Денешна дата
18/02/2020

Интелектуалците прашуваат: Каде се Ахмети и Груевски да го смират народот?

Во силните апели за смирување и воздржување од насилство што стасуваат од сите страни отсуствува гласноста на главните актери на политичката сцена. Невладиниот сектор бара политичките лидери да дојдат меѓу народот. Аналитичарите предупредуваат – ситуацијата е кревка, но нема капацитет да ескалира

коавтор: Билјана Ставрова

фото од протести: Роберт Атанасовски

 

Лидерите на албанската политичка сцена се во молк по драматичните настани во скопската општина Ѓорче Петров. Осуда и повици за смирување на страстите стасаа само од локалната власт од соседната општина Сарај и од интелектуалците.
Ниту една од политичките партии на Албанците не се огласи во јавноста околу настаните и тензиите во скопската општина Ѓорче Петров. Досега не е осудено убиството на младиот Петковски, но и демолирањето на дуќаните и имотите на невините граѓани. Исклучок е Беким Мурати, градоначалник на општина Сарај, кој веднаш по трагичниот настан изјави дека Советот и тој како градоначалник, го осудува убиството на младиот Ангел Петковски. Градоначалникот Мурати побара институциите да ги преземат сите мерки за превенирање на ваквите случаи, кои ја отежнуваат ситуацијата и ги зголемуваат етничките тензии.

 

bekim murati
Институциите се повикани да придонесуваат за да не се повтори овој акт на насилство. Ние сме загрижени поради демолирањето на имотите на невините граѓани, кои се запалени и искршени од неодговорни лица, но и го спречуваа слободното движење на илјадници граѓани и малтретираа многу невини луѓе„, истакна Мурати.
Општината Сарај бара од МВР да ги преземе сите конкретни чекори за откривање на сторителите кои ги уништија имотите. До граѓаните упати апел да се воздржат од активности кои се во спротивност со законот и кои продуцираат насилство.

 

 

Интелектуалците бараат одговорност од политичарите и од институциите 
Алберт Хани, граѓански активист изјави дека ситуацијата е одраз на контекстот или настаните кои се случуваат веќе подолго време.

 

Alber Hani
Оваа ситуација се одразува преку насилни инциденти, одвреме навреме, како сигнал, кој покажува дека соодветните институции треба посериозно да се занимаваат со менаџирање на конфликтите, со поголема сензибилност. Исто така, ситуацијата го потврдува неуспехот на владините и невладините институции, т. е. Собранието, Владата, судството, полицијата, а особено граѓанскиот сектор, кој треба да преземе поохрабрувачки чекори, во правец на промовирање на меѓусебното разбирање и градење на меѓусебна доверба“ вели Хани.

 

 

 

Додека Зеќирија Ибрахими, научен работник во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје смета дека политичката елита треба да биде поодговорна кон ситуацијата. Тој ги повика и верските лидери, да се вклучуваат во смирување на тензиите, бидејќи само тогаш може да надеваме на разумност.

 

zekerija-ibrahimi
„Кога би биле во нормална држава, прво, пратениците од Ѓорче Петров заедно би отишле во посета на семејството на младиот Ангел, би го осудиле настанот и би учествувале на погреб. Потоа, лидерите на албанските партии, Али Ахмети и Мендух Тачи, требаше да го осудат настанот и да изразат сочуство за семејството на Ангел. Трето, претседателот на Општина Сарај, откако претходно би се збратимиле со општината Ѓорче Петров, вчера заедно со неговиот колега од Ѓорче, требаше да го  посетат семејството на Ангел и заедно да појдат на погреб. Четврто, претседателот на Исламската верска заедница (ИВЗ) заедно со поглаварот на МПЦ требаше да го посетат семејството на Ангел и заедно да учествуваат на погреб. Петто, цивилното општество, албанско и македонско, требаше да го осудат заедно инцидентот и да изразат сочуство за жрвата. Шесто, медиумите да информираат без етничко навивање„ вели Ибрахими.

 

Ваков став преку Фејсбук, произнесе и Арбен Чејку, поранешен амбасадор на Албанија во Скопје. Тој истакна дека тензиите со сцени на насилство во Скопје, предизвикани поради смртта на младиот Македонец, во околности, кои треба да се истражат, треба да се ставаат под итна контрола на државата. Според него само на ваков начин, ќе се овозможи простор правдата да го каже својот збор во институциите, а не на улица.
Македонските и албанските политички лидери треба да се вклучат итно во намалување на тензиите, а не тоа да го решаваат верските институции. Тие што беа пред неколку денови на митинзи барајќи ја довербата на народот треба да не забораваат на нивните обврски и да се најдат таму каде што народот денеска има потреба од нивниот збор и од нивното присуство“, смета Чејку. Тој се потсетува на убиството во Гостивар во 2012 година, кога беа убиени двајца млади невини Албанци, а кога, како што вели, никој од албанските семејства погодени од болката не беа агресивни кон нивните соседи од македонска етничка припадност и чекаа правдата да дејствува.

