Денешна дата
08/08/2022

Еуростандард банка-  жртва на украдените институции во земјава

Апелирам до Собранието на Р. Македонија и првиот човек на Собранието Талат Џафери,  преку Комисијата за финансирање и буџет да  отвори процес на длабинска ревизија за работењето на Народна банка. Оваа Комисија за длабока ревизија мора да биде составена од експерти во банкарското работење од земјава и странство. На овој начин, преку работењето на оваа експертска ревизија, ќе се дојде до вистината за вистинската улога на Народна банка во банкарскиот систем. Јавноста треба да знае дали оваа институција е украдена од криминалот кој владее во Р. Македонија, а еве и зошто:

Пишува: Трифун Костовски

 

 

Почитувани читатели, изминаа 23 месеци од носењето на Еуростандард банка во стечај, согласно решението на гувернерот Бежоска, одлука за носење во стечај на банка со многу непознаници. Зошто токму тогаш банката требаше да биде однесена во стечај? Јас велам многу непознаници, меѓутоа за чинителите на овој чин ова било однапред пресметан чекор каде како егзекутор се појави токму Народна банка. Евидентно е дека процедурите на алатки-мерки, кои ги имаше на располагање Народна банка, главниот регулатор на банкарскиот систем, не беа употребени да превенираат со цел нејзина стабилизација, туку напротив, набрзина и несмасно веднаш по завршувањето на вонредната состојба, предизвикана од пандемијата Ковид-19. За време на тие пандемиски 97 дена  на банката ѝ беа забранети сите активности со физички и правни лица, а згора на тоа ѝ беше одземено правото за присилна наплата на доспеаните побарувања. Стечајот беше обзнанен после предвремените, тукушто завршени парламентарни избори при неконституирана Влада и Собрание на РМ. Идеални услови за криминални услуги и криминогено носење на банката во стечај.

 

Недоследностите на Народна банка, на чело со гувернерот Бежоска, во случајот со Еуростандард банка се евидентни. Не се употребени вонредни мерки и администрација, туку директно од редовни мерки се прејде кон стечај, што значи со закон затварање на правен субјект банка.

 

Единствена институција која е надлежна врз работењето на Народна банка е Собранието на РМ, преку Комисијата за буџет и финансирање. Истата година на есен, се одржа расправа на Комисијата каде беа повикани сите институции замешани директно или индиректно со стечајот на Еуростандард банката. Записникот од оваа комисиска расправа го имам во целост, меѓутоа сѐ уште не можам да разберам што беше целта на оваа комисија? Ако целта беше да се добиваат политички поени од членовите на сите партии кои се дел од оваа комисија, тоа е можеби разбирливо. Болно е што јас веќе две години говорам и пишувам дека се работи за организиран криминал за носењето на Еуростандард банка во стечај, само со една цел – да се сокрие трагата на одлеаните пари. Собранието на РМ преку Комисијата за буџет и финансирање има единствено право да направи ревизија за работењето на Народна банка. Првиот човек на Собранието Талат Џафери беше запознаен со овој стечај и неговиот првичен коментар беше дека процедурите не биле почитувани. Вообичаено за вакви ситуации мојата комуникацијата со актуелниот претседател Џафери требаше да остане во континуитет. За жал, после првичните две средби господинот Талат Џафери се одлучи да молчи. Не ми е јасно како може Собранието на РМ, како единствена институција одговорна за работењето на Народна банка и натаму да молчи? Нема покренато иницијатива ниту  претседателот Талат Џафери кој  самиот констатираше недоследности во примената на мерки за спас на банката или просто кажано, беше свесен дека одредени мерки се прескокнати и банката се однесе во стечај од страна на Народната банка . Комисијата за буџет и финансирање после првичниот распит кој се одржа во Собранието, остана глува.

 

Почитувани читатели, не само за мене туку за секој нормален мој сограѓанин ова се моменти кога чувствуваме тотална несигурност во систем кој треба да ги брани интересите на граѓаните. Политичките партии кои се борат за власт ми оставаат впечаток дека воопшто не ги интересира случајот за стечај на Еуростандард банката. Логично се поставува прашањето зошто е тоа така? Дали сивата еминенција која владее во Р. Македонија ги ставила главните политички актери од позиција и опозиција под нејзина контрола? Да биде јасно, сите политички субјекти во Македонија се зависни од банкарскиот систем. Одамна се говори за кредити на големите политички партии при Комерцијална банка на Р. Македонија чии имоти се ставени како хипотека во целост. Беспарицата која ги удри самите партии, ги наведува  да бидат послушници на тој што ќе им овозможи натамошно функционирање. Токму тука ја гледам и можноста за една криминална симбиоза меѓу политичките партии и главните криминалци во земјава. Екс-генералниот директор на Еуростандард банка, Николче Петкоски и натаму молчи, иако и тој ја знае целата генеза на овој криминал.