Денешна дата
20/01/2021

Македонска голгота

Мојот покоен дедо Димитар или Мицо, имаше куќи во Гевгелија и Ениџе Вардар, денешна Гјаница во Грција, блиску до Пела. Цела Гевгелија беше поделена на гркофили и бугарофили. Дури и денес гробиштата во Гевгелија ги делат на грчки и бугарски. Во тие сложени по живот услови да се говори на мајчин јазик било забрането. Така, мојот дедо Мицо со целото семејство мораше три пати да се сели од Гевгелија во Гјаница, бидејќи куќата му беше три пати запалена од бугарофилите.

Пишува: Трифун Костовски

 

Последните случувања врзани за ветото од нашиот сосед Република Бугарија, за отвoрање на процесот за преговори за наше идно членсто во ЕУ, ми ги наврати спомените за многу трнливиот пат кој ние Македонците сме го врвеле, го врвиме и ќе го врвиме, врзано за нашата македонска самобитност.

Развивањето на националната свест во Македонија, развлачувањето од нашите соседи Бугари, Грци, Срби, кои секогаш, пред сѐ територијално претендирале, но и идентитестски. Националното будење во Македонија, се појавува кон крајот на 19 век, кога насекаде се дефинираат и омеѓуваат националните припадности. Тоа е период кога турската империја е во фаза на распаѓање и кога со дозвола на султанот од Цариград се формирани вазални држави на Турската империја , како Србија, Бугарија и Грција.

Во половината на 19 век, почнува на Балканот да се одвива процес на национално будење, така што со формирањето на посебните држави Србија, Бугарија и Грција, им се овозможува, во рамките на својата држава, да го негуваат својот национален идентитет.

Регионот Македонија, сѐ до периодот на Балканските војни во почетокот на 20 век, беше дел од Отоманската империја. Тоа е периодот кога во Македонија, особено меѓу македонскиот етникум, се правеше тотална асимилација на посрбување, побугарчување, погрчување. Тајните служби, заедно со црквата и учителите, беа главните промотори за ваквиот асимилаторски чин. Тоа се многу тешки моменти за народ кој е во зародишот на своето осознавање и кој сака да биде автентичен и да не се идентификува со никој друг сосед. Притисокот за асимилација е толку силен, што не случајно денес сѐ уште имаме многумина меѓу нас Македонците, кои приклонуваат кон гркофилство, бугарофилство, србофилство. Всушност, тој период на асимилација денес ја создава клучната конфузија.

За насилството правено при асимилацијата ќе ви кажам еден пример кој се случил со мојот дедо Димитар од Гевгелија.

Мојот покоен дедо Димитар или Мицо, имаше куќи во Гевгелија и Ениџе Вардар, денешна Гјаница во Грција, блиску до Пела. Цела Гевгелија беше поделена на гркофили и бугарофили. Дури и денес гробиштата во Гевгелија ги делат на грчки и бугарски. Во тие сложени по живот услови да се говори на мајчин јазик било забрането. Така, мојот дедо Мицо со целото семејство мораше три пати да се сели од Гевгелија во Гјаница, бидејќи куќата му беше три пати запалена од бугарофилите.

Ова е мал приказ на пресијата која е вршена од нашите соседи во периодот на распаѓањето на Отоманската империја, во рамки на која регионот на територијата на денешна Македонија, Турците милувале да го именуваат како Румелија, беше третиран како шведска маса и монета за раскусурување за тукушто формираните држави како Бугарија, Србија и Грција.

Впрочем, Првата и Втората Балканска војна, водена на територијата на денешна Македонија, беше водена за освојување на територии, а со самото тоа и асимилација на Македонците. Од овие Балкански војни најголеми штети претрпевме ние. Нѐ регрутираа да служиме во војски на нашите соседи, нѐ ставаа во ситуација да се бориме брат против брата и најважно овие војни го опустшија целиот регион од храна и стока. Цената која што ја плативме, а за возврат не добивајќи ништо од овие Балкански војни, беше огромна. Од Балканските војни само загуба имаме – територијална, човечка и идентитетска.

Во периодот на Првата светска војна, веќе поделената Македонија, меѓу Бугарија, Грција и Србија, даде премногу жртви без некој да нѐ праша зошто го правиме тоа, и се повторува истата прикаска како за време на Балканските војни.

Овие две војни, целосно ја осиромашија Македонија, бидејќи во континуитет на денешнава Македонија се водеа војни од 1912 до 1918 година. Да не заборавиме, во Првата светска воја, Солунскиот фронт беше токму во Македонија.