 

arbe cejku MIA

Албанците во Македонија не се сираци, затоа треба да се обезбеди правичен и кредибилен судски процес против обвинетиот за убиство. И да се обезбеди слобода на движење и нормален живот за Албанците, кои сакаат да живеат во една држава каде секој е еднаков пред законот и ги почитува државните институции“, констатира Чејку
/strong>

 

 

Генералната оценка на ситуацијата по последните случувања во скопската населба Ѓорче Петров, според првиот човек на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски е дека е стабилна, но кревка.

 

Aleksandar Krzalovski

Мултиетничките односи после конфликтот во 2001 година во Македонија се стабилизираа и се подобрија, но, некои прашања останаа неадресирани, како образованието, мултијазичноста и слично. Особено во мултиетнички заедници како што е скопската населба Ѓорче Петров, секогаш ги исфрлаат на површина меѓуетничките односи и тензии, но без капацитет за ескалација и тензија, посебно по она искуство кое Македонија го има од конфликтот во 2001“, вели во изјава за „Инбокс 7“, Кржаловски.

Тој истакнува дека поединечните случаи треба да се третираат како такви, да не се поистоветува со нив целата заедница само заради припадност на една етничка заедница. „Значи населението да се воздржува од насилни дејствија. Потребно е преку системот на институциите да се решат ваквите случаи. Со казна да се демонстрира дека нема толеранција за вакви случувања. На пример, за случајот со Смиковското езеро се уште нема пресуда“, вели првиот човек на МЦМС.

Според него, потребно е да се работи на поттикнување на соработката меѓу заедниците се повеќе да има можности за интерграција, пред се, во училиштата.

Кај нас е спротивно и затоа не се придонесува кон изградба на хегемонија во општеството. Лесно е да си силен во својата заедница, но кога на работа или во училиште се сретнуваш со припадниците на другите ентитети многу лесно доаѓаш во конфликт. Отсуството на можности за интеграција создава паралелни светови. На пример зошто децата на училиште како втор јазик да не учат некој од јазиците на помалите етнички заедници, албански, турски, бугарски, туку учат германски и англиски“, вели тој.

 

 

Змијанац: Младите се идентификуваат со убиеното момче и се плашат за себе

Драги Змијанац, директор и основач на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, смета дека бидејќи се работи за убиство на младо момче разбирливо е дека голем број од демонстрантите се и млади луѓе, малолетници, кои се гневни кон она што се случува и кои сакаат да го изразат својот револт.

 

Dragi Zmijanac

Тие се идентификуваат со ова момче кое беше жртва и сочувствуваат со него и се плашат за себе и својата иднина да живеат во средина каде може да биде доведено во прашање нивниот живот и безбедност. Но тоа е и израз и на страв, уплашеност за себе, своите врсници и иднината. Без оглед дали биле членови на навивачи, групи или пак спонтано насобрани преку социјалните мрежи, младите луѓе имаат демократско право на здружување, на слобода изразување на сопственото мислење и барање заштита од страна на државата пред да настане она најлошото. Младите луѓе имаат право да искажат револт и загриженост за својата безбедност и сигурност без разлика на етничка, религиозна или било која припадност“, објаснува Змијанац за протестите во Ѓорче Петров, на кои учествуваа и 15 – годишни малолетници.

Според него, друго е како и на кој начин го изразуваат револтот и гневот за загриженоста и опасноста по нивниот живот и имот од разни криминални банди и криминалци кои посегнуваат по животот на невини граѓани кои се жртви не само на криминалци, туку и нефункционална заштита на животот и на младите луѓе.

„Отаму е и тој бес и гнев кој откога ќе се појави тешко е да се артикулира и наместо да се демонстрира пред институциите на државата кои се должни да го превенираат насилството, истиот се насочува кон луѓе и нивниот имот од другата етничка група кои поради криминалците од своите редови стануваат сите потенцијална жртва“, смета Змијанац.

