Денешна дата
01/12/2021

ЗАРОБЕН ОД СВОИТЕ

Од добиените изјави, најповеќе се споменува Комерцијална банка како банка преку која поминале најголем процент на финансиски средства одлеани од Еуростандард банка. „Има нешто гнило во државата Данска”, а јас би дополнил, гнило во државата Македонија.

 

 

Пишува: Трифун Костовски

 

 

Почитувани читатели,

Изминаа повеќе од 15 месеци од упокојувањето на Еуростандард банка. За мене нема да постои мир сѐ додека не ја најдам генезата и чинителите на овој злостор врз штедачите, физичките и правните лица и нас акционерите. Многупати пишував аргументирано за пропустите кои се направени за носењето на мојата банка во стечај. Денес дополнително ќе споделам со вас  нови моменти од истрагите со кои сум запознаен и ги водат официјалните институции во Р. Македонија и мојата приватна истрага која очекувам дека на почетокот од 2022 година ќе биде објавена во јавноста.

Увидот кој што ми беше дозволен во изјавите на одредени личности, дадени од страна на бивши вработени во Еуростандард банка, ми дава право да се чувствуваме јас и мојот син Коста како заробеници на свои вработени. Долги години бев Претседател на Надзорен одбор. Не само јас туку и останатите членови на овој највисок орган во функционирањето на банката го потврдуваат фактот дека бевме манипулирани, најпрво ние акционерите на банката, потоа целиот Надзорен одбор, а попатно и нашите коминтенти. Надзорниот одбор добиваше материјали за работа кои беа комплетно осмислувани по терк на првиот Генерален директор Николче Петкоски. Мојот син, Коста Костовски беше Претедател на Одборот  за доделување кредити. Фрапантен е фактот што во овој одбор за одобрување кредити учествувале како заменик на Коста тогашниот Генерален директор Николче Петкоски и член Небојша Богатиновски, во тој период  Директор на Секторот за кредитирање. Како додатни членови на овој одбор биле замениците на Директорот за кредитирање Богатиновски и лицата Драган Ивановски и Верче Костадинова.

Сите споменати имиња кои работеле во секторот за кредитирање имале увид во севкупната документација која била неопходна за кредитите да дојдат на дневен ред кај Кредитниот одбор . Кредитниот одбор бил само форма, бидејќи 80% од членовите биле луѓе кои ја изготвувале кредитната документација.

Дознавам дека ваквото девијантно кредитирање, односно практикување за доделување кредити отпочнува од 2013 година, кога се оформил токму овој тим на Секторот за кредитирање на чело со Генералниот Директор Николче Петкоски.

Токму овој Кредитен одбор ми дава за право да се чувствувам како заробеник од своите вработени.

Од добиените изјави, најповеќе се споменува Комерцијална банка како банка преку која поминале најголем процент на финансиски средства одлеани од Еуростандард банка. Не обвинувам, туку укажувам на истражните органи дека случајот не може да биде решен доколку криминогениот раководен тим во Еуростандард банка немал логистичка подршка од погоре споменатата банка.

Втор елемент за направениот злостор каде егзекутор е Народна банка се три спорни проценти на адекватност на капиталот. Имено на 30.06.2020 година по калкулации на Еуростандард банка, адекватноста на капитал била 5,5%. Соласно пресметките на Народна банка во нејзиниот официјален извештај се наведува стапката -4,14% за адекватност на капиталот, додека службата во Народна банка која се бави со портфолио на адекватност на капитал во банките , од нивниот менаџер или директор е изнесена бројка од 1, 23% адекватност на капиталот. Каде е вистината? Весела математика на Народна банка? Во ситуација на вонредна состојба на земјата, поради пандемијата Ковид-19 каде со закон беа забрането дејствија за принудни наплати на банката на доспеани побарувања. Размислете читатели! Би завршил со познатите зборови на Шекспир од неговиот Хамлет: „Има нешто гнило во државата Данска”, а јас би дополнил, гнило во државата Македонија.

Продолжувам со својата мисија да ги изведам пред лицето на правдата  сите учесници и сторители на овој грозоморен злостор.

 

Latest posts by Администратор (see all)