Денешна дата
07/03/2021

ЈА ОПРАВДАВМЕ ЛИ НЕЗАВИСНОСТА

Организираниот криминал и корупцијата, според анализата на Транспаренси Интернешенал, низ која се гледа дека од 180 земји на земјината топка, Македонија е на 111 место, говори дека не само на Балканот, туку и во светски рамки сме една од земјите каде што цветаат корупцијата и организираниот криминал. Еуростандард Банка не постои, но фактите за организираниот криминал постојат. Тие се тука во Македонија, во нејзините институции и високо етаблирани стопански субјекти, секако блиски до власта.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Денеска го презедов насловот од публикуваното издание на нашиот еминентен новинар Ерол Ризаов за неговите колумни, си велам, издадена 2014 година.

Целта на овој наслов е прашањето кое се наметнува и ден денес во мислите на секој поединец во нашата Македонија.

Актуелноста на овој наслов, за жал, и денеска е повеќе од очигледна, бидејќи нашето секојдневие, кое не може да не биде поврзано со економско-политичкиот амбиент во нашава држава е во забрзан слободен пад.

Политичкиот амбиент во основа е креатор на свекупниот развој на секоја земја. Па така и во нашиов случај од лошо, полошо неможе ни да биде. Претендираме да сме демократско општество и де јуре тоа сме, ама де факто во овој плурален амбиент, делуваме како раштиман оркестар.

Грешките направени уште при осамостојувањето на Република Македонија од рамките на бившата СФРЈ, кога се дозволи формирање на политички субјекти и врз чисто етнички основи, во најмала рака ни се враќа како силен бумеранг во нашиот натамошен развој.

Најтипичен пример за ваквата состојба е законот за попис, којшто длабоко ги разбрани политичките партии во македонскиот и албанскиот блок, а и јавноста. За секоја нормална демократска земја каде плурализмот се практикува како систем, пописот е чиста статистичка операција. Пописот во основа значи да се преброиме колку сме како граѓани кои живееме во Република Македонија. Токму на овој план се исцртуваат интересите на етничките заедници, не од аспект да се преброиме, туку од аспект на колку проценти ќе бидеме застапени во нашата независна Република Македонија. Тажно е во 21 век да се сведеме на побројување според етничка припадност, а не според чувство на заедничка државност во кој кохабитираат различни култури. Натпреварот на етничките проценти е доказ дека сме далеку од свеста на основните демократски прогресивни принципи. Никако да се ослободиме од племенско-партиските вители.

Собраниските дискусии врзани со донесувањето на Законот за попис и бојкотот на опозицијате предводена од  ВМРО-ДПМНЕ, при нисењето на овој закон во сила е сериозен сигнал што укажува на фактот дека некои работи во системот на функционирање на политичките партии, час поскоро мораме да ги измениме. Препорачливо е сите лидери на политички партии со нивните најблиски соработници да седнат барем на кафе-муабет, со цел да ги разменат своите ставови и предлози и да пратат јасна порака до граѓаните дека сепак сме унитарна држава и дека националните интереси на државата ни се заеднички. Со тоа ќе пратат порака и до своето членство за соодветна комуникација со своите опоненти од другите политички партии и како краен резултат да се прекине со говорот на омраза, кој што длабоко го разединува севкупното ткиво на Република Македонија.

Законот за политички партии мора да биде изменет, ако претендираме дека сме унитарна држава. Оваа аномалија, почитувани, мораме час поскоро да ја исправиме. Лидерите на актуелните политички партии ги повикувам сериозно да се замислат и час поскоро најдат начин како оваа аномалија треба да биде исправена.

По закон, ние сме унитарна држава, меѓутоа во пракса делуваме како федерална. А овој факт е очигледен во самата територијална поделба на локално ниво, во која се формирани единици на локалната самоуправа се формирани не врз основа на ефикасност и  функционалност, туку врз основа на етникум. Според мене ова не е патот за наша иднина, а особено не на една прогресивна демократска иднина.

Ќе ми дозволите да се осврнам и на изборниот законик, кој што мора час поскоро да се менува, доколку и натаму претендираме да бидеме унитарна држава. Не гледам никакви причини цела Република Македонија биде една изборна единица, со пристап на чист граѓански концепт. Етничките заедници во Македонија и натаму може да опстојуваат и и да ги негуваат своите култури, меѓутоа ако навистина сакаме да изградиме модерна држава, мораме да ги преземеме сите чекори за да изградиме вистинска правна држава, која ќе припаѓа на сите граѓани, без разлика на нивната етничка и верска припадност.

