Денешна дата
02/12/2020

МЕГДАН

Николче Петкоски, кога на својот вујко, пензионер во веќе поодминати години, му регистрира фирма која се вика АТВ ЗЕУС, со непаричен влог од 5 илјади евра, и му доделува кредит од 1,2 милиони евра на основа меница. Доделениот кредит од 1,2 милиони евра  за само една недела се исцрпува и се доделува на повеќе од 20 корисници. Ние, како акционери го потегнавме овој процес, но немавме време да го финализираме. Парадоксот да биде уште поголем, господинот Николче Петкоски, поранешен генерален директор на ЕС банка, потпишал договор со својот вујко и месечно го исплатувал по 80,000 денари, со цел да го контролира воздухот во централата на ЕС банка… ПЕРВЕРЗИЈА!!!.

Пишува: Трифун Костовски

 

Низ овој мој текст, би сакал посебно да се осврнам на моите лични впечатоци или ако милувате, на мојата перцепција поврзана со првата расправа на Комисијата за финасирање и буџет, одржана во Собранието на Република Северна Македонија, каде централна тема беше стечајот на Еуростандард банка.

Иако ефектите од оваа расправа сеуште не се познати, јас го изразувам своето задоволство што предметот за стечајот на Еуростандард банка беше ставен на дневен ред на комисијата, која треба да ги менаџира прашањата поврзани со финансирање и буџет при Собранието на СРМ, што е од фундаментално значење за просперитетот на нашата држава и особено за нашите граѓани.

Изразувам благодарност до сите членови на комисијата што направија првична опсежна анализа за носењето во стечај на ЕС банка.

Беа присутни сите клучни сведоци, почнувајќи од гувернерката Бежоска, јавниот обвинител Љубомир Јовески, директорот на Управата за финансиска полиција, Арфат Муареми, директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов.

Нека ми простат пратениците, членови на комисијата за мојот директен, можеби и некоректен одговор, кога споменав дека ова е место каде се разгледува организираниот криминал, а партиските препукувања да ги остават на страна и да ги водат на друго место. Во тој момент така мислев и сеуште мислам, бидејќи БЕВМЕ СОБРАНИ ДА ГИ БАРАМЕ ПРИЧИНИТЕ ЗА СТЕЧАЈОТ НА ЕС БАНКА КАДЕ ПО МЕНЕ СЕ РАБОТИ ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ.

Почитувани,  од овој настан сакам да извлечам заклучоци и со вас да ги споделам.

Најнапред за мене беше малку чудно што гувернерката Бежоска се појави со целиот раководен тим на Народна банка. Анализирајќи го нејзиниот настап, сфатив дека нејзината несигурност во настапот и барањето поддршка од нејзините соработнички говори, или барем тоа е мој личен заклучок, дека таа госпоѓа не можела сама да донесе одлука за стечај на ЕС банка, туку ѝ било наложено.

Господинот Јавен обвинител Јовески, стручно и експлицитно, во рамките на дозволеното ги најави сите преземени мерки, меѓутоа, мои почитувани минаа веќе три месеци, а јас, како еден од најголемите акционери во ЕС банка не бев повикан ниту од една институција која се бави со криминалот, па дури и на кафе моабет.

Ме зачудија официјалните изјави од  директорот на управата за финансиска полиција, господинот Арафат Муареми и директорот на Управата за финансиско разузнавање, господинот Блажо Трендафилов дека тие ги бранат државните интереси.

Сакам да ги потсетам нив, а посебно нивните надредени дека првенствено треба да ги бранат интересите на граѓаните, бидејќи човекот како поединец е основната клетка на државата.

Кога велам човек, а особено вистински човек, тогаш сум најсреќен!!! Колку гордо звучи зборот ВИСТИНСКИ ЧОВЕК.

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, господинот Муцунски, дебата ја водеше прекрасно.

Моите заклучоци на оваа прва расправа, а сметам дека нема да биде ни последна на тема стечајот на ЕС банка се позитивни. Сепак би дал одредени мои препораки како во иднина доколку се продолжи оваа дебата и Собранието преку комисијата за финансирање и буџет сака вистински да се справи со организираниот криминал, во која насока таа да се води, а тоа е пред сѐ анализа и вклучување на неколку битни елементи кои недостасуваат:

  1. Оваа расправа не смее да биде третирана како политички ринг за собирање на поени, па дури и да собираат поени одредени членови на партии. Тоа нека го прават со достоинство и интегритет.
  2. Не смее оваа седница да биде третирана како процедура, туку како вистински почеток во борбата за справување со организираниот криминал. Факт е дека нема да бркаме вештерки како што за Фактор спомена Претседателот на комисијата Муцунски, туку треба да се впрегнеме сите заедно и да расчистиме со ова општествено зло, а тоа е организираниот криминал.

Сум бил пратеник во Собранието на Република Македонија во периодот од 2002-2005 година и знам дека  во ниедна од комисиите нема специјализирани тела кои длабоко ќе проникнуваат во  материјата која е предмет на нивното дејствување.

Во три децениското постоење на независна Македонија, годишните извештаи на Народна банка беа доставувани до пратениците во Собранието само како информации. Дебата во Собранието на тема Извештаите на Народна банка досега не паметам дека постоела.

Говорам за клучен сегмент во нашето општествено живеење, а тоа е Народна банка, која е регулатор и ја води монетарната и фискална политика во државата.

