Денешна дата
14/08/2020

Верски организации како потикнувачи на заразата од Ковид 19

Верските организации се однесуваа суетно, неодговорно, себично и политикански во борбата против Ковид 19. Наместо да придонесат за спречување, тие ја ширеа болеста. Неодговорни изјави, организација на настани и собирања до неверување дека вирусот постои беа активностите со кои го загрозуваа јавното здравје.

 

Горан Лефков

lefkov@yahoo.com

 

Замора, 1918. Мало гратче во Северо- Западна Шпанија на 50 километри од границата со Португалија. Вклештено е во планинските масиви на Пиринеите, низ градот поминува реката Дуеро. Денес во него живеат околу 60.000 жители. Градот е богат со многу катедрали од 11 и 12 век и се смета за најголемо седиште на Романеската култура. Убави епитети кои го красат ова мало место.

Но, Замора како место е многу добро познато и во светската епидемиологија. За жал по лошо. Имено, Антонио Алваро Балано, бискуп на Католчичката црква во Замора остро се спротивставува на тогашните власти за спроведување на мерки против вирусот (H1N1) познат како шпански грип. Тој потегот за повлекувањето од мерките го опрадвува со изјавата:

„Злото врз нас може да биде последица на нашите гревови и недостатокот на благодарност кон Бога“.

Тој, наспроти апелите на властите ги суспендира мерките, ги отвара катедралите и ги повикува верниците да се молат. Резултат од ова непромислена мерка на бискупот Балано е големи жртви од шпанскиот грип. Во октомври 1918 година, веќе 10% од населението во градот починало од шпански грип што е неколку пати повеќе отколку процентите во Шпанија. Само за споредба, Шпанија тогаш е една од најзафатените земји од Шпанскиот грип и има стапка на смртност од 3,8%. До крајот на 1918 година во Замора смртноста стигнува и 12%.

Скопје 2020 година. 102 години од овој немил настан. Помина еден век, но нашите верски водачи не извлекоа поука од случувањата во Замора.

На 25 март во Велес и Кавадарци, односно во Повардарската епархија свештениците од православна вероисповест ги осветуваа населените места во оваа епархија под јурисдикција на Господин Агатангел.

Тој преку своите свештеници ги повика верниците да одат во црквите, да ги бакнуваат иконите и крстот и дека тие биле свети и преку нив не се пренесувала заразата.

Мирче Адамчевски, новинар во пензија, човек кој ја прележа короната меѓу првите во Македонија, смета дека верските заедници постапуваа спротивно на протоколите на науката.

Не може да кажуваат дека верата е над науката и дека Господ е над се. Да кажуваат нема да се разболиме, нема да се заразиме и еве се заразивме и каде е сега Агатангел?“, смета Адамчевски.

 

 

 

Според Џељаљ Незири, докторант на политички науки ваквото однесување на верските заедници е поради стравот дека нивното учење губи од научните погледи.

Верските заедници се едни од највлијателните институции во земјата. Оваа го покажуваат сите анкети. Фактот што повеќето од луѓето не веруваа, а се уште има такви, укажува дека истите не се потрудиле да ја подигат свеста за почитување на мерките. Верата воопшто сака да ја зачува нејзината улога во секоја пандемија, па и на оваа. Токму во овој контекст ја гледам акцијата на Владиката Агатангел. Во време на пандемија сите надежи се во науката, факт кој го ослабнува влијанието на верата, смета Незири.

Слично однесување во Македонија имаше за Велигден кога во Бигорскиот манастир на затворено се служеше верска служба, настан кој беше епидемиолошки многу ризичен. Цела држава за Велигден беше затворена, само таму се одржа служба.

Следен, ризичен епидемиолошки настан во услови на пандемија, организиран од Православната црква, беше литијата во Струга. Релативно нов верски настан кој се одвиваше на отворено, каде веќе се нагласуваа почитување на мерките за борба против Ковид 19, сепак ваквите постапки ја намалуваа вербата на граѓаните во науката и во препораките на епидемиолозите. Овие два настани се организирани во Дебарско-Кичевската епархија на крајот на Април и почетокот на Мај годинава.

Ваквата реторика и неверување во вирусот или кон мерките на власта против вирусот продолжи и во јуни кога во емисијата Стадион на Канал 77, Владиката Петар изјави дека:

„Проблемот не е кај Македонската правславна црква, туку кај властите бидејќи за да се спроведат одредени мерки треба да се консултираат со нас. Но да нема селективно однесување поинакво за едни верски заедници, поинакво за Македонската православна црква. Ако немаше селективно однесување кон прекршителите на мерките, почнувајќи од директорката на Болницата за кожни болести, немаше да има проблем. Се додека е поделбата на наши и ваши ќе биде вака“, изјави владиката Петар.

Ова за Незири е неприфатливо.

Конкуренцијата меѓу МПЦ и ИВЗ во време кога сите сме во опасност да се заразиме и фатално да завршиме, мислам дека беше надвор од здравиот памет. Секако, некој потикнуваше таква дебата во јавноста со тоа што етничките и религиозните групи почнаа да се тркаат кој повеќе нема да ги почитува мерките против Ковид-19“, смета Незири.

 

 

 

 

За Мирче Адамчевски е неразбирлива суетата и егото на верските лидери.

