Денешна дата
01/12/2021

ГРАДОНАЧАЛНИК

Не сум убеден дека направивте добар потег што проектот за пневматски трамвај го ставивте во депо. Во 2009 година оставив финален проект за првата трамвајска делница од Лисиче до Центар со утврдени траси, со направен проект за изградба на депо за 48 трамвајски композиции. Дури оставив 8 милиони евра финансиски средства во касата на Градот при моето заминување,  со цел да се отпочне со овој проект. За овој проект беа потрошени 1,5 милиони евра, пари на Градот. За жал овој проект отиде во историја.

 

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Измина токму една недела од инаугурацијата на новата градоначалничка на Град Скопје, Госпоѓата Данела Арсовска. Изминаа само 5 работни дена во кои се испрофилираа во етерот одредени активности кои барем за мене не говорат позитивно дека се работи за вистинска предводничка/лидерка на Градот која има капацитет да стане негова вертикала и да го води понатаму во прогресивен и современ развој. За само 5 дена успеа да го раскине договорот за украсување на градот по повод претстојните новогодишни и божикни празници, со образложение дека треба да штедиме во пресрет на енергетската криза. Истовремено го стави во депо проектот пневматски трамвај што беше во фаза на финален проект. Трет потег што буди сомнеж е нејзиното непојавување на манифестацијата на доделување на 13 ноемвриските награди кои традиционално се доделуваат токму на денот на ослободувањето на Град Скопје. Признавам дека се работи за многу динамичен развој на нештата во Градот Скопје за само 5 дена, каде не видовме нов проект или нова визија, туку раскинување на договори и непочит кон најголемиот ден на Град Скопје, 13 Ноември.

Актуелната градоначалничка Арсовска со прекрасно CV, меѓутоа без искуство на водење ваков сложен систем како Град, не смее да си дозволи вакви избрзани одлуки што ќе го отсликаат нејзиниот карактер и познавање на нештата со кои што објективно треба да се соочи во секојдневното функционирање на Градот Скопје.

Госпоѓо Арсовска, не сакам да ве навредам, меѓутоа вие денеска сте Бела книга и tabula rasa во познавањето на суштинските проблеми на Градот Скопје. Градот Скопје е жива материја и мора сите ваши одлуки да бидат издржани и потврдени од тим на луѓе кои многу добро ја владеат материјата за која вие носите одлуки. Не смеете да дозволите поради енергетската криза ние граѓаните на Град Скопје да не ги поминеме убаво Новогодишни и Божикни празници кога токму уличните осветлувања и украси се клучниот чинител на тој амбиент. И покрај енергетската криза и Ковидот-19 кој е сѐ уште е присутен меѓу нас, не смееме да го одземеме живото на Град Скопје, а тоа е да ја испратиме старата 2021 година и да ја дочекаме новата 2022 година на начин кој станува традиција на Град Скопје со песни и танци.

