Денешна дата
10/12/2022

МОЛК КОЈ ПЛАШИ

Да биде апсурдот уште поголем, на инсистирање на Вицегувернерката Ана Митреска, на ден 07.08 2020 год е одржана видео call конференција меѓу Народна Банка и Надзорниот Одбор ЕСБ, предводена од претседателот и ВД генерален директор проф. Таки Бојаџиоски каде е утврдено дека до 14.08. акционерите мора да ја докапитализираат банката со додатни 2.4 милиони евра. Народна Банка не издржа до 14 август 2020 год, туку одлучи на 12 август да ја однесе банката во стечај.

 

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели, за да го сочувам вашиот интерес и внимание околу случајот поврзан со ЕСБ, би ве  замолил  да ме следите,  бидејќи во оваа и следните колумни, фактографски ќе бидат објавени злоупотребите на институциите во системот.

 

Упатувам порака до органите на прогонот, посебно до Јавното обвинителство да почнат да делуваат по систем на допрен глас. Веќе две години наназад постојано укажувам на овие аномалии.

 

Почитувани читатели,  во изминатите две години немаше една седмица да помине а да  не напишам колумна врзана директно или индиректно за стечајот на ЕСБ.

Презедов низа обврски и пред сета јавност на Македонија ветив дека овој случај ќе го обелоденам, а  сторителите  ќе ги изнесам пред  лицето на правдата.

Но, ваков  чин може да се реализира  доколку имаме системски тела како обвинителство, судство и полиција, кои сериозно ќе се зафатат  правдата да излезе на виделина.

Неодамнешниот објавен извештај од мојата приватна истрага одекна во јавноста, но евидентно е дека институциите на системот повикани да се занимаваат со овој предмет – молчат.

Зошто?

Токму тука лежи вистинскиот одговор зошто немаме никакви дејствија од повиканите институции.

Таксативно ќе ги наведам повторно сите пропусти, свесни или несвесни, под кои ЕСБ беше однесена во стечај. Најпрвин, според Transparency International, Македонија котира на високо место според организиран криминал и корупција, имплементирани во нашето секојдневие.

Да биде јасно, организираниот криминал не е на улица, туку во главите на „моќниците“ од Македонија кои успешно ги контролираат сите институции од витално значење за владеење на правото во Република Македонија.

На ова укажуваат и многуте сугестии кои секојдневно ги добиваме од нашите држави- пријатели, како САД и ЕУ, а кои нѐ упатуваат дека мораме да се справиме со ова општествено зло.

Посебно на овој план е мошне активна амбасадорката на САД – Г-ѓа Брнз која не пропушта прес, а да не ги спомне организираниот криминал и корупција.

Објавениот извештај од мојата приватна истрага  е направен без никакви мои сугестии. Евидентно е дека и мојата бивша банка била вклучена во функционирањето на банкарскиот криминал на Република Македонија.

Да имав намера со овој извештај да се скријам, верувајте, тоа ќе значеше дека немаше никогаш да го обзнанам.

Извештајот дава многу индикации дека нашиот систем е гнил во сите сегменти од нашето живеење и дека сме заробени во канџите на носителите на организираниот криминал и корупција. Народна банка како регулатор на банкарскиот систем во Република Македонија, несомнено  ја знае целата генеза на т.н. систем на позајмици кои функционираат со децении наназад.

Недопирливите организатори на банкарскиот криминал не ѝ дозволија на Народна Банка да ги користи инструментите кои ги имаше на располагање за стабилизирање на ЕСБ.

Од вкупно 4 витални инструменти кои ѝ стоеја на располагање на г-ѓата  Бежоска, како Гувенер на Република Македонија:

редовни мерки, вонредни мерки, администрација и стечај, таа ги прескокна вонредните мерки и администрација и веднаш ја однесе банката во стечај.

За ваквиот чин  од страна на г-ѓата Бежоска нема никакви консеквенци. Актуелниот спикер во Собранието на РМ Талат Џафери, при првичното разгледување на условите под кои ЕСБ беше однесена во стечај, изјави дека се прескокнати одредени инструменти кои Народна Банка морала да ги примени.

Собранието на Република Македонија преку комисијата  за финансирање и буџет е единствен контролор за работата на Народна Банка.

До сега, детална контрола од страна на Собранието за работењето на Народна Банка НЕ Е НАПРАВЕНО,  а  убеден сум дека во оваа комисија  членуваат лица од политички партии, кои  оваа област многу малку ја познаваат за да  направат детална анализа.

Евидентен е и молкот на целата комисија, но и на господинот Џафери.

Ќе укажам на уште неколу моменти за непринципиелноста на Народна Банка, кои јавноста треба да ги знае бидејќи се директно поврзани со стечајот на ЕСБ:

Стечајот настана на 12 август, веднаш по завршување на вонредната состојба која траеше 97 дена. Во овој период од 97 дена ЕСБ имаше забрана за работа со правни и физички лица, а дополнително ѝ беше одземено правото за присилна наплата. За Народна Банка вонредната состојба предизвикана од КОВИД19 немаше никакво влијание. Логично ќе беше за минимум 97 дена Народна Банка да го продолжеше временскиот период за докапитализација на банката, бидејќи  банката беше ликвидна и немаше опасност по банкарскиот систем.

Адекватноста на капиталот,  на само себе својствен начин по кој Народна Банка го пресметала, е симнат под нула иако кон крајот на февруари пред отпочнувањето на пандемијата КОВИД19 и вонредната состојба,  адекватноста на капиталот изнесуваше 5,6%.

Народна Банка го обзнанува стечајот веднаш после предвремените парламентарни избори, одржани на 15 јули 2020 год.  во период кога се нема формирано ниту Собрание на Република Македонија, ниту Влада.

Да биде апсурдот уште поголем, на инсистирање на Вицегувернерката Ана Митреска, на ден 07.08 2020 год е одржана видео call конференција меѓу Народна Банка и Надзорниот Одбор ЕСБ, предводена од претседателот и ВД генерален директор проф. Таки Бојаџиоски каде е утврдено дека до 14.08.  акционерите мора да ја докапитализираат банката со додатни 2.4 милиони евра.

Народна Банка не издржа до 14 август 2020 год, туку одлучи на 12 август да ја однесе банката во стечај.

Потенцијалниот стратешки партнер кој беше спремен да влезе и да ја купи банката, а кој беше позитивно оценет за својата финансиска моќ од страна на Народна Банка, чекаше 3 месеци на прием во НБ со цел да се постигне договор за негово влегување во структурата на капиталот на ЕСБ.

За жал, таквата средба не се оствари од причини познати само на Народна Банка.

 

……………………………………………………

 

Крај на прв дел од првиот дел на колумната „МОЛК КОЈ ПЛАШИ“

Следат нови моменти кои јавноста треба да ги знае!