Денешна дата
25/05/2022

Панта реи – Човекот пред сѐ

Приоритет мора да ви биде отворена борба против организираниот криминал и корупцијата, да завладее правдата во Република Македонија, а тоа значи силни реформи во судството. Следните приоритети треба да ви бидат да создавате услови за градење на силно стопанство во Република Македонија. Тука пред сѐ ги имав предвид енергетскиот систем и инфраструктурата.

 

 

Пишува: Трифун Костовски

 

 

Почитувани читатели, денес  ја позајмив мудроста на античкиот филозоф Хераклит, Панта реи, што во превод значи сѐ тече, сѐ се менува, која сама посебе ми се наметна како интегрален дел од мојата анализа на нашиот три-децениски пат во независноста на нашата Република Македонија.

Викендов бевме сведоци за внатре-партиски избори на претседател во најголемите македонски политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Резултатите од изборите се јасни и денес имаме едно ново политичко миље во нашата општествена реалност.

Во нашата три-децениска самостојност имаме повеќе гарнитури на политичари кои продефилираа на политичката сцена, говорам за двете најголеми македонски политички партии.

Во првата декада од нашата самостојност овие партии беа предводени од Господинот Црвенковски и Господинот Георгиевски. Говорам за почетоците кога се инсталираше демократијата во Република Македонија. Демократски , повеќепартиски систем кој за прв пат се воспостави во нашето секојдневие беше новост за нас граѓаните, ама и за сите политички субјекти. Демократијата е процес во кој времето е клучниот фактор за нејзино вистинско разбирање, бидејќи истата не носи само права, туку и обврски. Дуелите на тогашните лидери на партии Црвенковски и Георгиевски останаа трајно запаметени во свеста на македонското општество.

Втората декада во нашата самостојност ја обележуваат внатре-партиски турбуленции каде бевме сведоци дека од ВМРО-ДПМНЕ се создадоа многу нови, мали партии со предзнакот ВМРО, а истото му се случи на СДСМ, кога тогашниот нивен подпретседател, Тито Петковски после загубените претседателски избори реши да формира своја партија која денеска е сѐ уште активна. Во оваа декада на политичка сцена се појави и израсна во силен  лидер, Господинот Груевски кој силно ја зацврсти политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во партијата СДСМ фракционерството си го направи своето, така што во многу кратки периоди ги менуваа претседателите на партијата со старо-нови претседатели.

Ако во првата декада постоеше равенство на политичката моќ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, во втората декада од нашата самостојност ВМРО-ДПМНЕ, под палката на Никола Груевски успеа многу длабоко да се стабилизира и да направи партија која денес има силен респект на нашата македонска политичка сцена, било од нивните приврзаници или пак нвните противници.

Третата декада од самостојноста на Република Македонија ја одбележаа две фигури, а тоа се Никола Груевски и Зоран Заев. Тоа се лидери кои ја заострија реториката меѓу нивните две партии до ниво на омраза. Денес, овие две личности се веќе минато. Груевски е во бегство, а Зоран Заев е само член на СДСМ и Премиер во заминување. Новите лидери на партиите, Мицковски и Ковачевски треба да бидат креатори на нови политики и концепти во сопствените партии, а со тоа и на нови политики и визии за иднината на Република Македонија. Тие отпочнуваат нова страница во нашата историја. Што тие ќе ни испорачаат, граѓаните на Република Македонија е навистина најсуштинското нешто за нашиот просперитет како луѓе, заедница и држава.

Што би посакал? Најпрво  меѓу двајцата лидери да завладее взаемна, џентлменско противничка почит, толеранција и конструктивен дијалог. Треба да престанат да говорат со јазикот на меѓусебна омраза и омаловажување, бидејќи искажаниот збор од првите луѓе на партиите се пренесува на пониските ешалони во партијата и надвор од неа.

Упатувам силна порака до двајцата лидери, дека  никој нема да ви замери во Република Македонија ако седнете на неформално кафе – муабет. Вие, лидерите на македонските партии во Република  Македонија имате обврска пред нас граѓаните да создадете кохезија меѓу македонците и сите останати етнички заедници во Република Македонија. Време е да седнете и да се договорите за црвените линии во нашите натамошни преговори со Бугарија и час поскоро да се отворат вратите на преговори со Европската Унија. Од вас зависи просперитетот на нашава држава.

Приоритет мора да ви биде отворена борба против организираниот криминал и корупцијата, да завладее правдата во Република Македонија, а тоа значи силни реформи во судството. Следните приоритети треба да ви бидат да создавате услови за градење на силно стопанство во Република Македонија. Тука пред сѐ ги имав предвид енергетскиот систем и инфраструктурата. Од вас ќе зависи дали ќе го стопирате трендот за масовно заминување на младата популација од Република Македонија каде го губиме најсилниот капитал, човекот кој е веќе образуван, репродуктивен и човек кој ни е многу потребен за нашиот натамошен развој. Заборавете на сопствените суети. Под итно мора да го менувате Изборниот законик, тоа го барам јас, тоа го бараат граѓаните на Република Македонија. Македонија една Изборна единица и слободни листи.

Почитувани читатели, со вас ги споделив моите погледи, бидејќи говорам за животот, ПАНТА РЕИ! Сѐ тече! Иднината не секогаш е блескава. Може да биде и многу горка. Од нас, граѓаните зависи што ќе бараме од нашите политички партии да ни испорачаат. Не смееме да изгубиме уште нови децении пред нас чекајќи пред портите на Европска Унија. Факторот време доколку не се преземат конкретни смели чекори за иднината на државата, работи против нас. Го губиме човекот. Не сакам да бидам сведок на сѐ помал број запишани првачиња, на се помал број ученици во средните училишта, а уште помал број на студенти и згора на тоа, најжалосно е што тој веќе оформен човек размислува да си замине и заминува во континуитет од нашава земја. Нема поголем грев за нас повозрасните што дозволивме да го губиме најсилниот капитал за секоја земја – ЧОВЕКОТ.

Размислете и дејствувајте.