Денешна дата
14/07/2020

Говорот на омраза експлозив за 170 злосторства и инциденти во Македонија

Македонските граѓани тешко се одлучуваат да пријават злосторство или инцидент, извршени од омраза, поради стравот од одмазда и недоверба во полицијата и во судовите. Невладиниот сектор, регистрирал повеќе од 170 кривични дела, а стотина од нив се предизвикани поради етничка нетрпеливост

фото од протестот во Ѓорче Петров: Роберт Атанасовски

 

Говорот на омраза кој како отров за животот на луѓето едни со други и во Македонија предизвикувазагрижувачка состојба. За тоа сведочи најновиот извештај на Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права според кој во периодот од јануари до декември во 2013 година биле забележани 116 злосторства и инциденти од омраза, а од февруари до мај 2014 година вкупно 170. Дури 97 биле предизвикани поради етничка нетрпеливост. Уште позагрижувачки е тоа што најголем дел од извршителите се малолетници, а жртви, како и сторители се Македонци и Албанци.

Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Струга се критичните жаришта во кои се случиле најголем дел од инцидентите предизвикани поради говор на омраза.

 

Што е говор на омраза?

Секогаш кога некој поради предрасуди од каква било природа (религија, сексуална ориентација, родов идентитет, хендикеп, јазична способност, морални или политички ставови, социјална состојба, раса, род, возраст, етничка припадност, националност), сака да омаловажи, да вознемири, или да предизвика насилство алармираме дека станува збор за говор на омраза.

 

Обвинителство: само една пријава во 2013 година

Дали и колку од граѓаните, жртви на говор на омраза, се решаваат на судска потрага по правдата е прашањето што се наметнува по објавените податоци на Хелсиншкиот комитет за сторените кривични дела?

osnoven sud skopje 1 skopje

Според Основниот суд Скопје 1, најголемиот во земјава, велат дека во 2013 и 2014 година не се воделе судски процеси за кривичните дела предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост и повреда на рамноправноста на граѓаните.

„Во овој период, во судот во октомври 2013 година обвинителството поднело само еден супсидијарен обвинителен акт за кривично дело повреда на рамноправноста на граѓаните. Судијата што постапувал по овој предмет не се согласил со обвинителството и дал предлог обвинението да биде отфрлено. Кривичниот совет го уважил предлогот на судечкиот судија и го отфрлил супсидијарниот обвинителен акт на обвинителството. Со тоа оштетениот во овој случај сам го презел гонењето  “ , велат од Основниот суд Скопје 1.

Во правната анализа на професорот, академик Владо Камбовски и судијката во Судот за човекови права во Стразбур, Мирјана Лазарова Трајковска, пишува дека во македонската практика на откривање и гонење на делата на омраза отсуствува основниот пристап на нивно разликување како посебен облик на криминал.
„Нема ни посебно опсервирање и известување, како ни статистики за делата на омраза како што има во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија. Полицијата не води посебни евиденции, а во кривичните пријави не се истакнува постоењето на мотивот на омраза и при постоење јасни индиции дека извршителот постапувал со такви побуди. Забележлива е и тенденцијата да се избегнува или да им се дава поблага квалификација и на очигледни случаи на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, пишува во анализата. 

Според заклучоците до кои дошле Камбовски и Лазарова Трајковска меѓу причините за ова „се резервираниот став на судската практика во однос на прифаќањето на концептот на дело на омраза, преку независноста на судството, до постојната констелација на политичките и меѓунационалните односи“.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) посветува големо внимание на судските предмети кои се однесуваат на говорот на омраза, но македонските граѓани, како што нагласуваат познавачите на состојбите, не ја бараат правдата пред овој суд:

 

Mirjana Lazarova sudija vo Strazbur

„ Пресудите на ЕСЧП се важен паток за Македонија затоа што еден предмет додека стигне пред судот во Стразбур поминуваат години во постапките пред националните судови. До тогаш говорот на омраза се престорува во огорченост, напнатост, нетолеранција и насилство. Инаку, моментално пред судот против Република Македонија нема вакви предмети“, вели за Инбокс7, Лазарова-Трајковска.

 

 

 

Во Хелсиншкиот комитет состојбата со злосторствата и инцидентите прдизвикани од говор на омраза ја оценуваат како крајно загрижувачка. Сметаат дека за тоа најодговорни се државата и политичките партии – тие или воопшто не преземаат мерки или тоа го прават инцидентно и задоцнето – само кога се презема акција за смирување на страстите по веќе случено злосторство.

„Сеуште не сме дочекале и не сме виделе претставници на најголемите политички партии да застанат рамо до рамо и да повикаат на смирување на страстите, особено помеѓу Македонците и Албанците“ , вели Воислав Стојановски, правен советник во Хелсиншкиот комитет. 

 

Кој долева масло на огнот?

