Денешна дата
01/12/2021

МАКЕДОНСКА РЕАЛНОСТ

Преку стечајот на Еуростандард банка сфатив дека институциите биле логистичка поддршка за постоење на организираниот криминал во банкарството. Таа институција се вика Народна банка.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

 

Помина првиот круг од локалните избори кој на виделина ги извади сите аномалии што се присутни во нашево општество и што се директно поврзани со иднината на секој поединец и нашата држава.

Транзицијата низ која Македонија минува влегува во нејзината четврта деценија. Недостасуваат многу нешта во животот на граѓаните за тие да биде задоволни од она што е направено во изминатиов период од нашето осамостојување. Имам впечаток дека цело време се вртиме во круг. Тоа впрочем го потврдија и кампањите на политичките партии за веќе одржаниот прв круг на локални избори. Сведочевме на кампањи што се водат без вистинска иновативност и визија, без идеолошка но и без менаџерска подлога. Заклучувам дека денешниве кампањи во ништо не се разликуваат од кампањите водени во раните 90-ти години, а можеби се и полоши, побезидејни. Како времето да застанало, како да постои некоја сила која ни го запрела нашиот еволутивен развој. Почитувани пријатели, развојот ни е сопрен и таа сила е токму во нас – огледалото за нашиот од во празно.

При секој изборен циклус основните пораки се дека треба да имаме фер и демократски избори. Си го поставувам прашањето, зошто толку често се повикуваат на оваа флоскула, кога веќе имаме политички систем кој сам по себе треба да биде демократски? Во психологијата тоа се нарекува трансфер – штом се инсистира на нешто што всушност треба да се подразбира, значи дека длабоко во потсвеста се знае дека тоа нешто е по знак прашање. Во случајов, штом толку се инсистира на фер и демократски, тоа значи дека е под знак прашање и демократијата и фер односот при изборите. Демократијата прво треба да се негува кај секој поединец  дома, читајте во самата партија, а потоа да биде имплементирана во целото општество. Нема изборен циклус да не се појавуваат сомнежи околу веродостојноста на волјата на гласачите. Сведоци сме на невиден притисок кај одредени групи, социјално загрозени граѓани на кои им е наметнато со сила како и за кого треба да гласаат во тој изборен циклус. Полнење кутии на самиот ден на избори, нудење мито, или поткуп на самиот ден на гласање. Уцени од најнезамислив начин за една демократија. Почитувани пријатели, дали сметате дека овие девијантни појави во изборните циклуси се желба на граѓаните или тоа е дело на самите политички актери, почнувајќи од самиот врв на така наречените лидери? Јас, а убеден сум и вие како поединци, не сте во состојба да поткупувате гласови или да полните кутии.  Кому му е во интерес да  манипулира со јасно изразената желба на гласачите, само со цел да се дојде на власт. Која е причината за толку силна борба за освојување на власта? Ако изанализираме во изминатите три децении како се стекнува со статус на финансиска и општествена сигурност, доаѓам до заклучок дека луѓето кои се бават со политика си обезбедуваат удобен и конфорен живот. Преку политиката запловуваат и во светот на бизнисот каде што не важат пазарните правила, туку важат правилата за блискост и клановски врски со владеачката партија. На самиот ден пред избори, сите политичари се колнат во името на народот дека ќе работат посветено и за јавното добро и за граѓаните. За жал посветеноста завршува, барем од досегашната пракса, во истиот момент кога избраниот кандидат или партија ќе седне во фотеља. Во тој момент почнува да владее интересот, не за граѓаните туку за поединецот. Заклучувам дека габаритот на политичките партии и нивните лидери се заробени првенствено од сопствените желби за благосостојба и владеење и дека тие во основа се изворот на сите девијантни појави кои што денес се присутни во нашето секојдневие.

Почитувани, со ваков начин на практикување на власт и демократија Македонија ќе тапка во место и ќе бидеме сведоци на масивно иселување на младата популација од Македонија, а сето тоа во недолг период од денес па натаму ќе ни се врати како бумеранг со празни градинки, празни училишта, празни универзитети и недостаток од стручна, млада образувана популација која треба да биде локомотивата за напредок на нашата држава.

Почитувани, морав оваа моја размисла да ја споделам со вас по првиот ден после првиот круг на локалните избори. Многумина од вас ќе се прашаат зошто баш сега? Моето објаснение е сосема логично, бидејќи трагајќи за причините за носењето на Еуростандард банка во стечај многу подлабоко и посуштински почнав да ги анализирам аномалиите во општеството и да ја барам генезата за нивното појавување. Да имавме вистинска демократија, да имавме партиски натпревари во нудење на проекти и нивна реализација, Македонија ќе беше на многу повисоко рамниште од колку што е денес. Денес, доколку се сложувате со мене дека  политичките партии во Македонија се креатори на девијантните појави во самите изборни циклуси како поткуп, полнење кутии и мобинг, тогаш можеме да заклучиме дека работава не ни оди на арно. Моите анализи ме носат до заклучок дека борбата за освојување на власта е како гладијаторска битка на живот и смрт. Победникот го добива како трофеј буџетот дали на централно или општинско ниво, имајќи ги во владение и институциите на системот кои ги става исклучиво во интерес на партијата на власт. Заклучувам дека институциите на системот како судство, обвинителство, полиција, Народна банка се само сегменти за остварување на партикуларните лукративни цели. Впрочем, како можете да го објасните фактот што работев 27 години надвор од Македонија, во Полска, Австрија, Швајцарија, Русија и Украина, каде што моето работење, како и мене и мојот капитал беа заштитени од системот  на овие држави. Таму тие водеа грижа за мене и сега замислете со истиот тој капитал доаѓам во Македонија каде што моите македонски институции не го штитат мојот капитал, туку напротив дозволуваат да ми биде уништен. Преку стечајот на Еуростандард банка сфатив дека институциите биле логистичка поддршка за постоење на организираниот криминал во банкарството. Таа институција се вика Народна банка.

Почитувани пријатели, минаа 14 месеци од носење на банката во стечај. Немирот и понатаму владее во мене за направеното  злодело, меѓутоа не можам да разберам со каква леснотија Народна банка ја донесе одлуката за овој чин, ова убиство и што е уште многу потрагично однесе банка во стечај, каде имаме оштетени правни, физички лица и акционери, додека во самото раководство во Народна банка владее комплетна хармонија. Совест за направеното злодело по сѐ изгледа не постои! Дали истрагата околу стечајот на Еуростандард банка треба да се прошири и на високо рангирани службеници во Народна банка или високо етаблирани личности во банкарскиот свет е прашање од суштинско значење на институциите полиција, финансова полиција и обвинителство.

Почитувани читатели, ова беше само моја лична анализа на нештата кои владеат веќе три децении во Македонија. Погоре напишаното  мене ми се случи. Доколку не застанеме на патот на овие девијантни појави во општеството, почнувајќи токму од изборите, за жал ќе мора да очекувате дека утре може и вие да бидете жртви на овој систем и на вакво практикување на власт. Јас и ќе настојувам што повеќе да ги споделувам со вас моите размисли на ова поле само со една цел, како да го надминеме ова веќе втемелено во нашето секојдневие лошо практикување на владеење. Вие размислете.

 

Latest posts by Администратор (see all)