Денешна дата
20/01/2021

ПРОСВЕТЛУВАЊЕ

По анализата на моите стручни служби дека се работи за организиран криминал дојдовме до заклучок врз основа на уште две дополнителни информации кои се навистина многу битни. Не говорам само за направени пропусти при носењето на Еуростандард банка во стечај. Во време – невреме без Влада, без Собрание, после вонредна ситуација, без користење на сите алатки на Народна банка и ред други работи кои укажуваат дека процедурите Народна Банка морала да ги примени, а ги прескокнала, со цел да ја ликвидира банката … А причина??? Нема друга причина мои читатели, причината е јасна, а тоа е да не се откријат крајните корисници на 100-те милиони евра украдени пари.

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели,

Изминатата недела и настаните кои ја одбележаа ја доживувам поразувачки, со поттикнување на многу негативни емоции кај секој поединец во нашава држава.

Ковидот катадневно коси со веќе двоцифрени бројки на починати луѓе, и со над илјада новозаразени секојдневно. Министерот за здравство, господинот Филипче, тврди дека пикот на очекуваниот есенски бран е зад нас, но верувајте, тешко можам да се согласам со ваквата проценка. Во најмала рака делува несериозно, бидејќи никој во светот не може со сигурност да каже во која насока ќе се движи и колку долго ќе трае пандемијата на Ковид-19, кој е следниот вирус кој ќе нè нападне по справувањето со Ковид-19?

Пред севкупната цивилизација на планетата земја се поставува основното прашање – каков ќе биде животот на денешните и идни генерации на човечкиот род.

Чувствувам потреба да го искажам својот став дека најсилните економски и воени сили во светот, треба да бидат лидери во справувањето со сите закани по човечкиот род. Делува утопистички, меѓутоа би поставил едно прашање: Какви би биле придобивките на општеството доколку огромните финансиски буџети се пренаменат од воени цели во интерес на здравјето на човекот, но и во спасување на планетата земја од растечката еколошка катастрофа, која во голема мера е и ќе биде причина за појава на нови вируси? Огромни.

Препорачувам сите да ги почитуваме протоколите за заштита од пандемијата, нека ми простат елитните македонски доктори од полето на имунологијата, меѓутоа за вирусот, Ковид-19 не знаеме ништо повеќе од првиот момент кога ни беа предложени мерките на заштита; носење маски, држење дистанца и избегнување на било какви дружења.

Друго нешто што длабоко ме вознемири беше интервјуто на премиерот на Владата на Република Северна Македонија, господинот Зоран Заев, за бугарската агенција БГНЕС. Анализирајќи ги неговите мисли, изговорени зборови, говорот на тело и мимиката на лицето, се почувствував понижен. Да не се знае дел од специфичните сегменти кои се дел од нашето општество и од нашата историја, не е грев. Во случајов говорам за историјата на нашата Македонија. Недозволиво е од позиција на прв човек на Владата на РМ да се понижува себеси, да го понижува граѓанинот од македонска националност, и останатите граѓани.

Вториот непримерен однос на Премиерот Заев е поврзан со судскиот случај ПУЧ, поврзан со организираното насилство на 27 април 2017 во Собранието на РМ, каде во улога на сведок дава контроверзни изјави. Во првата дадена и потпишана писмена изјава го осудува злосторот и луѓето обвинети за тој злостор, за на последното рочиште тоа го повлече, а судијката Русковска мораше да го опомене.

Немам зборови како да го опишам ваквото однесување на првиот човек на Владата на Република Северна Македонија. Објаснувањето од страна на неговите сопартијци и политички сојузници во Владата дека си ја жртвува политичката кариера за Македонија да влезе во Европска унија е приказна за мали деца. Тоа барем кај мене не минува. Достоинствено е веднаш да си поднесе оставка од позицијата премиер, а неговите сопартијци подобро нека размислат дали ќе му ја дадат довербата да ја води партијата СДСМ.

