Денешна дата
14/07/2020

Слаѓана Тасева: Антикорупциската комисија нè постои

Инбокс 7: Неделава беа објавени финансиските извештаи на партиите за изборите.Реални ли се извештаите што ги прикажаа партиите?

Тасева: Долго време се боревме да се објавуваат јавно финансиските извештаи од партиските кампањи. Сега ја актуелизираме темата за реалноста и објективноста на тие извештаи. Покрај обврската да се објави тој извештај, Министерот за финансии има обврска да направи образец на кој партиите детално ќе може да ги пријавуваат и приходите и расходите направени во предизборните кампањи. Од овие извештаи реално може да се види од каде стигнале парите и за што се потрошени овие пари. Извештаите не се реални затоа што не се детални, многу се општи, генерализирани и од нив всушност, ништо, не може да се види.

Втората работа, е што во оваа кампања утврдивме дека влегуваат и сретства од други извори. Се плаќаат трошоци за кампањи од сметките на Локалните самоуправи. Таму влегуваат и сретства за кои не им го знаеме потеклото, како наводни донации од луѓе, а не знаеме ништо за потеклото на донираните пари.

Инбокс 7: Има ли црни пари во изборните кампањи што не се претставени во финансиските извештаи?

Тасева: Во политиката секогаш имало црни пари и сега има. Ова се едноставни индикатори кои покажуваат дека има црни пари во политиката. Заттоа се објавуваат недефинирани, недетални извештаи во трошењето на пари во изборните кампањи. Институциите кои што го следат потеклото на парите не си ја спроведуваат својата надлежност до крај. На пример Управата за јавни приходи, треба да го испита потеклото на парите на донаторите. Не може донатор за партијата да дава 1.000 евра, а на сметката да има месечни приходи од 8.000 денари. Овде Управата за јавни приходи многу лесно може да провери од каде се тие пари. Едноставно заради плаќање на даноците. Институциите избегнуваат да си остварат овој дел од својата законска надлежност, како што не ги контролираат и компаниите кои донираат за политичките партии. Не се контролирани ниту компаниите што фактурираат стоки на партиите, а подоцна ги пријавуваат како донации. Иако донациите треба претходно да бидат пријавени. Финансирањето на политичките партии е во некоја сива зона. Имаме закон за финансирање на политичките кампањи, но во имплементацијата на овој закон оставаме да биде матно за да не се откријат вистинските донатори.

Инбокс 7: најавивте кривични пријави за злоупотреби на јавни пари, кога обвинивте за исплаќање на изборни кампањи во кеш, посочувајќи го општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп? Колку вакви случаи откривте за овие избори?

Тасева: Тие се случаите што ги откривме. Прилепскиот случај го окривме следејќи ги обвинувањата на политичките партии. Една политичка партија ја прозва другата дека работници од Јавното претпријатие работат за сметка на една политичка партија и го проверивме овој случај преку законот за слободен пристап до информации, каде се испостави дека е точно. Општинската канцеларија на партијата во готово и платила на Јавното претпријатие. Со оваа постапка се сторени неколку кривични дела.

Со законот за финансирање на политичките кампањи е забрането плаќањето во готово. Второ прекршување на законот е што не смее да се плаќаат услуги од општинската канцеларија на партијата, затоа што сите исплати се вршат преку единствената сметка отворена за време на изборите. За овој случај поднесовме кривична пријава против одговорното лице за водење на кампања во ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам дека Јавниот обвинител ќе поведе постапка бидејќи ги имаме сите докази.

Вториот случај беше за финансирањето на кампањата за локалните избори, минатата година. Обвинувањето беше дека некој испраќал СМС пораки на општините да платат сметки на политичката партија. Од општината ни потврдија дека ги платиле тие фактури и со тоа го прекршија законот во кој јасно стои дека општината не смее да плаќа на политичка партија.

Многу лесмо можат да се следат трагите, но јас ги повикувам институциите да го прават тоа, тие имаат капацитет и овластување за такви активности.

Инбокс 7: Во медиумите беше најавена инвестицијата на грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас со изградбата на хотел на плоштад Македонија. Тоа е истиот бизнисмен кој вие го посочивте како посредник во поткупот на македонски политичари за случајот со аферата во „Телеком“. Има ли простор за корупија во овој случај?