Статистиката вели, дека за овие 6 години од 1912-1918 година, нашава Македонија хранела меѓу 1,200 000 и 2,000 000 војници. Цената која што ние ја плативме беше огромна. Не само пљачкосување, туку, многу често имаше изживување од страна на странските војски врз нашите мајки, баби, дедовци. Зулумите, беа огромни. И ден денес имаме наследство од тие зулуми. Болеста сифилис може да биде и наследна, за жал во минатиот век во Мариовскиот регион, многу мали дечиња се родија со оваа болест. Се надевам дека денеска е веќе искоренета, ама кој може да ја сфати тежината на нашиот намачен народ. Разбирање од нашите соседи немаме. Сѐ уште владее римската поговорка homo hominis lupus est. Интензивното будење дека сме ние посебен народ, почна најсилно да се чувствува во Вардарскиот дел на Македонија меѓу периодот 1920-1940 година. Бидејќи голем дел од денешна Македонија беше освоена од нашите соседи Срби, кој вообичаено тргнаа кон асимилација со промена на нашите презимиња, традиции и навики. Отпорот од наша страна беше евидентен и Србите го почувствуваа тоа мошне добро, со атентати правени од страна на македонски патриоти врз видни личности од кралството СХС. Да споменам дека кралот Караџорџевиќ беше убиен од Македонски атентатор Черноземски, во 1934 година во Марсеј, Франција. Околу местото и улогата на Черноземски има секакви прикаски дали е Македонец или Бугарин. По тоа што јас го знам тој е Македонец од селото Патрик, Радовишко, кое село до темел е разурнато после направениот атентат врз кралот Караџорџевиќ. Бугарите имаат свое видување кој и што е Владо Черноземски. Историјата и историчарите треба тоа да го кажат. Но, секако, знаеме дека историјата е променлива категорија и, за жал, подлежи на многубројни читања и толкувања. Токму затоа може да биде опасна за сите политички реторики. Историјата и политиката, одамна е кажано, не треба да се мешаат. Бидејќи можат да одведат и до војна.

Од 1939 година почнува Втората светска војна во која нашиот сосед Бугарија, стана силен следбеник на Хитлерова Германија и Италија, земјата каде е роден фашизмот, во лицето и делото на Мусолини, и се приклучи кон фашистичката оска во оваа страшна војна. 1941 година , на 6-ти Април е нападната Југославија од фашистичка Германија и за многу краток период беше освоена. Бугарите како сојузници на Германците, навлегоа на територијата на Македонија, нарекувајќи се себеси како ослободители, а по мене како нови поробувачи, бидејќи ништо не се смени, туку наместо Србите дојдоа Бугарите и се покажаа во многу полошо светло во времето на  нивното кратко владеење.

Се дигна свеста кај нас Македонците, на почетокот срамежливо, меѓутоа потоа со огромно анти-фашистичко освестување и артикулирање, кога започнаа огромен број Македонци масовно да заминуваа во партизани. Зошто? Затоа што само оваа организација гарантираше наша самостојност, македонска, со сите свои особености, традиции и култура. Војната заврши и Македонија ја доби очекуваната самостојност и прв пат во историјата ние Македонците, во 1945 година, оформивме сопствена држава. Свој на свое!

Во времето на бившата ФНРЈ, а потоа СФРЈ, Македонија доживеа еден невиден економски развој, со имплементирање на сите индустрии од витално значење на самата територија на Република Македонија. Изградивме металуршки комбинат, изградивме рафинерии, изградивме силна хемиска индустрија, фармацевтска индустрија, се подигна писменоста на македонската популација, а тоа го направија луѓе ентузијасти кои од 1946-1948 година беа подготвувани во Учителската школа во Скопје да го описменуваат нашето население низ цела Македонија.

Со овој податок, се сретнав бидејќи во мојот мандат на Градоначалник во 2008 година учителите и учителките прославуваа 60 години од нивното завршување и од нив се запознав со сиот нивен ентузијазам одејќи по најзафрлените места во Македонија да го описменуваат нашиот народ.

Се разбира, описменувањето не го правеле ниту Бугарите, ниту Србите, ниту Грците. Тоа е степенот на нашето осознавање како посебен народ и неопходен чин кој што моравме час поскоро да го наравиме. Вечна им слава на учителите! Нивното дело во нашиве понови Македонски работи треба да биде запишано со златни букви.

Во  времето на СФРЈ имавме вистинско национално будење, во кое што ги оформивме сите институции како универзитети, креирање на модерниот Македонски јазик, формирање на нашата Академија на науките и уметностите, и ред други работи кои се симбол на нашата посебност.

По распадот на СФРЈ, ова романтично време за нас Македонците, формирајќи посебна држава вон федерацијата, беше дочекано од нашите соседи со тотално негирање. Во времето на СФРЈ, Грција и Бугарија молчеа. Зошто? За денес после 45 години од бившата СФРЈ и веќе 30 години од нашата самостојност да бидеме негирани во нашата посебност како Македонци.

