Денешна дата
10/12/2022

Еуростандард банка, убиство со умисла

Во 2019 година во периодот Јули-Август, банката беше водена од стариот Управен одбор Петкоски-Николовски, многу блиски пријатели на највисоките структури на денешната владејачка СДСМ. Со промената на Управниоит одбор дадовме јасен сигнал дека ќе влеземе во трагата на парите и со посветена работа ќе ги вратиме парите во банката и истовремено изнесувајќи го на виделина сиот криминоген систем на банкарското работење.

 

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели, јас продолжувам по мојот пат да ги разоткријам сите дејствија поврзани со стечајот на Еуростандард банка. Ниту од далеку немам намера да се правдам пред вас и пред оштетените правни и физички лица од стечајот на Еуростандард банка, дека работењето на банката било исправно, ама уште побитен е фактот дека јас и моето семејство имавме несомнено силна намера да ја вратиме банката на вистински колосек, да ја консолидираме финансиски и кадровски и најважно да се посветиме како банка во собирање на средствата кои што беа изгубени во време на десетгодишниот мандат на претпоследниот Управен одбор Петкоски-Николовски. Јавноста е запозната дека водам сопствена истрага за стечајот на Еуростандард банка и посебно функционирањето на целиот банкарски сектор во Македонија. Да појаснам: Еуростандард банка беше гринфилд инвестиција со чисто депонирани финансиски средства потребни за нејзино регистрирање и работење. Во историјата на Македонското банкарство Еуростандард банка е единствена банка која беше формирана во Македонија со 100% чист капитал дојден од надвор.

Српската поговорка вели „Ским си, такав си“, беше присутна и во Еуростандард банка. Транзиција на општествениот во приватен капитал која владееше во Македонија во 90-те години на минатиот век, во многу нешта наликуваше на каубојска транзиција. Ако мислите дека таа заврши на почетокот од овој милениум, се лажете, таа траеше и сè уште трае, меѓутоа со методи кои се многу незабележливи, ама перфидни, далеку од очите на јавноста. Незаконското работење на банките со сметките на комитентите и денеска е присутно. Тоа го покажуваат првичните информации кои ги добив од тимот кој ја води истрагата за овој случај. Деталните злоупотреби на трансакциските сметки на правни и физички лица дополнително ќе ги објавам. Денес заклучувам, Еуростандард банка е убиена со умисла. Зошто? Ќе наведам таксативно примери кои укажуваат на оваа моја констатација.

  1. Народна банка-Носењето во стечај на Еуростандард банка беше многу позрело во 2019 година во месеците Јули, Август, отколку што таа се однесе во стечај на 12 Август 2020 година. Зошто Народна банка не реагираше на време, туку чекаше цела година да ја однесе банката во стечај? Заклучокот ми е следен: Во 2019 година во периодот Јули-Август, банката беше водена од стариот Управен одбор Петкоски-Николовски, многу блиски пријатели на највисоките структури на денешната владејачка СДСМ. Со промената на Управниоит одбор дадовме јасен сигнал дека ќе влеземе во трагата на парите и со посветена работа ќе ги вратиме парите во банката и истовремено изнесувајќи го на виделина сиот криминоген систем на банкарското работење. Новиот Управен одбор предводен од господинот Трајковски немаше шанса да ја одработи својата основна задача, бидејќи одлуката да банката се однесе во стечај беше донесена токму во моментот на поставувањето на новиот Управен одбор со јасно поставените цели-прибирање на одлеаните пари од банката. Истовремено Народна банка знаејќи ги нашите семејни бизниси во Македонија, инсистираше на масовно пренасочување на финансиските средства од другите правни субјекти во банката. Успеаја да не убедат дека со продавањето на Еуролинк, осигурителната компанија и пренасочувањето на овие финансиски средства ќе ја спасиме банката. За жал тоа не се случи. Внесовме 11 милиони евра, како субординиран кредит и во февруари месец 2020 година ги докапитализиравме. Факторот време со одземена лиценца на Еуростандард банка да работи со правни и физички лица и додатно одземеното право за присилна наплата на доспеани и отпишани побарувања во времетраење на вонредна состојба од пандемијата Ковид-19, лошите пласмани со весела математика која беше изработена само во Народна банка ги однесе во категорија која директно влијаеше на адекватноста на капиталот. За Народна банка да не заборавиме во случајот на Еуростандард банка, вонредната состојба не важеше, туку беше целосно посветена да го утврди тајмингот за банката да се однесе во стечај. Народна банка имаше и други алатки за спас на банката како вонредни мерки со одземање лиценци на лица во Управниот и Надзорниот одбор и најважна мерка администрација. Тие не ги искористи. Зошто?