„Кон кого инает? Кон кого суета? Кон кого одмазништво? Ако можат муслиманиве и ние ќе правиме. Не може така да се однесуваме како мали деца. На мало дете тоа му е дозволено, ама на возрасен човек не му доликува. Тој одговара за луѓе“, смета Адамчевски.

Кај останатите православни цркви мерките главно се почитуваа за забрана на собирите, но скоро сите цркви користеа една лажичка за причестување пред Велигден. Сепак некои свештеници и не ја почитуваа оваа мерка.

На пример иако Српската православна црква имаше забрана за собирање, владиката дабробосански Хризостом, во Источно Сараево држеше служба на која беа собрани повеќе верници. На крајот од литургијата тие користеле иста лажичка за причестување.

 

 

Здравјето на граѓаните во втор план и кај Исламската Верска заедница

 

За разлика од Македонската Првославна црква каде може да се забележи една константна интенција на „шверцување“ на епидемиолошки ризични настани кога се забранети, кај Исламската верска заедница бележиме два периоди. Период на владеењето на реисот Сулејман Реџепи, кога практично не беа испочитувани неколку препораки на Комисијата за заразни болести, посебно околу прославата на верскиот празник Рамазан Бајрам на крајот на мај годинава.

Во јавноста се појавија гласини дека високи функционери на Демократската унија за интегреција, членови на кризниот штаб, а на барање на Реџепи побарале да се тргне забраната за посета на џамиите за празникот Рамазан Бајрам. Такво нешто и се случи, односно за време на полицискиот час се направи продолжување на времето за посети на џамиите. Оваа заедно со изјавата на тогашниот Реис Реџепи беа дефинитивно настани што ја ескалираа состојбата околу Корона вирусот.

„Во наредниот период да го победиме лошото. И да знаете дека Ковид 19 можам да го прогласам дека е умрен од денес. Со оглед дека ние ја победивме затоа сме тука пред џамијата. Господ е со нас и кога е господ со нас ние се чувствуваме најсилно во светот“, изјави Реџепи на Рамазан Бајрам.

На 25 мај, кога беше дадена оваа изјава, во Македонија се регистрирани само 16 новозаразени од Ковид 19, додека на 25 јуни имаме 153 новозаразени.

За Незири овој однос на Реисот Сулејмани е несоодветен кон пандемијата.

Имам впечаток дека и поранешниот поглавар на ИВЗ не веруваше дека вирусот е опасен. Неговите изјави не кореспондираа со сериозноста на состојбата. Молчењето за заедничките ифтари и непостапувањето на институциите придонесе да се зголеми бројот на заболени, но и на жртви, во местата со мнозинство граѓани со исламска религија“, вели Незири.

Адамчевски е уште подиректен.

„Тој е учесник во злосторство. Ако во една држава се прогласува вонредна состојба, законите мора да се почитуваат. Независно што политичарите потклекнаа па дозволија да се пуштат џамиите неколку часа повеќе. Тој треба да биде свесен дека се работи за страшна пандемија. Цел свет е во голема криза. Сега сме сведоци на нивните зборови и потези. Ситуацијата ескалираше, болниците се преполнија“, смета Мирче Адамчевски.

Веднаш после овие настани неколку Општини каде имаме мнозинство на муслиманско население почнаа да бележат драстичен раст на заболените и починати лица од Ковид 19. Така Тетово како општина која немаше многу заразени пред Рамазанските празници прерасна во жариште кое денес има 70 починати од Ковид 19, Струга 41, Куманово 46 додека Скопје има 174 починати.

Во Босна и Херцеговина, која има слична религиска структура на населението како нас, вакво однесување е забележано кај српската православна црква каде Зворничко-Тузланскиот митрополит Фотије, наложува на верниците да не се плашат од вирусот и ги повикува во средината на март да ги посетат храмовите.

После оваа изјава на Фотије, регионот бележи раст на бројот на починати за 6 нови лица.

Таму неодговорни изјави и постапки има и од страна на католичките свештеници. Така Дон Анте Ледиќ, католички свештеник од Зеница ќе напише на својот фејсбук профил: Сакам да умрам како маченик, а не да се кријам од невидлив вирус. Не се криев во 1992 година, не се криев во 2002 година, нема да се кријам и сега. Нема власт на земјината топка што ќе ми ја затвори црквата.

Веднаш по оваа изјава Сулејман Реџепи беше заменет со Шаќир Фетулаху, долгогодишен муфтија во Гостиварското муфтијство. Од неговото назначување пристапот на Исламската верска заедница кон здравствените институции се промени. Ефенди Фетулаху имаше и средба со министерот за здравство.

Сепак Исламската верска заедница со брзата реакција на муфтиите и смената неодговорниот реис остави впечаток дека многу повеќе се грижи за здравјето на своите верници.

Новиот реис се чини има нов пристап и став за пандемијата. Повикува на претпазливост, се ангажира и резултатите највероватно ќе бидат видливи. Без ангажирање на сите чинители на јавната сфера, фактори во оформувањето на јавното мислење, нема да има контрола над пандемијата “, смета Незири.

 

За жал покрај толку неодговорни изјави од верските великодостојници, има само една пријава против Владиката Агатангел, додека сите останати поминаа неказнето од државните институции иако заради ваквите изјави Македонија има втор пик на заразата а десетици и стотици наши сограѓани ја изгубија битката со Ковид 19.