Денешна дата
01/10/2022

КОЈА Е ЦЕНАТА НА СТРАВОТ – СТАВРЕСКИ!!! (Социјална берза 2)

Само ден по изборите, во неколку општини од тројката и од четворката, од рано наутро, пред портите на општинските управи и кабинетите на градоначалниците и директорите на фирмите, трпеливо беа наредени десетина паталци. Во рацете ги држеа белешките за струја, неплатените долгови за вода, изводите од банкарските конта.

Недостигаше портретот од минатиот, сегашниот и идниот прв финансиер. Наместо ликот на изборно шармантниот Ставрески, избезумените гласачи се соочија со сопствената болка од големата мамка дали и ним, како социјални случаи, ќе им се отпишат заостанатите долгови кон јавните и кон приватните фирми. Од изборните штабови им ветиле дека ќе им бидат поправени и крововите и прозорците од трошните ќуки, ќе им биде платена некаква здравствена партиципација или лекарски преглед…? Значи, ќе се одземе од профитот на акционерите, од платите на вработените во банките и во ЕВН, од јавните претпријатија, како што е предвидено со изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, за да им се простат давачките на луѓето што живеат во социјална беда. Тој еднократен трансфер би ја чинел државата од 8 до 12 милиони евра, како што јавно и паушално проценуваше чуварот на државната каса, без реални пресметки за опфатноста кај ранливите категории на население, но и дилемите колку ќе чини оваа изборна социјална демагогија.

Новата Влада на Груевски допрва ќе подготвува законска камуфлажа за еден непазарен акт, што ги загрозува уставните начела на Македонија како социјална држава, еднаквост на сите граѓаните, економска праведност, конкуренција на (не)формалната берза на работна сила и нејзината цена, одржливата рамномерност во алиментирањето на буџетот и неговото законско трошење?! Зошто ги прават сите оние нешта, што, сумирани, даваат импресивна слика за сосема обединето општество кое целосно ја поддржува својата Влада? За секој набљудувач, кој нема предрасуди, мислам дека одговорот е очигледен, разочарано соопштил еден од најпознатите хуманисти на современа Европа?

„Стравот ги тера луѓето на тоа“.

Овој категоричен суд го напишал Вацлав Хавел, во писмото упатено до Густав Хусак, еден од последните комунистички лидери. Пред 40 години, познатиот дисидент, филозоф и писател, но подоцна и Претседател на Чешка. Во спротивставувањето на тоталитарната манипулација, напишал трактат, што деновиве е преобјавен и во дел од македонските портали.

Стравот од последиците на одбивањето ги тера луѓето да учествуваат на избори, да гласаат за предложените кандидати и да се преправаат дека им се важни таквите церемонии како што е изборниот процес; од страв за својот живот, позиција или можности, тие одат на средби, гласаат за секоја резолуција за која мораат, или најмалку што прават е да молчатстравот ги спроведува низ понижувачкиот чин на себекритикување и каење, на неискреното пополнување на еден тон деградирачки прашалници; се плашат дека некој ќе пренесе информација против нив и затоа во јавноста, а често и во приватноста, не го искажуваат своето вистинско мислење…“

Во Македонија, секој трет е под прагот на егзистенцијалниот минимум. Така е и според новиот Гини (Џини), коефициент на Еуростат, за мерливоста на БОП според степеност и распространетоста на сиромаштијата. Голема бројка за мала економија и држава.

Кому ќе му се бришат (не)домаќинските долгови? Од каде произлегува привилегијата некому да се прости, додека друг да се натовари? Како ќе се исцрта праведноста, ако не по партиски и по гласачки клуч? Дали сиромашните и манипулирани Роми или некои Јуруци, се поразлични во немаштијата на непријавените Албанци, Власи, и колку тоа влијае на етнизацијата и потценувањето на националното и на човечкото достоинство. Се чини дека од око ќе се вреднува каде и како заработуваат аргатите по полињата, зошто би биле отфрлени работливите чергари и како тие се адаптираат на потрагата по гол живот, што со социјалците на кои државата им определи месечен надомест од стотина евра, а во меѓувреме и си подработуваат, како модерно би рекле „парт-тајм“. Пред социјални проблеми се аграрците на кои поради доцнењето на исплатата на субвенциите и на откупениот род, ниту државата ниту преработувачите им префрлиле пари со што би ги платиле трошоците за користените услуги и банкарските кредити, за финансиските долгови кон добавувачите… Во што е разликата на општествениот статус кон правата и кон обврските ако некому му простите долг, а комшијата до него треба да плати заостанати давачки и камати за нив, па нотари, па извршители, сè еден до еден „кожидери“? Каква судбина ги чека ревносните и дисциплинирани даночни обврзници, наспроти привилегираните од армијата на купени гласови? Едните се обврзани навреме да си ги платат долговите кон државата, а потоа од тие средства да се полни дел од буџетот, средства по кои ќе посегнат носителите на партиските листи за да ги исполнат предизборните ветувања за простување на долговите.

Доколку некоја од приватните компании се согласи на отпис на каматите или на рефундирање на долговите од клиентите, како менаџерите ќе одговараат за сопствената профитабилност пред акционерите. Постојат случаи кога фирмите што влегуваат во сина зона на зголемените и на ненаплатените побарувања, да носат автономни одлуки за привилегии и за стимулации во наплатата на долговите. Но тие се базираат на автономни корпоративни проценки и одговорност за деловноста и за финансиското работење, а не со политички декрети. Акти и акции што се наметнати од власта и диктираат како фирмите ќе го градат системот на општествено одговорни колективи во издржлив економски амбиент, ги загрозуваат принципите на рамноправен третман кон секој и сите свои потрошувачи.

Овој тип на политички клиентeлизaм не е непознат во светот на популистичките власти. Така се оформуваат цикличните кругови на перманентна социјална и изборна демагогија, што подоцна ја плаќаат сите даночни обврзници, секој граѓанин, кому поединечно му се дисперзира јавниот и државниот долг. Така, индивидуалниот страв за егзистенцијата, се претвора во колективна аномија на институциите.

Не случајно Часлав Хавел, кој припаѓал на една граѓанско-елитистичка средина од богатите семејни лози во Чешка, пишувал за стравот, што секако не треба да се сфати вовообичаената психолошка смисла како дефинитивна и прецизна емоција.

„Ние сме засегнати од стравот во подлабока, етичка смисла. Помалку или повеќе, свесното учество во колективната, перманентната и во сè присутната опасност, анксиозност за тоа што е, или може ќе биде, е постепено навикнување на оваа закана како суштински дел од реалниот свет“.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)