
Ниска транспарентност на скопските јавни претпријатија
Само 22 од 100%, е средната транспарентност на јавните претпријатија во Скопскиот плански регион. Најтранспарентни се претпријатијата за наплата на такса за паркинг. Половина од јавните претпријатија немаат никакви информации за транспарентноста.
Горан Лефков
Истражувањето е направено на 12 јавни претпријатија основани од општините во градот Скопје, Градот Скопје и општините во Скопскиот плански регион. Од нив 6 јавни претпријатија (ЈП) немаат никакви информации за транспарентноста.
Највисоко ниво на објавување на обврските имаат поголемите ЈП кои имаат сопствени веб страни. Само едно ЈП има едвај ограничено ниво на транспарентност, а дури 6 ЈП имаат оскудно ниво на транспарентност. Највисоко ниво на транспарентност имаат ЈП Паркинзи на Oпштина Центар и ЈП Градски паркинг, а по нив следат ЈКП Водовод Илинден и ЈП Дрисла. Три од овие претпријатија се основани од Градот Скопје, а ЈКП Водовод Илинден е основано од Oпштина Илинден. Останатите претпријатија се помали и основани од приградските општини, освен ЈКП Гази Баба 2007, кое е основано од Oпштина Гази Баба. Поврзаноста на јавните претпријатија со општината, покрај големината, укажува и на капацитетите на претпријатијата и на нивните основачи за исполнување на стандардите.
Според Марија Георгиевска, претседател на Здружението на економски новинари, транспарентноста е многу важна при работењето на комуналните јавни претпријатија.
„Преку транспарентноста и отчетноста се влијае на јавната свест во локалната средина, за потребата од граѓански мониторинг над јавните комунални претпријатија, во насока на намалување на корупцијата на локално ниво и зголемување на транспарентноста на овие претпријатија“, вели Георгиевска.
Најниско ниво на транспарентност и отчетност ЈП имаат во однос на нивото на објавени податоци, документи и информации кои се однесуваат на резултатите од работењето. Само 3 од анализираните претпријатија имаат минимално ниво на транспарентност (ЈКП Илинден, ЈКП Водовод Илинден 35% и ЈП Градски паркинг 30%), а останатите 9 имаат оскудно ниво на транспарентност. Од нив, 6 претпријатија немаат никакви објави на информации, документи или податоци за резултатите од работењето.
Од 12 јавни претпријатија кои беа вклучени во анкетата, само две од нив изјавија дека имаат документ или кодекс на однесување или друг внатрешен акт што го опфаќа и односот кон корисниците на услугите, транспарентноста и отчетноста со кој се регулира односот кон потрошувачите.
ЈКП Зелениково и ЈКП Сарај се изјасниле дека не ги известуваат корисниците на услугите, а сите останати дека ги информираат.
Истражувањето е направено од страна на Здружението на економски новинари и резултатите се однесуваат за 2019 година.
Latest posts by Администратор (see all)
- Сметководители најавуваат штрајк - 18/01/2021
- Прашања до министерот за внатрешни работи, господинот Оливер Спасовски - 18/01/2021
- Еуростандард банка по втор пат - 12/01/2021