Денешна дата
20/04/2021

КОМУ МУ СМЕТАШЕ ЕУРОСТАНДАРД БАНКА

ПОТЕНЦИАЛЕН ПАРТНЕР Е ОДБИЕН, не е примен ниту на кафе муабет, а ги исполнуваше сите услови на Народна банка за влез во капиталната структура на банката. Евидентно е дека носењето на одлуката за стечај на Еуростандард банка од страна на Народна банка е донесена на принцип, ЧАС ПОСКОРО. Убеден сум дека во моментот кога почнавме да ја загрозуваме групата која однатре ја руинираше банката во соработка со надворешни криминални групи, е донесена одлуката банката да се носи во стечај.

Пишува: Трифун Костовски

 

Секојдневно анализирајќи ги темелно и детално случувањата околу стечајот на Еуростандард банка, кои се на врвот од мојата секојдневна работна агенда, сѐ уште останува отворено прашањето кому му сметаше Еуростандард банка, со цел на најбрз начин да се однесе во стечај.

Почитувани, секој ден сум во комуникација со оштетени физички и правни лица, кој сакајќи да добијат повеќе информации околу можноста да си ги наплатат сопствените средства од стечајната маса и доаѓам до фрапантни податоци, кои уште повеќе го зацврстуваат мојот став дека одлуката за елиминирање на Еуростандард банка е донесена од поодамна, многу претходно пред денот кога таа беше званично однесена во стечај, на 12 август 2020 година. Ќе се прашате зошто ова го пишувам и отворено ги ставам сите мои сознанија пред јавноста.

ПОТЕНЦИАЛЕН ПАРТНЕР Е ОДБИЕН, не е примен ниту на кафе муабет, а ги исполнуваше сите услови на Народна банка за влез во капиталната структура на банката. Евидентно е дека носењето на одлуката за стечај на Еуростандард банка од страна на Народна банка е донесена на принцип, ЧАС ПОСКОРО. Не се употребени низа алатки кои Народна банка со закон била обврзана да ги користи со цел работењето на банката биде во согласност со Законот за банки.

Тука коментар не е потребен.

Прашањето е кој стои зад оваа одлука?

Ќе ми дозволите во натамошниот текст да изнесам неколку податоци кои јавноста треба да ги знае:

  1. Техничката Влада на чело со Техничкиот Премиер Оливер Спасовски, донесе контрадикторни уредби во поглед периодот за покренување на стечај кај правни лица после завршувањето на вонредната состојба, бидејќи со првата уредба на Техничката Влада, објавена во Службен весник на 24 март 2020 година се гарантира дека ниеден правен субјект не смее да оди во стечај минимум три месеци по завршувањето на вонредната состојба.

Со исто таква уредба, ама сега објавена на 29 мај 2020 година, предходната уредба се суспендира и се дозволува отворање стечај веднаш после завршувањето на вонредната состојба.

Единствен правен субјект кој отиде во стечај тој период, беше Еуростандард банка.

Токму затоа уследија моите јавни повици за одговор од тогашниот премиер на Техничката Влада, Оливер Спасовски, а сега актуелен Министер за внатрешни работи.

 

  1. Го сменивме стариот  Управниот одбор, и поставивме нов Управен одбор во Еуростандард банка. Новиот Управен одбор бидејќи ни беа одземени правата да работиме со правни и физички лица како банка, се посвети исклучиво кон трагање по средствата кои беа излеани од банката и инсистираше на нивно итно враќање. Тогаш сфативме дека предходниот Управен одбор има организирана мрежа за перење пари преку свои луѓе во секторот за кредитирање и во одредени филиали низ Македонија. Новиот Управен одбор бараше од сите филијали како знаат да ги вратат парите назад. Убеден сум дека во моментот кога почнавме да ја загрозуваме групата која однатре ја руинираше банката во соработка со надворешни криминални групи, е донесена одлуката банката да се носи во стечај.

Почитувани, стечајот, а посебно на банка, ни најмалку не е наивна работа. Трагите на вашите и моите пари мораа да се скријат час поскоро. Без асистенција на системот во државата стечајот не ќе можеше да биде извршен. Да повторам, организиран криминал не може да постои без асистенција на одредени структури на системот во државата и групи на луѓе на позиции на моќ кои се организатори.

  1. Отворено прашање до Комерцијална банка: Фирмите ПРОТОТИП, ГАЛАФАРМ1, ГАЛАФАРМ2, при отворањето на стечајот се регистрирани во депото на Еуростандард банка како лоши пласмани. Тоа се клиенти првенствено на Комерцијална банка и делумно наши, меѓутоа никако со бројките кои се покажани во книгите на Еуростандард банка како лоши пласмани. Доколку постоеше партнерски и професионален однос од Комерцијална банка кон Еуростандард банка, мораше да си ги преземе клиентите назад од причина што кредитното портфолио беше во незавидна состојба. Особено ова е значајно за фирмата ПРОТОТИП, која во Еуростандард банка беше во најлоша категоризација во вредност од 2,5 милиони евра, иако во меѓусебната соработка меѓу Еуростандард банка и ПРОТОТИП сумата од 30 милиони денари никогаш не била надмината.

Исто така, барам одговор од Надзорниот одбор на Комерцијална банка дали е запознаен со фактот дека депозитот на Еуростандард банка во Комерцијална банка од 3 милиони евра е исчезнат. Тоа е депозит кој служеше како гаранција за добивање на кредит на фирмата Гофи, кој кредит редовно се сервисираше до покренувањето на стечајот. Овие 3 милиона евра не смееа да се користат за никаква друга намена без согласност на Надзорнот одбор на Еуростандард банка и Надзорниот одбор на Комерцијална банка. Надзорниот одбор на Еуростандард банка никогаш не беше информиран од Управниот одбор за тоа дека овие средства ќе се користат за други цели. Прашувам: дали Надзорниот одбор на Комерцијална банка е запознаен со овој незаконски акт?

Почитувани читатели,  бидете убедени, Народна банка во детали ги знаеше односите меѓу Комерцијална банка и Еуростандард банка. Свесен сум дека Народна банка знаеше за сите мангуплуци, за пренесувањето на лоши пласмани во други банки, партнери на Комерцијална банка, во моменти кога Народна банка праќаше своја супервизија. За жал констатирам дека Народна банка е сведок и извршител на сите злодела врз Еуростандард банка, штедачите и партнерите кои ги имавме меѓу физичките и правните лица и нас акционерите во банката. Моја лична перцепција е дека мојот лик и дело некому треба да му биде ловечки трофеј. Мало сутра што би рекли Срби. Секако, тоа ќе им остане „пуста желба“, како што се вели во нашето народно творештво. Јанлаш се ако мислат дека ќе успеат да ми го погазат угледот.

Почитувани, во идните колумни ќе бидете детално информирани за начинот како се користеле сметките на приватни и физички лица за вршење на трансфер на пари. Ќе разоткријам како се одвивало перењето пари без знаење на самите сопственици. Ваквата пракса за жал не била само во Еуростандард банка.

Јас продолжувам да трагам, со цел вистинта на виделина да ја изнесам. Најискрено, се плашам дека ќе налетам на криминал од невидени размери кој може многу тешко да го погоди целиот банкарски сектор и иднината на Република Македонија.

Останете ми со здравје.