Денешна дата
01/12/2021

Саит Саити, Генерален секретар на Црвен крст на Македонија: Македонија не ја заборави Хрватска

Иако и Република Хрватска се соочува со штети во подрачјата зафатени од поплавите, таа како членка на Европската Унија (ЕУ) никогаш не побарала помош од Македонија, категоричен е генералниот секретар на македонскиот Црвен крст Саит Саити. Во интервју за Инбокс7, Саити вели дека се бесмислени обвинувањата дека Црвениот крст е неорганизран и дека прави злоупотреби со помошта што деновиве пристига од сите страни на земјава

Инбокс7: Г-дине Саити по поплавите што ја зафатија и Хрватска дел од јавноста реагираше вклучувајќи ја и Заедницата на Хрватите во Македонија дека македонската држава ја заборави Хрватска, па оттука и прашањето дали Црвениот крст ќе исрати помош и таму?

     

Саити: Што се однесува до Хрватска нашето национално друштво постојано комуницира со нивното. Проценките од терен зборуваат дека размерите на поплавите во Хрватска се во доменот на можностите на справување на самите хрватски власти. Имајќи ги во предвид и можностите на хрватската држава за користење на фондовите на Европската Унија, од нивна страна е проценето дека сега за сега нема потреба од вклучување на некаква си помош надвор од границите на државата. Ни’ се обратија и од заедницата на Хрватите во Македонија.  Им кажавме дека сме во постојан контакт со нивната држава која вели дека сега за сега не е потребна никаква помош. Но, доколку во наредните денови добиеме такво барање ние ќе бидеме во функција на помошта која би ја обезбедиле доколку тоа биде побарано од нас.

 

Инбокс7: Деновиве можеше да се прочита и да се слушнат обвинувања на сметка на Црвениот крст дека е недоволно организиран и дека на некој начин ја попречува работата на другите што сакаат да донираат хуманитарна помош во Србија и Босна и Херцеговина (БиХ) бидејќи имале проблеми на граница при транспортот на помошта. Како одговарате на ваквите обвинувања?

     

Саити: Не би се согласил со се’. Кога се обидувате да направите некоја работа тогаш секогаш ќе има такви кои ќе се обидат во своето неработење и неможноста да придонесат да се вклучат и да бараат кај другиот нешто што го нема тој момент. Најодговорно тврдам дека Црвениот крст од првиот ден, од минатата сабота кога за прв пат од националните друштва на Србија и БиХ беше побарана помош, ние веднаш се вклучивме. Во неделата, за која сведоци сте и вие целиот тој наплив на помош која беше наменета за настраданите подрачја, Црвениот крст успеа во текот на неделата комплетно да го собере. Во неделата во текот на ноќта, неделата кон понеделникот успеа да го подготви за во текот на следниот ден заминат пет шлепери со 100 тони храна за настрадените во Србија и БиХ. Ако во тоа некој гледа неподготвеност или бавна реакција на Црвениот крст тогаш јас тука не можам многу да помогнам.

 

Инбокс7: Објаснете ни што се’ треба да се направи за да се транспортира една хуманитарна помош надвор од Македонија?

 

Правото да бидеме видени во оваа ситуација веројатно го стекнавме затоа што внатре се докажавме и покажавме како агенција која поседува квалитети и внатрешни ресурси кои можат да одговорат на една ваква ситуација. Тука не се мисли само на материјално-техничките и човечките ресурси туку и на можностите за следење и почитување на сето тоа што значи норма и норматив во работењето. Доставувањето на хуманитарна помош во странска држава подлежи на законските процедури кои се важечки во државата за било кој друг извоз. Ние до сега во настраданите подрачја однесовме околу 500 тони хуманитарна помош, зборувам како Црвен крст, не зборувам за другите организации и граѓански иницијативи. Сето тоа беше распределено во 25 пратки. За секоја пратка поединечно се подготвуваат документи кои ги налагаат прописте на Република Македонија, а кои што се однесуваат на изнесување на хуманитарна помош надвор, но и документи кои се адекватни на прописите што ги имаат другите држави каде што оди хуманитарната помош. Нашата помош поаѓа од скопската царина и завршува во Царината во Белград. Нити одиме по пат и застануваме ниту пак имаме право на тоа. Нашите пратки имаат испорачател Македонија и примател црвен крст на Србија и БиХ.