Истиот момент по осамостојувањето на Македонија 1991 година, се соочивме со најсилниот удар од соседна Грција, со што ни оспоруваа сѐ што е наше македонско. Зошто не го негираа фактот дека сме Македонци во  времето на СФРЈ? Молчеа! Се плашеа? Што ли ќе беше причината за таквиот молк, за одеднаш после распадот на таа држава да ги покажат своите длабоко скриени намери. Дали е ова лицемерие? Да, почитувани, помешано лицемерие и страв, бидејќи бившата СФРЈ беше меѓу првите армии во светот во воени обуки и наоружување.

Кревката наша самостојност беше соочена веднаш со ембарго од страна на Грција иако Македонија заедно со Словенија излезе после распадот на СФРЈ како земја која е најблиска по Европските стандарди за да биде веднаш приклучена кон ЕУ. Тоа не се случи! Зошто? Затоа што не им одговараше на нашите соседи, кои сѐ уште се надеваа дека Македонија и натаму е Шведска маса. Ембаргото заврши, дојде војната на НАТО во Србија и Косово, во која нашата држава беше индиректно во центарот на сите збиднувања. Бегалската криза во 1999 година остави трајни траги во нашата колективна меморија, иако Македонија беше поддржувач за владеењето на правото и правдата на Косово, факт е дека после оваа војна не доби никаква помош од светската заедница и за жал, заедно со граѓаните на Косово и Јужна Србија и ние Македонците ги чувствуваме последиците на таа војна, бидејќи за прв пат во историјата во воените акции од страна на НАТО се користеше осиромашен ураниум, кој покасно беше повлечен, бидејќи делуваше на локалното население штетно по здравјето, посебно со појавување на брз карцином. Штетите сѐ уште не ги знаеме и не знам дали некој ќе може да ги пресмета од користењето на овој материјал за воени цели, но дефинитивно ние сме колатерална штета.

Следеше потпишување на Преспанскиот договор, меѓу Македонија и Грција, не многу по желба на нас Македонците, меѓутоа во интерес на мирот и просперитетот го прифативме додатокот Северна. Можеме да спориме дали е ова предавништво или не, меѓутоа факт е дека Македонија влезе во НАТО со новото име и нашето именување во дневна комуникација не е Северна Македонија, туку Македонија. Причини за ваквиот однос или користење на ваквиот термин е дека не постојат држави од типот Јужна Македонија, Источна Македонија, Западна Македонија. По мене прашањето на името ќе го реши самото време.

Кога сметавме дека веќе ги поминавме сите препреки кон наше признавање од нашите соседи се случи цунамито од нашиот источен сосед, Бугарија.

45 Години во времето на ФНРЈ и СФРЈ, во главните политички кругови на Република Бугарија, воопшто не се говореше дали постои или не постои Македонскиот народ и јазик. Мудро молчеа, чекајќи ја шансата кога да ни удрат шлаканица. По распадот на СФРЈ, Бугарија беше меѓу првите земји која ја призна нашата независност. За жал не ја призна нашата посебност, но беше факт дека се негуваа меѓу Македонија и Бугарија добро-соседски односи. Владата на Жељо Желев е една од најавангардните Влади на Република Бугарија што јас ја паметам. Господинот Желев имаше визија, модерен политичар, кој гледа кон иднината. Неговото време помина и на Бугарската политичка сцена се појавија политичари од типот на Каракчанов, Борисов, Захариева, Радев. За споменатите кои имаат сериозни позиции во Бугарската држава, предметот историја и натаму останува најсилен адут во нашето негирање како посебен народ. Почитувани пријатели од Бугарија, во мене како Македонец е вградена мојата историја. Се дрзнувате да чепкате по чувствата на поединецот, да го нарушувате мирот и спокојството, бидејќи по вашата логика ние сме неосознаени Блгари и сметате дека со вашите методи на репресија и закана ќе успеете да нѐ превоспитате. Доста е! Бидете реални, ние Македонците со ништо не ви се закануваме, а уште помалку ви се мешаме во вашите внатрешни работи. Вие се мешате во мојот интегритет, вие ми внесувате немир во душата, телото и умот. Зошто ова ни го правите? Па, сфатете еднаш ви се обраќам вам, на Бугарите, Србите, Грците дека и ние сме најмладата нација во вашето опкружување. Не ве молам, туку барам да ме прифатите како посебност и заеднички да ја градиме иднината, ваша, моја и на целиот регион.

Како ќе заврши целиот овој спор со нашиот Источен сосед и колку бргу ќе се реши, незнам, ама сето ова говори дека ние Македонците во изминатите скоро два века изодевме најтрнлив пат кон нашата национална посебност. Не гледам ниту еден народ во Европа, па и во светот дека поминал толкава голгота за потврдување на сопствената самобитност. Јас по националност сум Македонец. Ајде сите да пораснеме на Балканот. Меѓу толкуте национални ентитети кои што живеат и функционираат на Балканот, барам да ме прифатите само како рамноправен меѓу вас. Немаме поголеми барања, бараме да градиме заедничка иднина. Нека ова биде почеток на нашите размисли.