Тасева: Тврдењето дека Кондаминас бил посредник во поткуп, никој не се зафати да го докажува. Ние бевме првите кои го објавивме името на Кондоминас. Нашите институции тврдеа дека не постои начин да се утврди кои се тие фирми што извлекувале пари од Телкекомот. Фирмите кои се посочени и кои се во сопственост на Димитрис Кондаминас, беа наведени во обвинителниот акт против Македонскиот Телеком во Соединетите Американски држави. Во тој акт се пишува дека тој се понудил како посредник помеѓу Владата и Маѓар Телеком за да се одложи конкуренцијата на телекумуникациски услуги, односно да се продолжи монополската позиција на Телекомот. Во обвинителниот акт пишува дека целта за извлекувањето на овие пари била да се поткупат одредени политчари во тоа време можеле да донесат одлука за одложување на примената на тој закон.

Инбокс 7: Кои се тие политичари?

Тасева: Јас не сакам да ги именувам, но во обвинителниот акт јасно стојат нивните имиња. Но факт е дека нашите институции не превзедоа доволно мерки за да се докаже посредништвото на Кондаминас, поткупот кој што е даден, злоупотребата на службената положба или тргувањето со влијание.

Интересно е што во американскиот акт стои една одредба во која е наведено дека покрај на македонските политичари, морало пари да им се дадат и на албанските за да ја подржат одлуката за одложување на одлуката за воведување на конкуренција во телекумуникациските услуги.

Ова се коруптивни спреги, од кои подоцна одредени одлуки се носат врз база на корупција.

Инбокс 7: Случајот „Македонска банка“ предизвика реакции во јавноста. Дали во конкретниот случај би требало да реагира Обвинителството?

 

Тасева: Јавното обвинителство мора да ги провери сите околности за тој случај. Само преку читање на весниците може да се види, дали навистина во тоа време е продадена Македонска банка. Поранешниот гувернер во едно интервју потврди дека таа банка е продадена за толку пари, колку што стои во тој телефонски разговор. Овде има повеќе индиции за релевантноста на објавените информации. Јавниот обвинител мора да го истражи случајот и да утврди дали навистина има корупција или не. Особено е значајно ова бидејќи станува збор за една од највисоките државни функции, а тоа е премиерот. Сите актери во овој случај се познати. Сите тие се достапни. Мислам само дека Господинот Ден Дончев не е во Македонија, аве ќе го споменеме бидејќи и тој е учесник во тој разговор.

Им се објавени имињата на оф шор компаниите. Што се случувало на сметките на тие компании исто така може да се дознае. Нема елемент кој не може да се провери. Сега на потег е обвинителот да ги расчисти дилемите.

 

Инбокс 7: Македонија е на 67 место на индексот за перцепција на корупцијата  и е раст во однос на 2012 година за 2 места. Колку овој индекс е реален во преставувањето на корупцијатаи каде беше Македонија пред 5 години на овој индекс?

 

Тасева: На овој индекс ние сме биле на 103-то место, во 2001 година бевме на 69-то место. На оваа скала, на прво место се најнекорумпираните земји, додека на последното се најкорумпираните. Местото на Македонија е во втората половина на табелата, што не е добро. Ние сме во група на земји каде проблемот со корупцијата е многу изразен. Подобрувањето на состојбата е поради економските критериуми кои ги мери и Дуинг бизнис.

 

Инбокс 7: Како гледате на Говорот на омраза? Кој го подгрева и колкаво е влијанието на политиката за појава на говор на омраза во јавноста?

 

Тасева:Говорот на омраза започна да се користи во 90-тите години од политичарите. Уште тогаш со употреба на говор на омраза или со напаѓање на другиот се добиваа политички поени. На платформата „Албанците се лоши“, се добија избори за прв пат во 1991 година. Постојано го градиме говорот на омраза.

Говорот на омраза може да се однесува и на други групи. Неодамна имавме говор на омраза во однос на странски дипломат. Поводот на тој што го употреби е за да изрази став во однос на една општествена група.

Во последниот случај при убиството на матурантот во населбата Ѓорче Петров, самите институции го потикнаа говорот на омраза, посочувајќи дека убиецот е со одредена национална припадност.

