Денешна дата
02/12/2020

ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ

Од најрано детство сум работел сѐ и сешто за да си обезбедам џепарлак, бидејќи моето четири члено семејство каде работеше само мојот татко едвај врзуваше крај со крај. На 10 годишна возраст, растоварав ќумур на товарната железничка станица, на 12 години растоварав вреќи цемент од 50 килограми. По дванаесеттата година сѐ до моето вработување како дипломиран економист работев продавајќи зеленчук и овошје на пазарите од бившата Југословенска држава. Неможе да дозволиме посегнувањето по туѓото да биде легализирано.  НЕ СМЕЕМЕ.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Навистина поминуваме низ многу тежок период погодени од пандемијата Ковид-19, каде бројот на заболени лица во едно деноноќие достигнува од 25% до 30% во однос на тестираните и предизвикува катаклизмично чувство кај секој поединец, а да не говорам за веќе починатите мои сограѓани, чиј број енормно расте.

Фактот дека пандемијата Ковид-19 ни ги промени нашите животни навики и стилови е повеќе од евидентен. Од социјализирани, желни за живот, дружење, музика, култура, со пандемијата ни се ускратија сите наши животни потреби. За жал само за 8 месеци гледано наназад  ни се промени целокупното урбано и социјално живеење. Ова е уште еден доказ дека ние некогаш не знаеме да ги почитуваме убавините на животот, убавините што ни ги дала самата природа. Погледот наназад на нашите животи веќе е многу далечен и кај многумина од нас раѓа чувство дека повеќе никогаш нема да се вратиме во нормала и на животот пред пандемијата.

Дали има надеж? Секако дека има, треба само големата слика на целото човештво на земјината топка да ја сведеме на поединецот. Ако поединецот-човек биде во центарот на вниманието, големите сили кои денес го управуваат светот мора да изнајдат решение за справување со ова зло. Подобро да престанат да се гледаат низ нишаните на најсофистицираните масовни оружја за убивање на луѓето и да отпочнат со демилитаризација и намалување на огромните воени буџети и нивно пренасочување кон земјите каде што владее глад, смрт и болести. Во тоа е суштината на човекот, сите да си помагаме и заедно да го живееме она што природата ни го дала.

Многумина од вас ќе помислат дека сум идеалист, па дури и утопист. Тие што така мислат грешат. Свесен сум дека империја се создава со сила и тоа воена сила, меѓутоа правото на живот на секој поединец на земјината топка е најлегитимното нешто што секој го поседува.

Сведоштвата од Првата и Втората Светска Војна за убивањето на многу недолжни луѓе, нека ни биде поука тоа нигош повеќе да не ни се повтори.

За жал ладната војна и ден денес  продолжува како наследство од минатиот СССР а денес Руската Федерација и НАТО каде се инвестираат енормно големи буџети за наоружување, нека ми простат граѓаните, но јас со ова не се согласувам. Националното чувство на македонец ќе го бранам со сите можни аргументи и никогаш нема да подклекнам, а за оружје ќе се фатам тогаш кога ќе бидат исцрпени сите аргументи. Најсилното оружје е силниот збор, а тој збор за мене значи човек!

Почитувани читатели, неретко си дозволуваме површно, само заради некоја претпоставка или разјаденост, или пак нереална претстава за другиот да носиме судови со кои го дискредитираме ближниот. Животот е комплексна структура на разни, испреплетени динамики, лични, колективни. И никој нема право да биде арбитар за нечиј живот, без посветено да го запознае другиот, да навлезе во суштината на неговите постапки, радости и таги. Токму од тие причини имам потреба пред вас да откријам дел од мојата личност. Многумина ме доживуваат како транзициски богаташ, човек со пороци, бидејќи, на пример, пушам пура. На сите овие замерки ќе го кажам следново.

Сум се родил и пораснал на скопските прашливи и калливи улици. Од најрано детство сум работел сѐ и сешто за да си обезбедам џепарлак, бидејќи моето четири члено семејство каде работеше само мојот татко едвај врзуваше крај со крај. На 10 годишна возраст, растоварав ќумур на товарната железничка станица, на 12 години растоварав вреќи цемент од 50 килограми. По дванаесеттата година сѐ до моето вработување како дипломиран економист работев продавајќи зеленчук и овошје на пазарите од бившата Југословенска држава. Заработував и придонесував за моето семејство!

