Денешна дата
10/12/2022

Гол од корнер во ракомет

Замислете, истата оваа фирма од страна на тогашниот Управен одбор добива надокнада од Еуростандард банка во висина од 80 илјади денари на месечно ниво, за контрола на воздухот во просториите на генералната дирекција.

Пишува: Трифун Костовски

 

Почитувани читатели, во денешнава колумна врзана за стечајот на Еуростандард банка , сакам да обрнам посебно внимание во врска со објавениот извештај. Оваа истрага, приватно  финансирана, реализирана е  од ревизорската куќа Р. У.Р. предводена од експертот за банкарски криминал, господинот Драго Кос. За многумина, објавениот извештај е толкуван како мој самоубиствен чин. Сакам јавноста, а и вас мои читатели, да ве убедам дека во изготвувањето на овој извештај дозволив на истражувачкиот тим да обзнани сѐ што ќе се пронајде во текот на истрагата при што  не дадов никакви упатства како нарачател да се смени содржината на објавениот извештај. Многумина мои познаници и пријатели кои се занимаваат со ваква материја, реагираа обвинувајќи ме дека не сум смеел да дозволам вака изготвениот извештај да излезе во јавност. Сакам јавноста да ја знае вистината, во спротивно тоа не би бил јас. Од самиот извештај произлегува дека голема вина за самиот стечај носат највисоките тела во банката, а тоа се Надзорниот и Управниот одбор. Сакам да појаснам дека во 2019 година јас ја открив нелегалноста при работењето на Еуростандард банка преку случајот со фирмата АТВ Зеус, сопственост на вујкото на тогашниот генерален директор Николче Петкоски. Фирма, тукушто формирана со непаричен влог од 5,000 евра добива кредит од 1,2 милиони евра со покритие меница, средства што во рок од 4 дена беа одлеани кај повеќе од 20 тина правни субјекти како позајмици. Замислете, истата оваа фирма од страна на тогашниот Управен одбор добива надокнада од Еуростандард банка во висина од 80 илјади денари на месечно ниво, за контрола на воздухот во просториите на генералната дирекција.  Вакво нешто , како претседател на Надзорен одбор, не сум можел ни да претпоставам дека  постои во мојата банка и веднаш реагирав банката да излезе од овој круг на нелегални позајмици именувајќи нов Управен одбор за прибирање на одлеаните средства од банката преку т.н. позајмици. Успехот во прибирањето на одлеаните средства од банката, на чело со новиот Управен одбор, беше евидентен на месечно ниво, дури и поздравен од тогашното раководство на Народна банка, каде за неполни 7 месеци банката успеа да врати цирка 20 милиони евра. Овие финансиски средства легнаа во банката бидејќи посветеноста на Надзорниот и Управниот одбор беше неприкосновена. Со појавувањето на пандемијата Ковид-19 и воведувањето на вонредната состојба од тогашната Техничка Влада предводена од Оливер Спасовски ни беше одзедено правото за присилна наплата, токму поради ковид состојбата и нефункционалното стопанство. Еден од моите блиски пријатели кој го анализираше целиот извештај ми кажа: „Трифуне, ти себе си си дал гол од корнер во ракомет„. Љубителите на ракометот точно знаат што значи оваа мудра констатација, бидејќи до сега не сум слушнал дека во ракометот е постигнат гол од корнер. Почитувани читатели, објавениот извештај е само приказ, слика дека сакам да го живеам својот живот човечки. Така сум воспитан, растен и функционирам како почитувач на законите во сите земји каде што сум работел, далеку од криминогени или со закон забранети дејствија во моето практикување на бизнис. Јавноста треба да знае дека можеби не сум успеал зошто не сум имал целосна контрола  врз работата на Управниот одбор. Верував дека останатите членови на Надзорниот одбор како експерти во банкарството полесно ќе можат да ги детектираат овие аномалии во работењето на Управниот одбор. За жал и тие беа изманипулирани.

 

Заклучувам дека манипулативниот Управен одбор, предводен од Николче Петкоски, успеа да нѐ прелаже  и да ја сокрие вистината за реалната состојба во банката од нас, членовите на Надзорниот одбор или како што би рекла мудроста „не превесла жедни преку вода”.

 

Сивата еминенција нареди да се однесе Еуростандард банка во стечај, а госпоѓата Бежоска како Гувернер на Народна банка беше само извршител. Новиот Управен одбор предводен од господинот Горан Трајковски се покажа многу ефикасен во прибирање на финансиски средства. Таквата посветеност ѝ пречеше на сивата еминенција па  затоа се донесе одлука  час поскоро Еуростандард банка да се носи во стечај. Стечај кој според Народна банка на Македонија е предизвикан поради неадекватност на капиталот, според математики и пресметки направени од страна на Народна банка или од нивниот нарачател. Како е можно само за 4 месеци адекватноста на капитал на Еуростандард банка  од 5,6% да падне на минус 1,14% и што е најчудно ваквата пресметка на адекватноста на капиталот Народна банка ја прави кога пандемијата Ковид-19 хара низ светот и во Македонија, а Техничката Влада има објавено вонредна состојба токму поради оваа пандемија. На Еуростандард банка и беше одземено правото да работи со правни и физички лица, а додатно ѝ беше забрането за време на вонредната состојба која траеше 97 дена да врши присилна наплата.

 

Денешнава колумна ја завршувам со констатација дека објавениот извештај од мојата приватана истрага не беше наменет  да ме штити мене, туку да ги штити државата и граѓаните од организираниот криминал, денеска  присутен во нашето секојдневие во кое институциите на системот се ставени во функција на сивата еминенција. Бидете убедени, името на сивата еминенција набргу ќе биде обзнаена.