Тој смета дека решението не е во одговарање на насилството со насилство, туку превенција на насилството и насочување на полицијата во ставање контрола на криминалот, работа на превентивни програми со младите кои започнале со криминални активности.

МОФ: Да запре ланецот насилство!

Младински образовен форум (МОФ) го осудува убиството на младиот Ангел кое се случи во населбата Ѓорче Петров и сочувствува со неговото семејство, роднините и пријателите. „Ваквиот чин на насилство не смее да се толерира и дека виновниците треба да бидат соодветно казнети низ судски процес“, смета Марјан Забрчанец од МОФ.

marjan zabrcanec

Марјан Забрчанец

Од МОФ повикуваат на разум, трезвено постапување и смирување на тензиите и насилството кои дополнително ескалираа низ улиците во Ѓорче Петров. Младите да не ги перцепираат меѓуетничките разлики како причина за убиството и да не одговараат со насилство врз невини граѓани и нивните имоти. Оттаму ги повикуваат и полициските сили да се воздржат од насилство врз младите луѓе и да обезбедат мирен терен без брутално однесување, со цел да не внесуваат дополнителни тензии.

Забрчанец најсилниот апел го упатува до носителите на одлуки во Република Македонија. „Бараме итна реакција и повик за мир од страна на лидерите на сите политички партии, носителите на функции во институциите, Премиерот и Претседателот на државата. Молкот на институциите води кон разногласија и шпекулации меѓу јавноста, па затоа неопходна е нивна јасна и јавна реакција“, велат од МОФ.

Хелсиншки: Националистичката пропаганда носи само краткорочни политички цели

Помирувањето нема да се случи се додека носителите на јавни функции без оглед на нивната етничка припадност одбиваат заеднички да се издигнат над своите партиски интереси и продолжуваат со националистичката пропаганда која единствено резултира со постигнување на краткорочни политички цели“, смета Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права.

helisnki komitet logo

Хелсиншкиот комитет изразува сериозна загриженост за ескалацијата на омраза на етничка основа како резултат на убиството младиот Ангел Петковски.

Во изминатите две години Комитетот постојано апелира дека насилството помеѓу младите и омразата ескалираат и не се забележуваат тенденции на опаѓање. Напротив, бројот на инциденти, насилство и телесни повреди помеѓу младите од албанската и македонската етничка заедница се во пораст“, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет.

Хелсиншкиот комитет констатира дека и во оваа прилика иницијатори за овие настани се младите луѓе, меѓу кои и малолетни лица. Оваа организација се осврнува и на обидот на полицијата да спроведува цензура во медиумите одземаќи  новинарски снимени материјали од протестите:

Иако полицијата во најголем дел соодветно се справуваше со разгневената толпа, од страна на неколкумина новинари комитетот беше известен за одземање на фото и видео материјал сочинети за време на протестите. Ваквото постапување во моментот на приведување на неколку учесници од протестот е флагрантно прекршување на членот 16 од Уставот на РМ преку кој се гарантира слободата на јавното информирање, примање и пренесување на информации и се забранува цензурата“.

Како известуваа медиумите на албански јазик? 
Медиумите на албански јазик известуваа за настанот, давајќи акцент на демолирањето на имотите на Албанците во Ѓорче Петров и на вознемирувањето на граѓаните во близина на оваа населба. Порталот АЛМАКОС во текст со наслов „Се разотиде толпата на мостот во Сарај во Скопје, по апелот на оџата„, известуваше за собирот на Албанците кај мостот во Сарај поради тензиите во Ѓорче Петров. Според порталот, по апелот на оџата, граѓаните, кои беа во голем број, си отидоа во нивните домови. ПОРТАЛБ известуваше во текст со наслов „Паника кај албанските жители, мажите ги чуваат имотите“. Според овој медиум, во населбата Нерези во Скопје, се собрале мажи, распоредени на почетокот на оваа населба, со цел да ја спречат толпата на македонските демонстранти, која како бесна се обидувала да влезе во албанските населби.  АЛСАТ М имаше наслов „Се расветлува убиството, се бараат вандалите кои демолираа објекти“.
Голем број медиуми, значење и дадоа на изјавата на адвокатот на Насер Ештрефи, Рубин Двојаков, кој за весникот „Коха„ изјавил дека „ножот, со кој е убиен Ангел Петковски, е на жртвата, а Насер се самоодбранил.“

Треба да се забележи дека порталот „Република“ на албански јазик за разлика од истиот на македонски јазик голем простор издвојуваше за инцидентите во Ѓорче Петров, со акцент на албанската перпектива на настаните.

tahiri@inbox7.mk