Треба многу да внимаваме кај говорот на омраза, тој и во иднина може да предизвикува сериозни проблеми во нашето општество.

 

Инбокс 7: Како гледате на големата нерамнотежа во трошењето на парите на позицијата и опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ за секој пратеник официјално има потрошено по 23.000 евра, ДУИ дури 30.000 евра, додека опозиционите СДСМ 4.000, а ДПА само 1.500 евра по пратеник. Колку оваа нерамномерна распределба на парите влијае врз рекламирањето и настапот на изборите и на крај врз конечниот исход од изборите?

 

Тасева: Последните избори потврдија, каде се парите, таму е и победата на изборите. Бевме сведоци на плаќање на гласови, носење на луѓе на избирачки места, се правеа и други работи за да се обезбедат гласовите и гласачите. Кај нас многу силно започна да се користи лошата социјална положба на населението за да се добиваат гласови и да се поткупат гласачите, што според мене е кривично дело. Сведоци сме дека опозицијата се задолжува, зема кредити за да се покрие на избори.

Во Србија, некои партии вложија многу во изборите, но на крај не добија толку пратеници, за да покасно да добијат пари од буџетот. Подоцна мораа тие партии да земаат лични кредити за да ги вратат тие пари кои ги потрошиле во кампањата.

Инбокс 7: Се користи ли буџетот за изборна кампања?

 

Тасева: Да, се користи. Сите тие активности околу буџетот пред изборите имаа јасна цел да се обезбедат пари во буџетот за да можат подоцна да се трошат онака како што му требаат на тој што располага со тој буџет. Немаме никаква контрола на парите во кампањите и буџетски сретства секогаш се трошат при изборите. Тука најмногу работа може да заврши Државниот завод за ревизија, но засега тоа не можеме да го препознаеме од нивните извештаи. Порано од извештајот на ревизорот можевме да утврдиме дека некое јавно претпријатие потрошило многу пари за бензин или за купување на маици во време на изборна кампања. Се трошат пари на сите можни начини. Се трошат пари за проекти кои не смеат да се започнуваат во време на изборна кампања. Се троши на злоупотреба на функцијата во кампања. Затоа што со буџетски пари се плаќа и гориво и телефони за целата свита што оди со министрите кога тие одат во кампања како кандидати за пратеници. Сето тоа е недозволено трошење на сретства од буџетот. Има многу форми каде се користат пари од буџетот за изборни кампањи.

Инбокс 7: Како го отценувате работењето на Државната комисија за спречување на корупцијата?

 

Тасева: Ниту ја гледам, ниту ја слушам ниту сакам да ја оценувам работата на Државната комисија за спречување на корупцијата. Таа не постои. Едноставно ја нема. Тие луѓе едноставно се повлекоа во илегала, добија професионален статус, си уживаат во него. Ги нема никогаш на работа ниту некој ги видел нешто да работат. Официјално државата има антикорупциска комисија, но ако ја отворите нивната веб страна тие се занимаваат со некакви проекти за интегритетот или за работењето на локално ниво. Никогаш нема конкретен одговор на прашање за судир на интереси, со корупција. Ако вака продолжат ќе придонесат да оваа институција се затвори. Не служат никому и за ништо.

Инбокс 7: Медиумите излегоа најголеми финансиери на политичките партии. Како вие го толкувате овој податок и како таа тесна врска ќе влијае врз објективно или необјективно информирање за изборите од страна на медиумите?

 

Тасева: Политичките партии претходно имаа голем број на фактури кои не се платени кон медиумите и затоа медиумите се појавија како големи донатори на партиите. Факт е дека медиумското претставување досега имало најголемо влијание врз водењето на кампањите. Владата дирекно не им ги плаќа фактурите на медиумите за партиското рекламирање во изборите, но во текот на годината гледаме дека сите владини реклами одат кај медиумите кај кои партиите на власт имаат неплатени фактури. Се создава должничко доверителен, односно коруптивен однос. Едните со другите си прифаќаат долгови и се задоволни. Тие знаат дека партијата нема да им плати, но знаат дека утре Владата ќе им даде кампањи кои дебело ќе ги наплатат и затоа и не бараат наплата на партиските долгови. Факт е дека медиумите сериозно се контролирани од страна на власта.

lefkov@yahoo.com