Денешна дата
23/09/2021

СОВЕСТ

Пари во банката има да ги подмири сите правни и физички лица, чија сума е цирка 36 милиони евра и сега се поставува прашањето, што со вишокот пари? Стравот дека ќе пукне срам за стореното злодело треба да предизвика лавина на оставки како во самата Народна банка исто така и во одредени структури од самата власт. Oрганизираниот криминал добива легитимитет од институциите на државата.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Веќе изминува цела година од упокојувањето на Еуростандард банка со нејзинoто носење во стечај. Актерите на ова злодело кои се наоѓаат во самата Народна банка и надвор од неа, сѐ уште не се ниту допрени од правдата.

Велат правдата доцни, ама ќе дојде. Јас верувам во оваа изрека , најповеќе од мојата лична детерминираност да дојдам до имињата на крајните виновници за ова злосторство и секако да барам адекватни казни за сторителите.

Сакам да ја информирам јавноста дека ние како семејство покренавме кривична пријава против Народна банка на чело со Госпоѓата Бежоска и нејзините најблиски соработници и советници, во која аргументирано ги посочуваме сите аномалии и пропусти при носењето на Еуростандард банка во стечај.

Изминува цела година во која немирот што се всели во моето семејство за направениот зулум, ме поттикнува да истраам во оваа моја мисија за откривањето на вистината и правдината.

Кривичната пријава против Народна банка е направена врз база факти кои недвосмислено говорат за тенденциозноста во поглед носењето на Еуростандард банка во стечај. Денес, по скоро измината година од стечајот, ситуацијата е сѐ уште нетранспарентна, околу собраните средства во банката и ќе ми дозволите во натамошниот текст да пренесам некои информации што може да се третираат и како шпекулации, бидејќи ги немаме сигурните извори и официјалните податоци за состојбата на Еуростандард банка во стечај.

На јавноста ѝ е познато дека Уставниот суд го избриша членот 193 од Законот за банки, со кој Фондот за заштита на депозити е елиминиран како можен доверител на банката. Повторувам, информациите не ми се достапни и користам информации што можат да се користат и како шпекулации.

Денес во вкупната стечајна маса се говори за собрана сума меѓу 55 до 57 милиони евра, притоа сите хипотеки и имоти на Еуростандард банка се недопрени, а по наша проценака минимум треба да изнесуваат повеќе од 30 милиони евра.

Чувствувам дека темпото за наплата на стечајната маса е спалснато, бидејќи од поединци имам информации дека не се во состојба да си ги подмират своите обврски према банката, а воедно немаат ни упатство како треба да си ги завршат своите обврски. Ова ме упатува на заклучок дека пари во банката има да ги подмири сите правни и физички лица, чија сума е цирка 36 милиони евра и сега се поставува прашањето, што со вишокот пари? Стравот дека ќе пукне срам за стореното злодело треба да предизвика лавина на оставки како во самата Народна банка исто така и во одредени структури од самата власт.

Почитувани, погоре наведените цифри се реалност и сакам да ве убедам дека доколку Еуростандард банка во стечај биде поконсеквентна, бидете убедени дека ќе ги наплати и т.н. најлоши пласмани на банката.

Отворено прашувам, со каква совест живее раководството на Народна банка на чело со Госпоѓата Бежоска, дали мирно спие? Отворено прашувам со каква совест спие и бившиот Технички Премиер Оливер Спасовски во времето на носење на Еуростандард банка во стечај, а денеска актуелен Министер за внатрешни работи? Дали со мирна совест спијат и организаторите на овој грозоморен чин кој се надвор од институциите на Народна банка и Владата на Република Македонија? Дали можат сето ова да го заборават и да продолжат како ништо да се нема случено? Повеќе десетици илјади граѓани се соочија со последиците од овој тежок криминал. Не, почитувани мои читатели, сите ќе поднесат отчет за стореното злодело. Не можам да го утврдам тајмингот кога тоа ќе го сторат, бидејќи се е врзано со политичките игри во нашиот реален живот.

Јас продолжувам по патот да ја докажам вистината за Еуростандард банка и во оваа моја борба ќе ги искористам сите можности кои ми се на располагање, секако согласно правото и правдата.

Почитувани пријатели, сакам да ви порачам дека мора да му застанеме на патот на ова злосторство, бидејќи тоа што мене ми се случи пред година дена и на уште десетици илјади граѓани може да ви се повтори утре и вам и на други наши сограѓани кои ќе бидат оштетени од системските аномалии каде организираниот криминал добива легитимитет од институциите на државата.

Јас не сакам да живеам во држава во која владее организираниот криминал и отворено ќе се борам за негово искоренување.

Почитувани, погоре напишаното има само една цел – НЕ СМЕЕМЕ ДА ДОЗВОЛИМЕ ЗАБОРАВОТ ДА ГО ПОКРИЕ ОВА ЗЛОДЕЛО.

 

 

Latest posts by Администратор (see all)