Политичарите се главните потпалувачи на огнот во меѓунационалните односи. Со ваква констатација е и Семи Мехмети, новинар, кој живее, во Ѓорче Петров каде што во минатата недела беше убиен матурантот Ангел Петковски.

semi mehmeti

Семи Мехмети: Радикалните структури се мотивираат, се охрабруваат од владината политика

Мехмети за Инбокс7 вели дека изјавите на премиерот Никола Груевски дека бара 62 пратеници, за да не биде условен од партијата на Албанците ДУИ многу придонеле за етничката и за верската нетрпеливост не само во оваа општина, туку воопшто во државата. Според него, секогаш кога меѓуетничките односи одат по надолна линија, тогаш како по правило се уништуваат приватните имоти на Албанците кои се малцинство во оваа општина.

„Радикалните структури се мотивираат, се охрабруваат од владината политика и од дел од новинарите кои дејствуваат и манифестираат антиалбански ставови. Па, затоа политичарите и медиумите, треба да имаат поумерен речник, за да не дојде до поголеми конфликти“ вели Мехмети.

Тој тврди дека со свои очи видел како дел од граѓаните кои протестираа поради убиството на Ангел барале полицијата да ги пушти во Сарај за да ги нападнат жителите Албанци.

Дејан Николовски, сопственик и новинар на веб порталот „Нетпрес“ исто така жител на Ѓорче Петров, смета дека инцидентот има етничка заднина.

„Главната поента не е кражбата на велосипедот, туку дрскоста со која беше извршена. Порано се крадеше ноќе, кога луѓето спијат.Тогаш е нормално  да очекуваш дека никој нема да те види. Денес, тоа се прави среде бел ден. Крадците без око да им трепне крадат скутери, велосипеди, автомобили.. Потоа ги уценуваат граѓаните за одредена сума  пари да им ги вратат украдените работи“, вели Николовски.

dejan nikolovski novinar

Дејан Николовски: Жителите на Ѓорче Петров мирно протестирале се’ до моментот кога поголема група луѓе од различни делови на Скопје се приклучиле на протестите

Тој не се согласува со Мехмети дека протестите во Ѓорче Петров биле насочени кон Албанците. Како сведок на настаните, тврди дека по убиството на Ангел жителите на Ѓорче Петров мирно протестирале се’ до моментот кога поголема група  луѓе од различни делови на Скопје се приклучиле на протестите. Потоа, најголемиот дел од ѓорчепетровци се повлекле. Според него, проблемот настанал кога поголема група млади луѓе тргнале да си одат по што се судриле со полицијата.

 

Нема доверба, кога нема ни разрешница за масакрот кај Смиљковско Езеро

 

Масакрот кај Смиљковското Езеро, кога во април 2012 година на Велигден беа убиени петмина, е еден од клучните моменти поради кои во Македонија расте бројот на инциденти, предизвикани од омраза, констатираат во Хелсиншкиот комитет.

На обвинетите им се суди за кривичното дело тероризам. Обвинителството смета дека овој чин е етнички мотивиран – дека сторителите на кривичното дело намерно избрале Македонци за да влеат страв и несигурност меѓу граѓаните, како и да предизвикаат дестабилизација на државата.

Хелсиншкиот комитет оценува дека долготрајноста на судската постапка во случајот на петмината убиени кај Смиљковци, и не казнувањето на виновниците, само ќе ја влоши состојбата со кревките меѓуетнички односи.

„Доколку имаше разрешница на овој случај граѓаните ќе стекнеа доверба и ќе знаеја дека доколку во иднина се случи некој таков настан македонското судство и другите институции се подготвени да реагираат и да ни ја кажат вистината за настаните“, вели Стојановски.

 

Дебар – град на соживотот

 

Во општината Дебар не е регистрирано ниту едно злосторство ниту пак било каков инцидент врз основа на говор на омраза и тоа не само во текот на 2013 година, туку и во претходните години.

Главно, во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и во Струга, се случиле сите инциденти предизвикани од омраза, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет. 

Градоначалникот на Дебар Ружди Љата вели дека добриот етнички соживот во оваа општина има своја историја а жителите љубоморно ја чуваат таа своја традиција.

 

rudzdi lata gradonacalnik na debar

„Затоа постои само една основаверската толеранција. Кога има верска тогаш има и етничка толеранција. Токму затоа ние дебраните ја чуваме традицијата – верските празници да ги славиме заедно. Секогаш дебраните биле најдобри пријатели со жителите на Гари или на Лазарополе. Галичник секогаш бил отскочната штица на трговците од Дебар за Солун. Во минатото во Дебар бизнис партнери секогаш биле двајца. И тоа еден Македонец еден Албанец. Така е и денес“ , вели Љата.

 

 

 

 

 

Говорот на омраза во минатата година особено бил загрижувачки и кога станува збор за нетрпеливост кон политичките конкуренти, кон луѓето со различна сексуална ориентација. Аналитичаарите на состојбата со човековите права, на говор на омраза предупредуваат и во поздравувањето со рака, познато како „хаил“ и употребата на нацистички симболи во вид на графити, исцртани низ цела Македонија.

Уредник: Стојанка Митреска

opetceska@inbox7.mk