Денешна дата
07/03/2021

Реакција на Трифун Костовски

До Господинот Арафат Муареми- директор на Управата за финансиска полиција

 

Со внимание го следев вашето интервју дадено за Слободна Европа на 14.02.2021, во кое за случајот со Еуростандард банка навестувате излез од тунелот. Линк од интервјуто: https://www.slobodnaevropa.mk/a/31099275.html

Најодговорно тврдам дека патот по кој сте тргнале да го откриете криминалот во Еуростандард банка е ќор-сокак, доколку и вие како институција учествувавте во креирањето на обвинителниот акт за истрага од страна на Јавното обвинителство.

Ваквиот мој став го темелам врз база на обвинението со кое Јавното обвинителство покрена истрага – наједноставно кажано, обвинението претставува фрлање прав во очите на акционерите и голема невистина за целата јавност.

Жалосно е што живееме во држава каде што институции на системот кои треба да го гонат организираниот криминал се ставени под диригентската палка на Владата на Република Македонија и ресорните министри, вклучително и првиот ешалон на Народна банка. Дали воопшто вие како институција го пратите работењето на Народна банка и дали откривате девијантни процеси во нејзе или пак ја сметате Народна банка како недопирлива и навидум изгледа дека се во Македонија е криминогено, а само Народна банка е најсветол пример за чесна и професионална институција?

За вака изразениот мој јавен став слободно можете да ме гоните. Барам од вас професионален пристап, бидејќи обвинението за истрага по повод стечајот на Еуростандард банка е во најмала мера смешно.

Горенаведеното го велам од причина што имав можност да имам увид во обвинението, изготвено од вас и вашите колеги. Изнесените факти во обвинението се за мене непознаница – не знам за нив ниту 0,1%. Станува збор за виртуелно, лажно креирање на вистината со цел да сензационалистичките апетити на јавноста бидат задоволени!

Ве молам, по четврти пат го повикувам вашиот претпоставен, Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да одговори на прашањето зошто како Премиер на Техничката Влада, носи уредба со сила на закон објавена во Службен весни на 24 март 2020 година, во која децидно се вели: нема покренување на стечај на кој било правен субјект минимум три месеци по завршувањето на вонредната состојба. Зошто истата Техничка Влада, во истиот состав носи нова уредба со сила на закон, објавена во Службен весник на 29 мај 2020 година со која се поништува претходната уредба од 24 март 2020 година и која дозволува покренување на стечај веднаш по завршувањето на вонредната состојба. Единствен правен субјект кој отиде во стечај беше Еуростандард банка.

Господине Муареми, би верувал во вашата професионалност, доколку го повикате вашиот актуелен претпоставен на распит, точно по двете уредби на Техничката Влада кои директно се повзани со стечајот на Еуростандард банка.

Вие сами одлучете господине Муареми. Стојам на располагање за секаков ваш интерес по повод стечајот на Еуростандард банка.

Сето ова го барам од причина што должни сме да  најдеме каде завршиле парите кои се украдени од Еуростандард банка. Само така ќе ја добиете мојата подршка и почит.

 

Трифун Костовски, акционер во Еуростандард Банка

Администратор

Latest posts by Администратор (see all)