Народна банка доколку имаше чесни намери кон Еуростандард банка ќе дозволеше минимум две работи: Прво, ќе го примеше потенцијалниот купувач на 80% од акциите на разговор. Тоа не го стори од само за нив разбирливи причини и второ, доколку имаше вистински намери за спас на банката, нам акционерите ќе ни дозволеше минимум толку време колку што траеше вонредната состојба од пандемијата за да изнајдеме финансиски средства со цел да одговориме на нивните барања. Пред мене се поставува уште една дилема, зошто Народна банка инсистираше да се продадеме на Комерцијална банка по секоја цена? Дали фактот што не се дадовме на Комерцијална банка значеше стечај? Не знам, … ќе видиме.

  1. Вториот сегмент е Техничката Влада – Влада водена од СДСМ која за време на вонредната состојба носи две контроверзни уредби со сила на закон од кои што во првата објавена во Службен весник на 24 март 2020 година вели нема стечај за правни лица минимум 3 месеци по завршувањето на вонредната состојба и втората уредба овој пат објавена на 29 мај 2020 исто така во службен весник со која се суспендира претходната за три месечен мораториум за стечајни постапки на правни лица со право на стечај веднаш. Единствен правен субјект кој отиде во стечај е Еуростандард банка. На денот на објавување на стечајот, тогашниот технички премиер Оливер Спасовски на директна средба со еден од акционерите, дава поддршка дека сценаријата од типот стечај нема да ги поддржи. Зошто господинот Оливер Спасовски дал таква поддршка кога веќе било познато дека стечајот ќе биде обзнанен истиот ден? Мене не ми е јасно! Го повикувам господинот Спасовски да даде свое објаснување за ваквата постапка, бидејќи денес очигледно дека многу работи на тогашната Влада од СДСМ им биле јасни. Актуелниот стечаен управник Тодески, и бившиот министер за финансии Нина Ангеловска ги повлекуваат нивните депозити од банката, претпоставувам врз основа на добиени информации дека нешто лошо се спрема за Еуростандард банка. Зошто Македонски пошти на денот на стечајот даваат упатство до сите штедилници кои беа управувани од Еуростандард банка средствата да ги трансферираат во Комерцијална банка. Ваквиот налог од Македонски пошти е даден во утринските часови на 12 Август 2020 година, само неколку часа пред објавувањето на стечајот.

Почитувани читатели ова е убиство со умисла. Донесената одлука да Еуростандард банка се носи во стечај е направена во моментот кога сакавме да објавиме војна на криминалот во банкарскиот систем. Денес ги чувствувам последиците од системот. Имаме банка во стечај, убиено правно лице ГОФИ, со изгубен огромен имот во центарот на Скопје и имаме продадено осигурителна компанија која денес злато вреди. Почитувани читатели, ваше е да судите, меѓутоа мене и моето семејство овој систем предводен од актуелната влада ни го направи животот да ни биде пеколен. Најголемиот број од фирмите кои беа лошо рангирани во работењето на Еуростандард банка се фирми блиски до владејачката СДСМ, со локации во Скопје и Струмица.

Завршувам со фактот дека Народна банка како регулатор во банкарството ќе биде третирана како соучесник во развојот на банкарскиот криминал во Република Македонија, бидејќи несомнено знаат за сите малверзации кои ги користи банкарскиот систем во Македонија.