На 15 години добив чир на дванаесет палачното црево, на 18 години ми прсна чирот и имав итна операција. Вените кои ги добив на мојата лева нога уште во мојата 15-та година во животот ги отстранив во мојата 34-та година. Со овој мал вовед сакам да ви укажам дека детството ни малку не ми било лесно, туку ме научило да се потпирам на сопственте сили и ум. Никогаш не сум посегнал по туѓото материјално добро. Мојата покојна баба Неда умееше да ми каже „да не си посегнал по туѓо, ќе ти се исуши раката“.

Почитувани читатели, токму баба ми, со својата мудрост и доблесност, беше мојата водилка низ сиот мој живот. Успеав да направам сопствен бизнис, во кој што во периодот 1992-2007 година важев за најголемиот снабдувач на полските, чешките и словачките железари со железна руда, на годишно ниво изразено во тони горенаведените челичани ги снабдував со 4- 4,5 милиони тони, претежно од бившите Советски држави Украина и Русија, Бразил од Јужна Америка И Јужно Афричката Унија во Африка.

Тоа е мои читатели мојата кратка сторија за мојот животен пат. Глобализацијата си го направи своето и мене ме најде неспремен да се соочам со новите предизвици.  Моите побарувања од Хута Катовице, челичара со капацитет од 5 милиони тони челик и капацитет за преработка на 20 милиони тони кокс, ми беше понудено да ја првземам само врз основа на моите побарувања кои  челичаната ги имаше кон мојата фирма. Тоа не го прифатив и сега најискрено жалам за мојата одлука и покрај фактот што мојот личен инстикт ми велеше да го прифатам овој предизвик, од трговија да се префрлам во производство на челик и кокс. Но тоа не го сторив. Мојата одлука не беше поддржана од моето семејство кое беше детерминирано својот животен пат да го продолжи во Македонија.

Шансата ја пропуштив, возот си замина, се појави нов заинтересиран субјект во името на Митал, и денес севкупното производство на челик во Западна Европа е концентрирана во Арцерол Митал, кој во Западна Европа е најголемиот производител на челик и кокс.

Не жалам за пропуштениот предизвик и решив да се вратам во мојата татковина со сиот мој капитал. Почитувани, само едно сакам да ви напоменам, дека за цело време на моето битисување на пазарите со железна руда, каде се работи за огромни количини на рифузен материјал кој подлежи на многу кавлитативни и квантитативни рекламации, јас немав ниту еден судски спор. Секогаш проблемите ги решававме на маса, а фирмата Кометал која делуваше во тој свет, важеше за фирма од доверба, спремна да помогне на партнерот, добавувач или купувач, да ги преброди кризните моменти.

Можеби некои ќе ми замерат што дел од колумната ја посветувам на себе, но чувствував потреба да дадам личен отчет за тоа кој сум и што сум, за тоа која е мојата животна врвица и врз какви етички кодови и императиви се заснова.

Ме боли, навистина ме боли направената неправда со стечајот на Еуростандард банка. Сметам дека оваа рана никогаш нема да зацели во мене. Организираниот криминал кој стои во позадината на стечајот со банката не бира кого ќе нападне, за него е битно да ја оствари својата цел, да посегне по туѓото, не водејќи сметка дека со тоа загрозува многу човечки судбини. Таквите луѓе се сиромаси. Етичкиот кодекс за нив пет пари не вреди.

Минаа повеќе од 70 дена од упокојувањето на Еуростандард банка, а состојбата на шок беше интегрален дел од мојата личност во првиот месец, месц и половина од овој изненаден и со ништо предизвикан стечај. Денес после мои длабоки анализи мозаикот за уништување на банката ми е затворен.