Анализирајќи ги сите неиздржани изјави и ставови на господинот Заев од самото негово појавување на политичката сцена, говорам во прво лице еднина, господинот Заев не треба да се занимава со политика. Политиката по мене е пресериозен предизвик во развојот на севкупниот напредок на државата и човекот во нејзе како поединец.

Искуството, човечките доблести и знаењето, треба да бидат главните одлики на вистински политичари.

Оставката е единственото исправно решение, кое го очекувам да биде сторено. Луѓе кои бегаат од одговорноста за стореното лошо дело не ги почитувам.

На крајот сакам да споделам дополнителни информации кои се темелат врз мои анализи поврзани со стечајот на Еуростандард банка.

Пред сè, благодарност до телевизијата ТВ24 што дозволи да се отвори дебата на оваа тема со учество на сите учесници кои денес се веќе познати на јавноста. Во дебатата недостасуваа уште личностите кои ја убија банката.

По анализата на моите стручни служби дека се работи за организиран криминал дојдовме до заклучок врз основа на уште две дополнителни информации кои се навистина многу битни. Не говорам само за направени пропусти при носењето на Еуростандард банка во стечај. Во време – невреме без Влада, без Собрание, после вонредна ситуација, без користење на сите алатки на Народна банка и ред други работи кои укажуваат дека процедурите Народна Банка морала да ги примени, а ги прескокнала, со цел да ја ликвидира банката … А причина??? Нема друга причина мои читатели, причината е јасна, а тоа е да не се откријат крајните корисници на 100-те милиони евра украдени пари.

Замислете, во Одборот на доверители при стечајот на Еуростандард банка е влезена и Народна банка. Прашувам – што бара Народна банка да биде во Одборот на доверители? Почитувани, одговорот е еден, нема други причини, освен да се контролира севкупниот тек на стечајот во банката.

Доказ за оваа моја констатација е фактот што извештајот изготвен од стечајниот управител, Тодевски е копија на истиот од Народна банка што го пласираше во времето кога ја однесе банката во стечај. Народна банка не сака да остави ништо на случајот и во дадениот момент се јавува како тотален егзекутор на Еуростандард банка.

Природно и логично се поставува прашањето: кој стои зад Народна банка? Тенденциозноста е од невидени размери, а целта не е само да се убие ЕСБ како правен субјект, туку и да се скрие трагата на парите.

Стечајниот управител одговара само пред судијата кој го назначил, но повеќе од индикативно е дека севкупната контрола на ЕСБ во постапката на стечај се врши од Народна банка.

Има уште илјада прашања од типот ЗОШТО? Мојот одговор на овие илјада прашања зошто, е затоа што сите ние граѓаните на Македонија ги затвораме очите пред организираниот криминал и не сакаме да се справиме со него!

Физичките и правните лица оштетени од стечајот на Еуростандард банка сакам да ги упатам и поддржам дека нивното барање за изземање на Фондот за исплата на штедни влогови од стечајната маса на ЕСБ, е сосема легитимно и на место, бидејќи тие имаат првенство при наплатата од стечајната маса. Нема потреба од создавање на финансиски фондови ако тие не бидат наменети за граѓаните или пак законодавецот смета дека ЕСБ не е последната банка што отишла во стечај, туку ќе следат и други банки. Ваквите прашања поставувајте ги на госпоѓата Бежоска.

Колумната ќе ја завршам со зборовите дека банкарскиот систем и банките во Македонија не се толку силни како што кажува Народна банка на чело со госпоѓата Бежоска. Нема банка во Македонија која нема аномалии во нејзиното работење, нема банка која нема лоши портфолија, само не знам до кој степен, бидејќи “шминката” на сите извештаи и биланси е сеприсутна во нашето секојдневие.

Им се обраќам на новинарите, посебно на тие кои сакаат да се занимаваат со истражувачко новинарство, подлабоко да навлезат во генезата на она што веќе три децении се случува во Македонија, а особено по 2002 година, кога и во сите годишни извештаи на Европската унија за напредокот на Македонија и за идно членство во ЕУ, како врвен негативен сегмент го споменува организираниот криминал.

Ајде да се зафатиме со справување со ова зло.