 

Инбокс7: Надвор од вашите надлежности кои што се организирани со закон, кажете ни кој и на каков начин може да донира помош во странска држава?

 

Саити: Не велам дека Црвениот крст е единствен и нам никој не ни кажал  дека сме ние апсолутно единствени. Претпоставувам дека секој оној кој што ќе сака да работи на темата хуманитарна помош внатре и надвор ќе мора да ги почитува правилата, прописите и законите за да ги регулира тие процедури. Повеќе немам што да додадам, секој може да си работи, ние ниту може да му забраниме ниту пак некој може да не овласти да го правиме тоа.

 

Инбокс7: Споменавте дека Црвениот крст на Македонија до сега донираше околу 500 тони помош распределена во 25 пратки. На кој друг начин ќе помогнете Србија и БиХ да се справат со поплавите?

   

Саити: Нашите активности во овој правец се со датум 31 мај 2014 година. До тогаш тековно се спроведува собирање на хуманитарна помош, доставување на истата до настраданото население на Србија и БиХ, се разбира адекватно со проценката и потребите на тие средини. Паралелно со тоа активиравме и други механизми и форми за помош во вакви ситуации. Тоа се трите донаторски линии кои Црвениот крст  ги поседува во договор со трите мобилни оператори кои се активираат повремено за вакви активности. Заклучно со денеска од донаторските линии се собрани околу 9,5 милиони денари. Како редовна форма повторно се користи нашата солидарна сметка која е апсолутно наменска и служи само за такви ситуации и не е дел од тековното работење. На неа до денеска се собрани околу 2,7 милиони денари. Пресметано во евра тоа е околу 200.000 евра. Искрено се надевам дека до крајот на месецов ќе бидат собрани многу повеќе. По завршувањето на ова, доколку се процени дека е исцрпен интересот ќе се направи пресек на истите по пат на редовно работење, вклучуваќи ги сите механизми на контрола и на јавност. Парите ќе бидат поделени согласно дознаката таму каде што има дознака или согласно онаа намена која луѓето ја прокламираат како помош.

 

Инбокс7: Имате ли апел до граѓаните? 

 

Саити: Остануваме посветени и активни во овој дел. Рековте ефикасни и ефективни, јас би додал и канализирани во целото работење.  Понатака, во зависност од проценките што ги добиваме од нашите колеги во Србија и БиХ за потребите на тамошното население а имајќи го во предвид новиот момент во смисла на тоа дека поплавите веќе се намалуваат и следи фаза на рехабилитација односно враќање на населението во своите домови. Тоа бара нов начин на однесување. Од тие причини се менува и апелот за тоа што треба да се донира. Престануваат потребите од вода за пиење во овој момент. Дури и храната е во задоволителни количини. Се наметнува потребата од средства за хигиена и средства за дезинфекција, нешто што ќе им биде потребно за граѓаните што се враќаат во своите домови. Доколку сакаме, а јас не се сомневам дека сакаме да бидеме хумани и ќе бидеме хумани, активностите треба да продолжат преку обезбедување средства преку донаторските линии и преку уплата на нашата солидарна жиро сметка. Исто така и преку организирање на различни културно-спортски активности кои како краен резултат го имаат финансискиот ефект од нивното одржување. Така ќе се мотивираат граѓаните преку нивно учество да донираат а сето тоа ќе биде еден голем прилог кон тоа што значи помош кон тие луѓе.

opetceska@inbox7.mk