Не сум убеден дека направивте добар потег што проектот за пневматски трамвај го ставивте во депо. Не видов издржана и аргументирана анализа зошто го правите ова и што нудите во замена. Не го видов тимот кој стои зад вас во оваа ваша одлука. Верувајте 250 нови, најмодерни автобуси не се решение за јавниот сообраќај на Град Скопје. Предлагам да ја приспитате вашата одлука и да дозволите тој проект биде оценет од стручни лица, па дури потоа да донесете правилна одлука. На оваа точка имам посебен порив да ви се обратам – не правете ја истата грешка како поранешниот Градоначалник Коце Трајановски. Во 2009 година оставив финален проект за првата трамвајска делница од Лисиче до Центар со утврдени траси, со направен проект за изградба на депо за 48 трамвајски композиции. Дури оставив 8 милиони евра финансиски средства во касата на Градот при моето заминување,  со цел да се отпочне со овој проект. За овој проект беа потрошени 1,5 милиони евра, пари на Градот. За жал овој проект отиде во историја, како и мојот труд  и трудот на моите соработници и администрација и најтажно парите на граѓаните. Основното прашање е зошто ова се случи? Страв да не се издигне некој Градоначалник кој отпочнал некој револуционерен и прогресивен процес во Градот? Да не живееме во илузии. Светот не почнува од мене, а ниту од вас. И пред вас има Градоначалници кои го вложиле својот труд за доброто на Градот. Тргнете ја политичко-партиската перцепција и вратете ја човечката димензија на вашето владеење во овие 4 години. Следете ги потребите на граѓаните и секако настојувајте да ги имплементирате вашите замисли доколку навистина тие се во интерес на самите граѓани и на Градот. Нихилизмот сам по себе е деградирачки и деструктивен. Живото на Скопје и скопјани не доаѓа со вашето доаѓање. Сакам да разберете дека вие сте човек кој денес ја имате таа функција и дека во блиско време ќе ве замени некој друг. Континуитет во водење на Градот мора да постои, бидејќи вие сте денеска Градоначалник не само на гласачите кои вам ви го дадоа гласот , туку и на граѓаните кои гласаа против вас.

Ве убедувам, мора длабоко да размислите како ќе го проектирате јавниот сообраќај на Градот Скопје. Мошне сериозен предизвик и затоа барајте совет од стручни тимови кои ја познаваат оваа материја. Вашето време на ветување заврши, морате да го одработите вашиот мандат, согласно потребите на граѓаните.

Ме заинтригира вашата изјава веднаш после завршените локални избори дека вие не сте го победиле Петре Шилегов, туку Зоран Заев. Со ваквата изјава давате политичка конотација во самото водење на Градот Скопје. Расчистете со себе дека Скопје и граѓаните на Скопје не се сопственост на ниту една политичка партија, тие се простум жители на Град Скопје. Вие го победивте бившиот Градоначалник Петре Шилегов, ама најголема заслуга за вашата победа ја има токму неговиот лидер Зоран Заев.

И на крајот вашето непојавување на манифестацијата на доделување 13 ноемвриски награди на денот на ослободувањето на Град Скопје е тешко разбирлив чин. Не сакам да прифатам дека сте личност која има суета и која нема почит за нашиот континуитет. Суетата и немањето почит за наследството ќе ви се врати како бумеранг. Мој совет како бивш градоначалник, а дали ќе го прифатите или не тоа е ваше право, е да не влечете потези и носите одлуки без издржана анализа на луѓето и тимовите кои ја познаваат одредената специфична материја. Никој нема да ви пререче доколку следниов период од неколку месеци останете тивки и отпочнете да ја осознавате структурата на Градот Скопје, неговите потреби и секако да се посветите на создавање на сопствен тим од експерти кој треба да ги реализира проектите и зафатите кои предстојат. Упатно е во првите 6 месеци само да слушате и учите за тоа како треба да се води Градот Скопје. Ве молам да не бидам погрешно разбран дека сум против вашето именување на Градоначалничка на Град Скопје, напротив поддржувам млади генерации, добро едуцирани, со визија кои умеат тимски да работат. Покажете димензија на континуитет поканувајќи ги бившите живи Градоначалници на Град Скопје на кафе-муабет и бидете убедени дека ќе слушнете и научите нешто што ќе ви биде потребно во вашето понатамошно посветено работење.

Дама сте, прва жена Градоначалничка на Град Скопје, честитки за изборниот успех и очекувам да ви честитам и за реализираните проекти во иднина. За администрацијата на Град Скопје, вклучително и јавните претпријатија, настојувајте со вашата широчина и мајчински инстикт да направите синергија низ која ќе се види дека партиската припадност е ставена на страна. Имате исклучително добро професионална администрација.

Госпоѓо Арсовска на вас оставам како ќе се справувате со предизвиците кои ви предстојат. Заедничкото добро на Скопје и скопјани треба да ви бидат приоритет.

 

Latest posts by Администратор (see all)