Денешна дата
02/12/2020

ХОМЕР

Прво донесената уредба, објавена на 24.03.2020 во Службен Весник на РМ, гарантира 3 месеци период за непокренување на стечај за било кое правно лице, после завршувањето на вонредната ситуација, за да со исто таква уредба објавена на 29.05.2020 во Службен Весник на РМ, предходната уредба се суспендира. Тогашниот технички Премиер Оливер Спасовски мора да одговори зошто е донесена првата уредба и зошто истата е суспендирана од таа Техничка Влада? По чиј налог е донесена првата уредба и по чиј налог истата е повлечена?

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Колку и да сме оптеретени со личните проблеми, деструктивното влијание на пандемијата Ковид-19 влегува длабоко врежано кај секој поединец. Бројот на заразени и починати добива драматични размери и пред секој сериозен човек се поставува прашањето дали e на повидок нова колера, односно пандемија која ќе покоси огромен процент од севкупната популација на земјината топка.

Записите во историјата на Европа во 14 и 15 век говорат дека чумата покосила 1/3 од целокупната популација која живеела во тој период. Прашањето на секој мудар човек е зарем може ова нам да ни се случи, во 21 век? Ве убедувам дека и тоа сценарио е можно доколку вистински не пристапиме кон решавање како да се  справиме со овој опасен вирус. За само 8 месеци од неговото појавување, целосно ни се промени начинот на живот во сите погледи на нашето постоење.

Од друга страна, се соочуваме со уште едeн парадокс на 21 век – националистичката реторика наместо космополитизам. Како да сме во 19 век длабоко заглавени. Не можам да се изначудам на вокабуларот на министерката за надворешни работи на Бугарија госпоѓата Екатерина Захариева. Зарем во 21 век ќе бараме потекла, ќе бараме генетика за наша идентификација? Зарем на госпоѓата Захариева не и е јасно дека во целокупното егзистирање на човекот на земјината топка, тој мигрирал, се движел, се мешал, и со тек на времето секој си создал сопствен идентитет, кој е повеќеслоен, флуиден, хибриден. Зарем уште некој верува во анцистичкиот концепт за „чиста надраса“? Зарем госпоѓата Захариева чита од невидени книги во светот во кои што докажува дека нашето македонско постоење во основа е бугарско? Да не се однесува ова за мене и за мојата иднина, при што со ваквиот акт недвосмислено Република Бугарија покажува апетити кон нашата македонска територија, би се смеел до лудило за вака изречената глупост од страна на Министерката Захариева.

Но, живееме  на Балканот, што во превод значи КРВ И МЕД, и сѐ е можно.

Јас сум македонец и додека очите ми гледаат ќе се борам за мојата посебност. Почитувани, со самиот наслов сакам малку да припомнам за историјата која се случувала на ова тло пред повеќе од 4 илјади години.

Единствен пишан документ или книга за можните настани кои науката треба да ги докаже е делото на Хомер, Илијада и Одисеја. Преку ова дело дознаваме, а со секојдневните откритија уште повеќе осознаваме дека античката историја или поточно кажано грчката историја била многу понапредна во денешната Мала Азија, отколку во најјужниот дел во Европа, т.е. Грција.

Остатоците од старите антички градови кои се во околината на Анталија, градовите Аспендос и Пергам на оддалеченост еден од друг не повеќе од 30 километри ја засенуваат убавината на Атина со нејзиниот прекрасен Акропол. Тоа се градови кои во времето кога Александар Македонски ги покорувал, броеле над 100 илјади жители, со амфитеатри со по 15 илјади седишта, и колосеуми, односно стадиони за повеќе од 30 илјади луѓе.

Во самата Илијада, Хомер говори за војната на грчките полиси-градови на територијата на денешна Грција, против Троја како град- држава, ама многу напредна држава која изобилувала со богатство и по секоја цена грчките градови сакале да ја уништат до пепел и да го ограбат сиот имот.

Во 10 годишната Тројанска војна, грчките градови предводени од Микенскиот крал Агамемнон ги собрале најсилните личности докажани во војна, меѓу кои бил и неуништивиот Ахил.

Согласно легендите, Агамемнон ја принел како жртва на боговите сопствената ќерка со цел тие да му дозволат мирно море за да отпловат кон Троја. Во самат војна гинат најсилните и најпознати воини од тоа време, меѓу кои Агамемнон, Ахил, Хектор и плеада на познати и непознати јунаци, за да на крајот луцидниот Одисеј со Тројанскиот коњ успее да ги измами тројанците и целосно да ги уништи и ограби.

