Денешна дата
14/07/2020

Социјална берза (1): ВО СИНДИКАТОТ СМРДИ – МИТРЕВСКИ!!!

Одамна од синдикатите заудара политичкиот гејзер. Канализациската реа го (за)гуши и нивниот лидер Митревски, па морал да ги избегне напатените социјалци. Наместо да ги дочека на влезот од Скопје и да се стави на чело на поворката, челникот на Сојузот на синдикатите остана приврзок на власта. Дури немал ниту минимална мотивација да се симне меѓу нив и да придобие нови членови. Тој и неговите (де)модирани гранкови асоцијации заспиваат пред и по социјалниот дијалог со Владата, немаат никаква достапност до менаџерите на компаниите, не ги интересираат модерните форми на експлоатација.

Во овој период на втората етапа од македонската транзиција, сведоци сме на општествениот и на економскиот „неоколнијализам“. Живиот труд е обезвреднет, подеднакво на високобразованите и на работништвото. Нарушениот пазар на труд, со економска диспропорција меѓу децениското хуманистичко образование, наспроти реалните кадровски ресурси за стопанството, ја девалвира и тезата дека имаме високообразована и квалитетна работна сила. Апсурдот на актуелниот минимален раст се базира врз евтината работна сила, која се промовира како економска предност за привлекување на странските инвеститори. Главните политички „шоумени“, Иванов, Груевски, Ставревски, Пешевски…, во европските и во прекуокеанските престолнини на бизнисот, ја распродаваат мануелизацијата, физичкиот час во погоните, како најевтини во Европа. Претседателот на Македонија тоа го промовира и во Кина, довчерашната земја на „ропско експлоатирање“, како што Меѓународната организација за труд ја опишуваше состојбата во извештаите само од пред една декада. Затоа и ни се случува домашните инженери и градежните работници, ангажирани за новите автопати кон Штип и Смоквица, на исти работни позиции да имаат по 4-5 пати пониски плати од носителите на проектите од Кина и од Грција.

„Законот кој го донесе Владата за обесштетување на стечајците нема ефект и тој беше само за политички маркетинг. Владата излезе со податок дека 3000 стечајци ќе бидат обештетени. Агенцијата за вработување континуирано во овој период не излегува со бројка колку стечајци се обесштетени со тој закон. Нивната бројка не е 3000, дали 300 се во прашање?Само 0,46% од буџетот е доволно за да се обесштетат стечајците“, оценува д-р Здравко Савески.

Податоците за висината на плати се строго чувана тајна, иако работодавачите, странските и домашните, се должни јавно да ги огласуваат нивните износи? Не е никакво чудо кога ќе чуете дека кај странските корпорации, најниските плати се колку и додатокот за стечајците. Со неговото планирање, политички профитираше ВМРО-ДПМНЕ преку пропагандистичките потписи на Груевски со штрајкувачите околу Стојанов, во стариот Парк на жената, во шпицот на изборната кампања во 2006 година.

Медиумско-политичката еуфорија е дека извозот, во првото тромесечје, драматично се зголемува, благодарение на светските брендови во слободните зони. Но, Гувернерот на НБРМ конечно ја објави суровата реалност. Суфицитот во цените на производите за експорт-импорт од овдешните корпорации, главно во Бунарџик, Кавадарци и во Штип, е само 10%, кажа Богов, во неделно интервју за Слободна Европа. Околу 90% од нивните приливи од странство, дислоцирани фирми во економските зони ги користат за увоз на репроматеријали за нивното производство во Македонија. Во него е вградена (бец)ценетата работна сила, буџетските повластици што државата им ги дава на компаниите со ослободување на социјалните давачки или нивно сведување на минимален цензус, ослободените царински давачки, придонесите со што домашните компании се оптоварени и често неконкурентни на странските пазари. Девалвацијата на вредноста на ангажираната работна сила во слободните зони, ја спуштија и цената кај доминантните домашни фирми, од каде се алиментираат 75% од буџетските приходи, како и 90% за социјалните трансфери. Студијата „Богатството и сиромаштијата во Македонија“, на авторите од левичарското движење „Солидарност“, го разгледува периодот 2008 – 2012 година и прави споредби меѓу највисоката, средната и минималната плата во земјата: „Во 2008 година највисоката бруто-плата беше 48 пати повисока од просечната, а во 2011 станува повисока за 185 пати. Во истата година, највисоката нето-плата е 245 пати повисока од просечната, додека во однос на минималната од 8.050 денари, повисока е дури 631 пати.

И се разбира, новиот модерен облик на грабеж на работната сила и нејзината додадена вредност, класичните форми на неоколонијализам, не се предмет на интерес за заспаните синдикални водачи. Актуелниот Митревски станува соучесник во обесчестувањето на трудот, како есенцијална и мерлива категорија во создавањето на профитот. На неговите претходници, Толевски и Муратовски, на товар на совеста или на неспособноста им останува транзицискиот грабеж на тековниот и на минатиот труд како дел од создавањето на акционерскиот капитал, големите финансиски афери и безбројните стечаи како форми за обезвреднување на создадениот капитал.

Дали некој памети некаков штрајк за работнички и за социјални права? Дури и во комунизмот не се заборава реката од 10 Железарци кон Собранието, што предизвика и идеолошки судир во тогашниот врв на СКМ. Кон крајот на 80-тите години, во Федерацијата медиумски најатрактивен беше најдолгиот штрајк на текстилците во Елегант, Гевгелија, или на работничките од Кратовска Иднина, што му се спротивставија на и тогаш моќниот Иванов-Ѕинго, добриот ученик и пријател на Лазо Колишевски?

Штрајкот е легитимна форма на изразување на незадоволството на вработените од остварувањето на социјалните и на работничките права од Колективните договори, а синдикати постојат и во корпорациите што во Македонија сакаат да се амнестираат од обврските кон социјалните права на ангажираната домашна работна сила.

 

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)