Денешна дата
20/04/2021

ОБРАЌАЊЕ

Проценителите на хипотеки кои биле ангажирани од Управниот одбор, честопати запишувале фиктивни вредности на имот без да имаат предходен увид на база “читајте нарачка”, со цел да се задоволат критериумите за доделување кредит. Во разговор со еден од проценителите остварен од новиот Управен одбор, на чело со Господинот Трајковски, ја цитирам изјавата на еден од платените проценители од предходниот Управен одбор кој вели: „Директорот ми кажа да ја напишам вредноста на имотот. За мојата грешка во процената мојата максимална казна е 20,000 евра, немам што повеќе да изгубам.“

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели,

Ќе ми дозволите денеска да ви се обратам како на мои сограѓани со неколку појаснувања поврзани со стечајот на Еуростандард банка. Причината за ова мое обраќање е со цел јавноста ја знае генезата за стечајот на Еуростандард банка, меѓутоа да направи и разлика меѓу прашањето кое е длабоко навлезено во секој од нас, односно кој е виновникот и креаторот на овој стечај.

Најпрво сакам да појаснам дека банкарскиот систем,  а со самото тоа и управувањето со банка како правен субјект е многу специфичен  процес со специфична структура, што подразбира низа специфики на телата кои управуваат со банката. Ингиренциите за нејзиното работење се под строга контрола на Народна банка.

Во изминативе седум месеци, од моментот на објавувањето на стечајот на Еуростандард банка од страна на Народна банка, е пример за злосторство, не само врз мене и моето семејство, туку и по коминтентите на Еуростандард банка како физички и правни лица.

Денес сакам да објаснам кое е местото и улогата на:

  1. Акционер
  2. Управен Одбор – читај генерални директори
  3. Надзорен Одбор – највисоко тело во секоја банка
  4. Одбор за ревизија
  5. Сектор за кредитирање
  6. Комисија за одбрување на кредити
  7. Институции на контрола во самата банка

Сите горе наведени точки се дел од успешното и неуспешното работење на секој правен субјект од типот банка.

  1. Акционер – Акционериите не се занимаваат со секојдневните дејности во банката. Тие ги носат важните одлуки од типот на именување членови во Управниот одбор – читајте генерални директори и усвојување на завршни сметки. Тука завршува улогата на акционерот. Не е грев ниту противзаконски членови на акционерите да бидат дел од структурите од банката, како во мојот пример, кој бев Претседател на Надзорен одбор до 2019 година и во примерот на Коста Костовски како претседател на Одборот за одобрување на кредити.
  2. Управниот одбор е креатор и организатор на свкупното работење на банката. За својата работа тој е должен да даде отчет пред Надзорниот одбор и Одборот за ревизија. На месечно ниво овие состаноци беа редовни. Дневниот ред на Надзорниот одбор и Одборот за ревизија е креиран од страна на правната служба во банката, но под комплетна контрола на Управниот одбор.

Токму во овој сегмент се крие целата генеза за континуираното уништување на Еуростандард банка од страна на Управниот одбор со поедини членови од секторот за кредитирање.

3./4. Во Надзорниот одбор покрај мене беа присутни 6 еминентни познавачи на банкарскиот систем. Во Одборот за ревизија исто така имаше 5 еминентни членови кои беа од областа на банкарството.

Ова значи дека матерјалите на кои работеле овие две тела во банката биле комплетно под контрола на Управниот одбор што со години наназад не ни дозволи да имаме увид во реалната состојба на банката. Вината може да ја барате во мене, во целиот Надзорен одбор, меѓутоа најмногу треба да ја барате во Управниот одбор, кој го сменив кога сфатив дека неговите активности водат кон пропаст на банката и донесов нов менаџерски тим кој требаше да се справи со овој предизвик и да влезе во трагата на одлеаните финансиски средства од банката. Во овој момент ја добивме рампата предводена од Народна банка со покренување на стечај.