Многумина од вас ќе се прашаат што е суштината на мојот предговор каде што Хомер ќе послужи како патоказ. Иако, поводот за војната меѓу ахајските градови и Троја беше грабнувањето на убавата Елена, сопруга на Микенскиот крал Менелај, брат на Агамемнон, од страна на младиот и убав Тројански принц, Парис.  Жедта да се посегне по туѓото беше вистинскиот мотив за оваа војна, дури и со жртвување на својата најмила ќерка која Агамемнон ја принесува како жртва на боговите, со цел да се смилуваат и да му дадат убаво време за военото патување со кораби до брегот на Мала Азија, односно Троја.  Во тие времиња посегнувањето по туѓото се правело со оружје, а денес посегнувањето се прави со изигрување на законската регулатива која многупати е во функција на грабежот.

Ваквите митски наративи не случајно отрајуваат во времето – тоа е така бидејќи секогаш имаат втемелувачка вистина за најсуштествените човекови слабости или пак доблести. Па така, дозволете ми да ја аплицирам оваа митска приказна за грабежот на туѓото, неправдата и Тројанскиот коњ врз сопстевното искуство со Еуростандадр банка.

Исправено стојам пред вас и пред сите институции на системот во Република Македонија и тврдам дека ликвидирањето на Еуростандард банка е криминоген чин со единствена цел да се посегне по туѓото.

Почитувани, добив информација дека Комисијата за буџет која заседаваше минатата недела во Собранието на РМ, донесе едногласна одлука стечајот на Еуростандард Банка биде ставен на пленарна седница во Собранието на РМ, се споменуваат и лица кои ќе  бидат поканети на таа седница, каде секако ќе присуствувам и јас. Кога ќе се одржи.. незнам, незнам бидејќи Собранието има многу други побитни расправи околу справувањето со пандемијата која беснее. Покрај лицата кои ќе бидат поканети на оваа пленарна седница, инсистирам да биде поканет на распит и актуелниот Министер за внатрешни работи, Господинот Оливер Спасовски, бидејќи во негово време како  Технички Премиер се носат контроверзните уредби со сила на закон, објавени во Службен весник на РМ.

Прво донесената уредба, објавена на 24.03.2020 во Службен Весник на РМ, гарантира 3 месеци период за непокренување на стечај за било кое правно лице, после завршувањето на вонредната ситуација, за да со исто таква уредба објавена на 29.05.2020 во Службен Весник на РМ, предходната уредба се суспендира. Тогашниот технички Премиер Оливер Спасовски мора да одговори зошто е донесена првата уредба и зошто истата е суспендирана од таа Техничка Влада? По чиј налог е донесена првата уредба и по чиј налог истата е повлечена? Единствен правен субјект кој веднаш после вонредната ситуација беше однесен во стечај е Еуростандард Банка! Дали вам мои читатели ви изгледа случајно? Не…ништо не е случајно!!

Ова се клучните прашања за да ја дознаеме вистината околу брзоплетото носење во стечај на Еуростандард банка. Јас за своите грешки ќе платам, меѓутоа уште повеќе треба да платат тие што се дрзнале и посегнале по нешто што не е нивно, користејќи ги сите алатки за да стигнат до својата цел.

Вистината ќе ја барам внатре во системот на Република Македонија, меѓутоа ако тука не ја добијам тогаш ќе одам на меѓународен суд, имајќи ги сите аргументи враце, пред се:

  1. Кршење на процедурите на Народна банка за носење на Еуростандард банка во стечај.
  2. Вонредната ситуација, која единствено не важеше за Еуростандард банка
  3. Можеби најбитниот аргумент е контраверзното носење на уредбите на Техничката Влада, со што е овозможено банката да биде брзо ликвидирана со единствена цел, а тоа е да се сокријат трагите на парите КАДЕ ЗАВРШИЛЕ.

Имам верба во Собранието на РМ дека професионално ќе ја процени оваа ситуација и ќе даде предлог на Влада

  • да се санкционираат сите чинители на ова злодело.
  • Да се обештетат до цент сите правни и физички лица кои биле коминтенти на Еуростандард банка
  • Да нѐ обештетат и нас акционерите.

Ова би требало да биде најправилниот епилог за стечајот на Еуростандард банка, каде првенствено ќе докажеме пред граѓаните дека правото и правдата постојат во Република Македонија и најважно, нашироко ќе се отворат вратите во преговорите со Европската унија, нудејќи веќе отворена битка против организираниот криминал, кој е рак-рана во сите годишни извештаи кои ги добивме од Европската унија за напредокот на нашата држава.

Ако сакаме благодет, сигурност и иднина, ова е патот мои читатели.

На потег сте вие;  Пратениците во Собранието на РМ , Службите и Судството во борбата против организираниот криминал.