Денешна дата
02/07/2022

БРАТСКА ЉУБОВ

Сеништето од минатото е сѐ уште присутно во бугарската свест дека Македонија е дел од Бугарија, а ние Македонците дека сме Бугари. Во историјата од минатиот век за време на Втората светска војна, Македонија беше окупирана од Бугарија, и не можеме никако поинаку да ги нарекуваме и обележуваме освен како окупатори.

Пишува: Трифун Костовски

 

 

Денеска сакам да споделам со вас една реалност која навистина ме мачи еден подолг период. Македонија и Македонците, повеќе од  два века живеевме во заедничка држава заедно со Бугарите, Грците, Србите и Албанците, а тоа е Отоманската империја. Вообичаено, патиштата сите етнички заедници што денес  живеат во Македонија, ги воделе кон големите административни центри, а тоа се Солун, Софија, Белград и Букурешт.

Со одвојувањето на Романија, Србија, Бугарија и Грција од Отоманската империја, ние Македонците останавме и понатаму да бидеме дел од империјата, а нашите предци милувале да патуваат, да работат и да живеат во центрите како што се Солун, Софија, Белград и Букурешт.

Несомнено, станува збор за урбани средини кои станале наше прибежиште во кое сме биле прифатени од месното население. Впрочем, не е тајна дека и ВМРО е создадена во Солун и дооформена во Софија.

Несомнено, во тие дамнешни времиња заедништвото меѓу Македонците, Грците, Бугарите и Србите, било многу силно. Имало потреба за меѓусебна поддршка, бидејќи сите националности на Балканот посакувале да создадат сопствена држава. Да се патува во Солун, којшто се уште бил дел од Отоманската империја, или во Софија, Белград и Букурешт, за нас Mакедонците било сосема нормално.

Доаѓаат Балканските војни во кои ние Македонците стануваме жртви на дотогашните наши пријатели, Грци, Бугари и Срби.  Се прашувам, кому му пречеше и Македонците уште во тој период да имаат сопствена држава?

Велешките гемиџии, Илинденското востание, Народно ослободителната борба, тоа се настани кои ја обележуваат нашата посебност како Македонци.

Денешна Република Македонија се соочува со невидено малтретирање од страна на Грција и Бугарија на нејзиниот пат кон европското зачленување. Па веќе три децении не можеме да ги доведеме во ред нашите меѓудржавни односи со Грција и Бугарија. Грците цели две и пол децении нѐ држеа како заложници, негирајќи го нашиот национален идентитет и име. Компромисот направен со Грција и денеска го плаќаме со придавката Северна. Нашиот источен сосед Бугарија која близу три децении молчеше и беше една од првите земји која ја призна нашата независност, веќе две години наназад ни го кочи отпочнувањето на преговори со Европската Унија за наше идно членство во оваа заедница ставјќи ни ВЕТО.  За доброто на двете држави, потпишаната спогодба за меѓусоседски односи меѓу Македонија и Бугарија, наидува на сериозни пречки, бидејќи во прашање е историјата. Комисиите од двете страни не можат да најдат заеднички јазик. Зошто? Дали е чесно историјата да биде пречка за нашиот пат кон европското семејство?

Дали е чесно „нашиот голем брат“ Бугарија, да ни прави толку силни опструкции? Ме чуди ставот и изјавата на Претседателот на бугарската комисија на овие разговори, Господинот Стефан Димитров кој, впрочем,  беше Амбасадор во Република Македонија и го уживаше нашето гостоприемство како почитуван сосед,  кој деновиве изјави дека поради историјата Бугарија не може да го крене ветото за утврдување на датум за отпочнување преговори со Европската Унија. Два клучни моменти се многу битни за ваквото толкување на договорот за добрососедски односи со Бугарија. Македонските историчари не вршат корекции во внатрешната бугарска историја. Не е тајна дека одредени историски личности ги чествуваме и ние и Бугарите. Досега не постоеа никакви пречки за некои силни недоразбирања кои ја детерминираат иднината на Република Македонија, па би рекол и на целиот регион. Бугарската комисија бара ние да ја измениме нашата историја или наједноставно  кажано, бара самите себеси да се избришеме како посебен народ и нација.

Бугарија одамна има претензии кон територијата на денешна Република Македонија. Македонците такви претензии немаат кон Бугарија која во изминтиов период од две години, минува низ политичка криза.

Евидентно е дека во политичкиот естаблишмент на Република Бугарија, нема разбирање за нашата национална посебност. Согласно Уставот на ЕУ, ваквите изживувавња на мали држави, членки на ЕУ, кон уште помали држави како Република Македонија, која е на пат да стане членка во ова семејство, го дозволува. Не е разбирливо злосторството кое денешна Бугарија го прави врз Македонија. Нема да дозволиме колективно бришење на нашата македонска меморија. Дали ова е чин на „братска љубов“ што вообичаено Бугарите милуваат да кажат за нас Македонците? Историјата и нејзиното толкување се интимни национални потреби и желби. Мојот Блаже Конески не може да гo избришат ниту со гума, ниту со оружје, затоа  не можам да го разберам негаторскиот став на Бугарите кон нас.

Заклучувам две работи: сеништето од минатото е сѐ уште присутно во бугарската свест дека Македонија е дел од Бугарија, а ние Македонците дека сме Бугари. Во историјата од минатиот век за време на Втората светска војна, Македонија беше окупирана од Бугарија, и не можеме никако поинаку да ги нарекуваме и обележуваме освен како окупатори. Тоа се историски факти. Дали тоа значи дека ако во пиринскиот дел во Бугарија многу често се пее песната Сокол пие вода на Вардарот, каде што, впрочем поголемиот дел жители се автохтони Македонци, е повод  Бугарија денес да има претензии за делот каде јас живеам и каде животот сум го поминал токму покрај Вардар, или друга алтернатива, што е за мене нон-сенс – Бугарите да се плашат од нас Македонците.

Разумот и мудроста мора да надвладеат на овие балкански простори. Просперитетот на идните генерации зависи токму од нас кои денес го креираме Балканот. Дали некогаш ќе пораснеме и да разбереме дека сите кои живееме на овие простори сме Балканци? Се работи за иднината на нашите генерации. Дали денес  Балканот е Гордиевиот јазол на современа Европа и дали ќе можеме да го разрешиме. Тоа е прашањето кое ме мачи, а љубовта на мојот „голем брат“ од Бугарија ме задушува.