Денешна дата
10/12/2022

СПЕЧАЛИВ… ГРЕВ ИЛИ СИНДРОМ ВО МАКЕДОНИЈА

Почитуваниот бивш премиер на Австралија, подоцна и претседател на Меѓународната кризна група г-дин Герет Еванс,  ми  понуди  да влезам со својот капитал во Австралија и прво што ми беше ветено е чување на  мојот капитал од самиот систем.   Јас одлучив со сиот капитал да се вратам во Македонија.  

Пишува: Трифун Костовски

 

 

Почитувани читатели, денес сакам да допрам до вас за еден многу суптилен, ама опасен чинител кој го детерминира нашето секојдневие и животот во Република Македонија. Секако и денешната колумна ќе биде посветена на суровиот стечај или убиство со умисла на  Еуростандард банка.

 

Најнапред, кратки појаснувања  што ни се случува во Македонија.

 

Роден и образован во Скопје, со стекнато работно искуство во Технометал-Македонија, а подоцна во Технометал -Вардар, заминав во белиот свет да печалам за себе и своето семејство. Спечалив на многу чесен начин, благодарејќи на мојата посветеност и знаење, далеку од законски недозволени  дејствувања.

 

Кон крајот на минатиот век и почеток на овој век по паѓањето на Берлинскиот sид и Источниот блок, светската економија стана глобална што значеше  нов светски, економски поредок. Дали можев да станам голем играч на глобално ниво е прашање кое и ден денес ме мачи. Факт е дека таа шанса не ја искористив.

 

Познавајќи се себеси и мојот однос кон сeвкупниот живот,  мислам дека не би бил подготвен да влезам во глобалниот нов светски- економски поредок, изолиран од неминовно влегување и  блискост со политиката, патем без  тим на соработници за такви можности. Полска, дестинација каде се одвиваше  90% од мојот бизнис,  беше силно влезена во процесот на глобализацијатa во сите сфери на своето стопанство. Јас со својот спечален капитал бев на одредница дали да останам симболичен партнер на Полските железари или пак со капиталот да се преселам во Кина, Австралија или Нов Зеланд. Почитуваниот бивш премиер на Австралија , а потоа Претседател на Меѓународната кризна група, г-дин Герет Еванс ми ја понуди Австралија да го вложам  капиталот,  чуван од самиот систем. Ми беа понудени рудници за железна руда, бакар, алуминиум, злато, сребро, драгоцени камења и ретки метали, со логистика при самата експлоатација на тие рудници и уште поважно, сигурен сообраќај и пристаништа.

 

Но ете, одлучив со сиот капитал да се вратам во Македонија. Од 2000 година  интензивно инвестирам во Македонија, верувајќи дека чинам добро дело за мене и моите сограѓани. Искуствата со лузни од бизнисот во Македонија се страотни. Најпрвин искуството со Порцеланка од Велес, каде бев ограбен првенствено од Владата,  со дополнително обвинение дека јас сум ја уништил Порцеланка.  Идентична беше  и приватизацијата на Градските Аптеки, каде системот не ме заштити од манипулативните потези, првенствено Зегин,  поддржани и од Алкалоид.  Посебно за оваа тема ќе биде објавена мојата вистина за стечајот на Градски аптеки, нешто што  македонската јавност треба да го знае. Следуваа моите грин -филд инвестиции во банкарскиот, осигурителниот и во лизинг секторот. За жал, денес од овие три грин-филд инвестиции ниту една не постои. Еуролизинг компанијата се затвори, бидејќи тој бизнис сам по себе немаше иднина,  самите фирми кои беа наши партнери во лизинг компанијата отпочнаа сами да се занимаваат со оваа дејност. Осигурителната компанија стана една од водечките компании во Македонија, денес преpознатлива како Еуролинк. Поставеноста на Еуролинк беше професионална и низ целиот тек на нејзиното работење покажуваше само пораст во осигурителниот бизнис подигнувајќи ги стандардите во насока што значи осигурувањето како систем во едно општество.

 

За жал, оваа компанија морав да ја продадам за да ја спасам Еуростандард банка. Поради лошите кадровски решенија на врвните позиции банката влезе во така-наречениот затворен круг на позајмици, длабоко инсталиран во банкарскиот свет на Република Македонија.  Да појаснам, работењето со позајмици кои се користат за функционирање на неликвидни фирми или купување акции на берзата на стопански субјекти без вистински финансиски средства,  е чин за осуда. Ова во превод значи дека депозитите на граѓаните без нивно знаење се користат за незаконско финансирање, а уште повеќе незаконско купување на акции на правни субјекти. Во моментот кога сакавме да излеземе од овие недозволени со закон трансакции, за кои јас не знаев,  креаторите на овој организиран криминал решија да ја однесат банката во стечај, со една единствена цел, да се скријат трагите на одлеаните пари, а криминалот во банкарскиот систем и понатака да функционира. Ние акционерите во банката бевме одлучни во две работи: прво: банката да прекине со недозволени банкарски трансакции на т.н. позајмици и второ, да ги собереме одлеаните финансиски средства од банката. За оваа цел направивме кадровски измени во Управниот одбор и во секторот за кредитирање. Истовремено внесовме нов свеж капитал од 11 милиони евра. Резултатите на новиот Управен одбор беа евидентни. На месечно ниво се прибираше маса на пари од цирка 3 милиони евра, претежно со присилна наплата. Но, организаторите на овој високо организиран банкарски криминал донесоа едногласна одлука, а тоа е да се уништи Еуростандард банка. Да појаснам, во мај 2019 година Еуростандард банка беше во драстично полоша финансиска положба, отколку во август 2020 ,  кога истата беше однесена во стечај.

 

Почитувани читатели, јас ќе продолжам и понатаму пред македонската јавност да обзнанувам факти со кои се обидувам да го разобличам овој длабоко инкорпориран криминал во банкарството,  со цел да  се обештетат целосно сите правни и физички лица, коминтенти на банката и ние акционерите.

 

Насловот на текстот грев или синдром се наметнува како нешто неразбирливо во нашето македонско секојдневие. Дали е грев чесно да спечалиш само затоа што патиме од синдромот дека зад секој стекнат капитал стојат нечесни игри.

 

Перцепцијата во Македонија е ако си богат тогаш си идентификуван како криминалец, а стекнатиот капитал како грев. Ваквите погледи на македонската јавност не ги осудувам, бидејќи повеќе од јасно е дека граѓаните на Република Македонија поминуваат еден долг транзициски период во кој суверено  владеат организираниот криминал и корупција, а стандардот на граѓаните  и натаму е на најниско ниво во Европа и светот. Но исто и синдромот на самоуништување  е неразбирлив и уште поголем грев. Сами против себе.

 

Вие размислете…