Денешна дата
20/04/2021

ПРОЗИВКА

Минатата недела го искажав својот гнев, бидејќи се нарушени сите вредносни принципи во нашево општество. Гневот и понатаму е присутен во мене и бидете сигурни дека ќе најдам сили да го пребродам овој многу тежок период, не по мојата материјална страна, туку по мојата морална вертикала.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Полека изминува и осмиот месец од носењето во стечај на Еуростандард банка и полека излегуваат на виделина лицата кои се употребени за забошотување на вистината околу стечајот на  банката, што е направен без преседан во историјата на банкарството.

Таксативно ќе ги именувам лицата од кои барам одговор со кој ќе биде запознена целата јавност во Македонија за вистината околу стечајот на Еуростандард банка.

  1. Оливер Спасовски, актуелен Министер за внатрешни работи и Премиер на техничката Влада во периодот кога банката се стави во стечај. По четврти пат ве прашувам ЗОШТО Техничката Влада во време на вонредната состојба во земјата, која беше воведена заради пандемијата Ковид-19, носи уредба со сила на закон објавена во Службен весник на 24 март 2020 година, со која се дава тримесечен период за не превземање активности и носење на правни субјекти во стечај после завршувањето на вонредната состојба?

Зошто со исто вакава уредба од вашата Техничка Влада, објавена на 29 мај 2020 година предходната уредба се поништува. Што во превод значи после вонредната состојба – стечај одма. Барам конкретен одговор.

  1. Анита Ангеловска Бежоска, актуелна Гувернерка на Народна банка на Македонија да одговори ЗОШТО не ги користеше алтките вонредни мерки, кои ѝ беа на располагање за одземање на лиценци за работа во структурите на банката: Надзорен одбор, Управен одбор, Одбор за ревизија. Зошто ја одбегна најклучната алатка , воведување на администрација во банката, бидејќи ликвидноста на банката во ниеден момент не беше донесена во прашање. И на крајот, ЗОШТО не го примија на разговор потенцијалниот партнер за купување на банката, кој согласно критериумите на Народна банка ги исполнуваше сите услови да биде ко-сопственик или сопственик на банката.
  2. Го повикувам судијата Седат Реџепагиќ од Основниот кривичен суд, да даде објаснување ЗОШТО носи одлука за замрзнување на мојот имот и на имотот на мојот син Коста?  Образложението во вашето решение господине Реџепагиќ е смешно. Вчерашниот ден е посветен од страна на Обединетите Нации како ден на совеста. Ве прашувам дали со чиста совест го донесовте ова решение?
  3. Го повикувам Претседателот на Совет на судии Огнен Ставрев да даде одговор ЗОШТО е одбиена нашата жалба, поднесена од мене и од мојот син Коста, за одмрзнување на имотот кој е во наша сопственост. Моите правни советници од Австрија велат дека образложението е смешно.
  4. Го повикувам Јавниот обвинител Љубомир Јовески да даде дозвола на неговиот колега, обвинителот Наум Пановски, кој ја води истрагата за стечајот на Еуростандард банка, да го обзнани во јавноста целиот текст од смешниот  и неиздржан обвинителен акт против мене и мојот син Коста.

 

Почитувани читатели, јавноста мора да знае за целиот процес како се води овој немил настан во земјата, бидејќи повеќе од јасно е дека се импровизира со фактите, со цел да се купи време и предметот да оди во заборав, а целиот случај да биде ставен ad-akta.

Доколку од горе наведените лица некој се чувствува повреден од мојата јавна прозивка, стојам на располагање да бидам тужен за навреда или клевета.

Почитувани читатели,  минатата недела го искажав својот гнев, бидејќи се нарушени сите вредносни принципи во нашево општество. Гневот и понатаму е присутен во мене и бидете сигурни дека ќе најдам сили да го пребродам овој многу тежок период, не по мојата материјална страна, туку по мојата морална вертикала.

Се извинувам што многумина оптоварувам со оваа темата која е поврзана со апсурдноста на стечајот на Еуростандард банка, меѓутоа целта ми е да се разбуди меѓу нас граѓаните свеста за владеењето на правото и правдата. Во моето секојдневие се сретнувам со многумина правни и физички лица кон кои државата направила слични грешки.

Пишувајќи за себе, пишувам во името на сите оштетени граѓани од системот на Република Македонија.