Криминогените структури во земјава заедно со мојот прв човек на Управниот одбор со години правеле криминални деанија, манипулирајќи со сметките на приватните и правни лица, што доведе до незавидна ситуација во банката. Гарантирам дека Надзорниот одбор во банката немаше никакви индикации за ваквата злоупотреба од првиот човек на Управниот одбор.

Во  моментот кога сфативме дека ѓаволот ја однел шегата, ние акционерите го разрешивме стариот Управен одбор и именувавме нов, со што ги пресековме сите канали за натамошно истекување на парите. Ние, како акционери бевме детерминирани да ја спасиме банката не само за нас како акционери туку и за сите депоненти во банката.

Во моментот кога ги пресековме сите канали на истекување на пари од банката, кога одлучивме да одиме докрај ние како акционери, со новиот Управен одбор да видиме каде завршиле парите и истите да ги вратиме назад во банката, веќе беше донесена одлуката од страна на Народна банка за ликвидирање на Еуростандард банка.

За носење во стечај на Еуростандард банка веднаш после вонредната ситуација, кумуваше и Техничката влада која што со првобитната уредба од 24.03.2020, објавена во Службен весник, со која на сите правни субјекти дава 3 месечен термин за непокренување на стечај  по истекот на вонредната ситуација, за да со нова уредба со сила на закон, објавена во Службен весник на 29.05.2020, првобитната уредба  се суспендира!!!

ЗОШТО друг правен субјект по завршувањето на вонредната состојба отиден во стечај освен Еуростандард банка НЕМА?

Не можам да престанам да се прашувам, ЗОШТО?

Со непостоење на правен субјект лесно се крие трагата на парите каде тие завршиле. Правени се брзоплети грешки со носење во стечај на Еуростандард банка од институцијата Народна банка со цел час поскоро истата да биде ликвидирана. Во превод, тоа значи банката е  ликвидирана, криминалот е покриен, а кога говориме за криминалот, говориме за неколку десетици милиони евра. Народната Банка избегна да ги употреби сите алатки за стабилизација на банката и не го прими на разговор потенцијалниот инвеститор цели 5 месеци. Бидете убедени дека банката ќе беше спасена. ЗОШТО? Затоа што со самиот договор со Македонски пошти потпишан на 20 години, а беше во функција втората година, каде што од страна на Еуростандард банка беа преземени 330 експозитури на Македонски пошти, низ цела Македонија, ние како банка и Македонски пошти обезбедувавме приходи доволни за функционирање на овие два субјекта, Еуростандард банка и Македноски пошти.

Кому му сметаше откривањето на трагите на парите кои истекувале од Еуростандард банка со години наназад?  Кому му сметал договорот со Македонски пошти, којшто објективно е нераскинлив до крајот на неговата важност?

Почитувани, има уште милион прашања од типот ЗОШТО?, но едно е сигурно, се работи за организиран криминал од највисок маштап. Треба акција од здравите институции во државата, секако доколку ги има, за расчистување на овој криминоген злостор.

Бидете убедени Владините уредби со давање и одземање право на 3 месечен тајм-аут и одлуките на Народна банка за носење на банката во стечај, согласно нивната весела математика за адекватноста на капиталот се само алатки во служба на организираниот криминал.

Повикувањето од типот на независност на Народна банка за носење на вакви одлуки, па дури и поддршката од ММФ и Светска банка се во најмала рака смешни. Што има независно во нашава држава? Засега единствено домашните миленичиња и животинскиот свет имаат свои права, додека ние луѓето сме заробеници на криминогени структури. ДОСТА Е, барем за мене, делував, делувам и ќе делувам со сите мои алатки, со цел да се разоткрие грдото лице на овој злостор и еднаш засекогаш Македонија да го фати патот кон вистинската модерна држава, каде што владее законот и ќе го штити секој поединец од прангите на веќе наназад со децении етаблиран организиран криминал.

Почитувани, јас сум паталец, не сум гаталец и убеден сум дека со упорност и акција  ќе собереме сили да го сотреме ова зло, а секој кој е вмешан во вакви злосторнички здружувања треба да ја почувствува правдата.

Неможе да дозволиме посегнувањето по туѓото да биде легализирано.  НЕ СМЕЕМЕ.