Почитувани, организираниот криминал не е по улиците, туку тој е во институциите на системот и оние кои раководејќи со нив сакаат да ги употребат во своја лична полза. Ова го пишувам како паталец, а не како гаталец, бидејќи довербата е доблест, ама контролата на довербата е вистинскиот одговор за правилно функционирање.

Со ова сакам да потенцирам дека извештаите од Народна Банка треба  детално да бидат разгледувани во Собранието, на база предходно направена ревизија од еминентни институции или фирми кои се бават со вакви анализи и  да бидат ставени на усвојување, а не само на информативно известување, како што впрочем до денеска се практикуваше.

Јас за мојата доверба ја платив цената, меѓутоа и ден денес МОРАЛНО СУМ УБИЕН, зашто со мене повлеков илјадници туѓи судбини. Ме боли…. и тоа многу ме боли!

Почитувани, времето за дејствување доаѓа. Од многу мои сограѓани познати и непознати скојдневно добивам голема поддршка да истраам во оваа борба. Многу им благодарам, бидејќи од нив ја црпам силата да истрајам на овој пат. Ваквата поддршка мои читатели има само една карактеристика, дека сите во Македонија знаат дека постои организиран криминал и бараат некој да ја отпочне оваа војна. Е, па, еве јас сум тука!

На крајот сакам да заклучам дека еден од клучните креатори на овој криминал, а тоа е поранешниот генерален директор на ЕС банка, Николче Петкоски, треба да биде повикан на сериозен распит, бидејќи тој во моментов е една од алките на организираниот криминал кој со име и презиме е познат во јавноста.

Организаторите на овој криминал треба да ги сносат последиците, а ништо помалку последиците треба да ги почуствуваат и носителите на највисоките функции на институциите кои помогнале во реализацијата на криминалот. По мене, Гувернерката Бежоска е само егзекутор, која со нејзината весела математика за адекватноста на капиталот на банката, кој што само на крајот на Март 2020 беше 6,55%, за само два месеца ја симне на адекватност која ја повлекува банката во стечај. Како е можно во услови на вонредна ситуација каде банките беа блокирани да ги наплатуваат своите побарувања по присилен пат и воедно при неконституирани Собрание и Влада на Република Македонија да се носи одлука за стечај, кој јас и многумина граѓани ја доживеавме како гром од ведро небо.

Очигледно на Гувернерката Бежоска и недостасува макро-економско познавање за последиците од еден ваков чекор. Повторувам, поради вонредната ситуација од пандемијата Ковид-19 ние акционерите не можевме да обезбедиме капитал од 3,5 милиони евра кој ќе беше доволен да ги задоволи барањата на Народна Банка. Бидете убедени дека тие пари ние, акционерите ќе ги најдевме под дрво и камен по секоја цена, но уплашените креатори на овој организиран чин, уплашени дека ќе дојдеме до крајните дестинации каде завршиле парите, решија да ги употребат сите алатки со цел да ја убијат банката. Почитувани, алатките за кои говорам се следни:

  1. Техничката Влада на Техничкиот Премиер Оливер Спасовски носи две контроверзни уредби со сила на закон, каде во првата , објавена во Службен Весник на РМ, на 24 Март 2020 се утврдува дека стечај не смее да се покрене минимум 3 месеци по завршување на вонредната ситуација, да би со иста таква уредба, објавена на 29 Мај 2020, во службен Весник на РМ, првобитната уредба се суспендира, а тоа значи СТЕЧАЈ…ВЕДНАШ!!!, А КОЈ ОТИДЕ ВО СТЕЧАЈ ВЕДАНШ?,… ЕУРОСТАНДАРД БАНКА!!!
  2. Алатка за овој криминоген чин е Народна банка на чело со Гувернерката Бежоска во чии раце се даде сатарот за да се убие правниот субјект, ЕС Банка.

 

На крајот, да споменам уште еден мал детал. Како е можно службите кои го гонат организираниот криминал, и стечајниот управник Душко Тодевски да не покренат кривична пријава и да го гонат поранешниот генерален директор на ЕС банка, Николче Петкоски, кога на својот вујко, пензионер во веќе поодминати години, му регистрира фирма која се вика АТВ ЗЕУС, со непаричен влог од 5 илјади евра, и му доделува кредит од 1,2 милиони евра на основа меница. Доделениот кредит од 1,2 милиони евра  за само една недела се исцрпува и се доделува на повеќе од 20 корисници. Ние, како акционери го потегнавме овој процес, но немавме време да го финализираме. Парадоксот да биде уште поголем, господинот Николче Петкоски, поранешен генерален директор на ЕС банка, потпишал договор со својот вујко и месечно го исплатувал по 80,000 денари, со цел да го контролира воздухот во централата на ЕС банка… ПЕРВЕРЗИЈА!!!.

Почитувани, завршувам со појаснување на самиот наслов МЕГДАН. Мегданот е веќе отворен, јас сум веќе влезен во борбата, а асоцијацијата на зборот МЕГДАН потекнува од името МЕГДАНО, во село Владимирово, Беровско, каде се собирале жителите на селото, со цел да ги прославуваат своите празници, или да водат разговори и дебати за нивната иднина.

Останете ми со добро здравје, но ве молам бидете будни, ова е редок момент кога можеме да се справиме со организираниот криминал.

Помогнете да успееме во оваа наша заедничка борба.