/2020

Политичка тарапаана

Актуелната состојба во Македонија ја доживувам како брод заталкан на отворено море без компас, без кормилар и без посада. Со сето она што ни се случува на сите полиња во нашето живеење, јас Република Македонија ја чувствувам како “ЦРНА ОВЦА” на Балканот, а уште повеќе во Европа.

 

Актуелната состојба во Македонија ја доживувам како брод заталкан на отворено море без компас, без кормилар и без посада. Со сето она што ни се случува на сите полиња во нашето живеење, јас Република Македонија ја чувствувам како “ЦРНА ОВЦА” на Балканот, а уште повеќе во Европа.

 

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Жешките летни денови минуваат многу брзо, справувањето со пандемијата Ковид-19 ни оди многу тешко, а на политичкиот пазар имаме вистинска тарапаана. По мене значењето на зборот тарапаана е многу близок до зборот панаѓур, а тоа значи не саем, бидејќи саемот претпоставува нешто што има ред и поредок, нешто што е ревија на вредности, а панаѓарут е збирштина на сенешто, каде што не е битно кој и што има поголема вредност туку битно е кој е погласен, понаметлив.

Сведочиме дека катадневно од испитаните лица за Ковид-19 процентуалниот однос на новозаразени не е под 10%, додека бројот на оздравени лица не е ниту на ниво на новозаболените, што во преносни зборови би значело дека пандемијата сериозно нe напаѓа.

Не го споменав бројот на починати, кој катадневно се движи од 5-10 сограѓани, што уште повеќе ја отсликува реалноста дека на овој сериозен проблем не му посветуваме внимание што се должи на недостаток на образование и секако на совеста на поединецот.

Минаа веќе 6 месеци од појавувањето на пандемијата во нашата земја, а ние, граѓаните на Република Македонија, особено одговорните институции за справување со оваа пандемија, не извлековме поуки и не преземавме мерки па макар биле и ригорозни, за да го стопираме, или барем да го држиме под контрола овој загрижувачки тренд.

Од друга страна актуелната состојба во Македонија ја доживувам како брод заталкан на отворено море без компас, без кормилар и без посада.

Како што веќе споменав во минатите колумни, изборите поминаа на 15 Јули и веќе поминаа 2 недели, а на тие избори сите политички партии го бараа нашиот глас за да денес ние граѓаните на Република Македонија не знаеме ништо конкретно околу идното формирање на Владата.

Жртви сме на секаков вид шпекулации како двете водечки партии треба да дојдат до 61 пратеник, велам шпекулации бидејќи се водат преговори меѓу сите политички чинители во парламентот за формирање на Влада, а сум длабоко убеден дека многумина од лидерите на партиите ќе отстапат многу од своите ветувања кои само пред 2 недели им ги ветија на граѓаните.

Во време на пандемија единствен пазар кој интензивно работи е политичкиот, а кога велам пазар мислам и на берзата, и на моловите, и на супермаркетите и на производните капацитети, кои, по мое видување, влегле во една силна летаргија.

Сакам да заклучам дека добиениот мандат на политичките партии од нашите граѓани не е наменет за граѓаните, туку првенствено за партиите и високите функционери на тие партии.

Почитувани лидери на партии застапени во парламентот на Република Македонија, ве повикувам да ни кажете во чие име преговарате, бидејќи каква било Влада да се формира, во која што ќе има недозволиви и неразумни политички отстапки, ќе биде нестабилна.

Последната информација, вистинита или не, е дека СДСМ ќе ја формира Владата со сите членови на парламентот освен со членовите на ДИУ и ВМРО-ДПМНЕ, значи покрај СДСМ тука влегуваат Алијансата за албанците, Левица и ПДП.

Верувајте ми, не би сакал да бидам во кожата на Господинот Заев како иден мандатар на ваква Влада имајќи сериозна опозиција во ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

По мене Господинот Ахмети е најсилниот играч на политичката мапа во Република Македонија и кога во случајов двете националистички партии од македонскиот и албанскиот блок ќе бидат опозиција во парламентот, верувајте ми ќе биде пеколно тешко новата Влада да работи посветено на реализирање на своите ветувања.

Затоа, повторно упатувам апел до сите лидери за доброто на Република Македонија и посебно за доброто на сите граѓани, лидерите мора да се надминат себеси, своите желби, амбиции и суети и да понудат квалитетна Влада, а како ќе ја крстат и која партија ќе биде носител, за мене воопшто е небитно.

Час поскоро мора да ги смириме разгорените страсти меѓу политичките партии и во Македонскиот и во Албанскиот блок. Ајде, сите заедно во оваа држава да направиме не држава каква до денес ја познаваме, бидејќи на многумина од нас ни е познато местото и улогата на меѓународната заедница во креирањето на Владите.

Ајде и ние еднаш да покажеме самостојност и да тргнеме по пат кој носи перспектива, мир и благосостојба.

Дозволете почитувани лидери на партии во вашите креирања на адекватните функции да влезат и луѓе со интегритет, знаење и докажаност, бидејќи само така ќе можеме да ги смириме граѓаните на Република Македонија, кои се плашат за својата иднина, само така ќе можеме да бидеме забележани не само на Балканот туку и во Европа.

Почитувани читатели со сето она што ни се случува на сите полиња во нашето живеење, јас Република Македонија ја чувствувам како “ЦРНА ОВЦА” на Балканот, а уште повеќе во Европа.

Говорам во прво лице еднина, бидејќи јас не сум овца, а посебно не црна, и барам квалитетна Влада со визија, макотрпно посветена во нејзината реализација.

Затоа, не случајно во самиот наслов го ставив зброт ТАРАПААНА, што секако не е за пофалба, меѓутоа во мигови кога ситуацијата во државата е многу сриозна и некој зад грб прави пазари на ваша и моја сметка, друг збор и не заслужува.

Размислете, предлагајте, не останувајте анонимни, имате право да го дигнете вашиот глас за нашето подобро утре, а посебно за утрата на нашите идни поколенија.

Не можеме да избегаме од вистината како нојот, кој бегајќи да спаси живот ја крие главата во песок, туку мораме да се соочиме со вистинската реалност.

За ваквите нешта имаме една мудрост која ќе ја повторам а тоа е “ШТО СМЕ ПОСЕАЛЕ ТОА ЌЕ ЖНЕЕМЕ”.

Несакам да ја завршам колумнава со оваа народна поговорка, сакам да верувам дека имаме капацитет во себе да направиме мала држава со сите нишани, но ќе повторам за тоа ни се потребни луѓе што ги познаваат работите во сите полиња на општественото живеење.

Би завршил со порака – делувајте, не гледајте сеир, бидејќи сеирот на сите ќе ни се удри од глава.

Од мене толку, а вие размислете.