Во предходниот текст го опишав местото и улогата на Одборот за ревизија, кој меѓу другото имаше обврски да го контролира севкупното законско работење на сите служби во банката. И за оваа комисија материјалите беа подготвувани од истата правна служба под контрола на тогашниот Управен одбор.

 

  1. Сектор за кредитирање – Целиот проект за кредитирање на правни и физички лица припаѓа на Секторот за кредитирање и раководното лице кое го води овој сектор.

За жал, ние акционерите, членовите на Надзорниот одбор и членовите на Одборот за ревизија, немавме никаков увид во работењето на овој сектор, бидејќи Управниот одбор никогаш не дозволи дискусија или точка за работењето на овој сектор.

 

  1. Комисијата за одобрување на кредити функционира со 5 еминентни личности, вработени во банката и надвор од неа, врз основа на подготвената документација од секторот за кредитирање. Ве убедувам сета документација презентирана пред ова тело од Секторот за кредитирање, секогаш беше уредна и поткрепена со документи. Дали како гаранција биле ставани фиктивни имоти за кои денеска знаеме, а тогаш не можевме ниту да помислиме дека такво нешто е можно или пак со меници што е право на одлучување на Управниот одбор и Секторот за кредитирање. Проценителите на хипотеки кои биле ангажирани од Управниот одбор, честопати запишувале фиктивни вредности на имот без да имаат предходен увид на база “читајте нарачка”, со цел да се задоволат критериумите за доделување кредит.

Во разговор со еден од проценителите остварен од новиот Управен одбор, на чело со Господинот Трајковски, ја цитирам изјавата на еден од платените проценители од предходниот Управен одбор кој вели: „Директорот ми кажа да ја напишам вредноста на имотот. За мојата грешка во процената мојата максимална казна е 20,000 евра, немам што повеќе да изгубам.“ Дали треба коментар на ова?

Почитувани, како може Комисијата за одобрување на кредити да е виновна за фалсификуваните и подметнати документи при одобрувањето на кредити? Кога се освестивме дека улогата на проценителите е куплива, ние со новиот Управен одбор, вработивме сопствени, на платен список на Еуростандард банка проценители, со една еднствена цел ова никогаш повеќе да не ни се случи.

 

  1. Во банката постојат 4 силни институции кои го контролираат работењето на банката.  Голем дел од овие тела беа замолчувани од предходниот Управен одбор, меѓутоа имаше такви што не молчеа, и пред нас членовите на Надзорниот одбор го изнесуваа своето несогласување со политиката на Управниот одбор. Тоа беше почитувани читатели првата и основна причина да навлеземе подлабоко во суштината на проблемите во банката. Првиот чекор што го направивме како Надзорен одбор и Одбор на акционери, беше промена на управувачката структура.

Народна банка од сѐ уште за мене необјасниви причини посегна по стечај на Еуростнадард банка, иако имаше комплетна подршка од нас акционерите, од новиот Управен одбор и од сите служби во банката, со цел да го надминеме овој тежок период.

Некој одлуката за стечај ја донел многу порано, бидејќи е евидентно дека ќе дојдевме до крајната дестинација согледувајќи каде завршиле одлеаните средства од банката и врз оснва на тие сознанија да бараме нивно враќање. Некому тоа не му одговараше. Не сакам да погодувам кому, ама факт е дека се работи за организиран криминал кој функционирал во банката повеќе години наназад, а нас акционерите „не пренесе жедни преку вода“.

Поичтувани, одбивам да прифатам секаква сугестија за моја свесна вина и вина на моето семејство за вкупните случувања во Еуростандард банка.

Бидете убедени, немаше никакви индикации дека оваа банка може да оди во стечај, имајќи нѐ нас како сериозни акционери, имајќи ја улогата на Еуростандард банка во севкупниот платен промет во земјата, и имајќи ги во основа интересот на обичните физички и правни лица, коминтенти во Еуростандард банка.

Се надевам дека ќе престанат нападите кон мене и моето семејство за нашата вмешаност во овој мега скандал.

Јас продолжувам во мојата битка за вистината и верувајте дека многу брзо ќе се симнат маските.

Останете ми со поздрав.