Насловот од книгата на Ерол Ризаов ДАЛИ ЈА ОПРАВДАВМЕ НЕЗАВИСНОСТА и понатаму силно ми одекнува во мојата потсвест и чувствувам потреба да се впрегнам заедно со моите сограѓани за изградба на вистинско модерно општество.

Аномалиите од вака поставениот систем се толку евидентни, што нѐ донесоа како држава не само во Европа, туку и во светот на дното на скалата на вредности вградени во системот и практикувани во секојдневието на обичниот граѓанин.

Организираниот криминал и корупцијата, според анализата на Транспаренси Интернешенал, низ која се гледа дека од 180 земји на земјината топка, Македонија е на 111 место, говори дека не само на Балканот, туку и во светски рамки сме една од земјите каде што цветаат корупцијата и организираниот криминал.

Почитувани, ова е реалноста. Доколку си ја сакаме татковината, мора веднаш да делуваме со цел да излеземе од оваа агонија. Погоре наведените девијантни појави ни го прават животот тежок, неизвесен, и без перспектива. Мораме ние, граѓаните на Република Македонија, самите да ја исправиме оваа грешка од 1991 година. Треба конечно да ја преземеме одговорноста и иднината во свои раце.

Почитувани, повторно ќе ве потсетам на стечајоот на Еуростандард банка.

Банката не постои, но фактите за организираниот криминал постојат. Тие се тука во Македонија, во нејзините институции и високо етаблирани стопански субјекти, секако блиски до власта.

Институциите на системот почнивајќи од Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Народна банка на Македонија и тие што треба да го гонат криминалот, заедно со судството и обвинителството, затаиа. Ова во превод значи дека сите горенаведени институции се соучесници во етаблирањето на организираниот криминал како нормална појава во нашето секојдневие.

Денес бев обвинет од оштетените штедачи на Еуростандард банка за моја инволвираност во стечајот на Еуростандард банка. Не ги обвинувам, бидејќи си го бараат своето. Во нивното барање за изгубеното, јас Трифун Костовски, не сум таа адреса, адресата нека ја бараат во системот. Тие се оштетени и сочувствувам со нив, ама  повторувам, како акционер во банката, јас сум најоштетен.

Зошто оштетените штедачи од Еуростандард банка и натаму продолжуваат да ме прозиваат, иако сум убеден дека и тие ја знаат мојата невиност, бидејќи од првиот ден, од моментот кога се однесе банката во стечај, јас сум на браникот на барањето на вистината и докажав со многу аргументи дека банката е уништена од лица и институции кои ме излажаа мене, а со мене и останатите клиенти на Еуростандард банка.

Се обраќам до сите институции во Република Македонија кои  директно или индиректно треба да бидат вклучени во решавањето на овој, според мене организиран криминал и посебно до оштетените штедачи: ЈАС СУМ ТУКА ВО СКОПЈЕ, немам намера да се кријам или да заминам од земјава. Стојам на располагање да помогнам. Колку ќе ме искористат институциите, во Република Македонија и вие оштетените штедачи, зависи исклучиво од вас.

И на крајот повторно ќе се навратам на самиот наслов на оваа колумна. Минуваат точно три децении од нашата самостојност. Чудно ми е како во овој временски период не успеавме да изградиме вистинска правна држава, иако ги имавме сите референци кога се осамостоивме од бившата СФРЈ во 1990 година, како земја која што излезе од распаѓањето на СФРЈ без војна и вградени во системот на државата сите елементи што даваа основа за брзо влегување во Европската Унија. Колку успеавме да го уништиме стекнатото реноме од бившата ни СФРЈ и да го урнисаме до степен на непрепознатливост. Дали во 90-тите бевме вистинската Република Македонија, или денес? Не е чудно што голем дел од граѓаните имаат сеќавања за некои убави минати времиња! Зарем толку сме не кадарни да се вратиме на таа патека? Убеден сум дека имаме умни и чесни луѓе во Република Македонија кои со посветеност ќе ја вратат државата на вистинскиот колосек.

За жал на политичката сцена не гледам луѓе од таков маштап, кои ќе бидат во состојба да го вратат изгубеното.

Почитувани, од мене толку, а вие размислете и делувајте.

 

Администратор

Latest posts by Администратор (see all)