Денешна дата
14/08/2020

Eкстерно тестирање: За министерот успешно, за експертите промашено

Eкстерното тестирање доби висока оцена од министерот за образование Спиро Ристовски чиј почеток го прогласи за успешен бидејќи немало технички и организациски проблеми. Опозицијата, пак, побара итно укинување. Експертите за Инбокс 7 велат дека се неопходни концепциски промени

фото: Радио МОФ

Од денеска до крајот на учебната година, односно до 10 јуни во основните и во средните училишта во Македонија се спроведува екстерно тестирање. Околу 190 илјади ученици од четврто одделение до трета година средно, според статистиката која ја објави МОН, ќе треба да одговорат на повеќе од 3.000 прашања од повеќе наставни предмети.

Прашањата што беа објавени на почетокот на минатиот месец предизвикаа несогласувања кај родителите, а беа поднесени и забелешки до Министерството за образование и наука – одговорите не можат да се најдат во учебниците, затворените прашања, чии можни одговори не се дадени, отвораат океан одговори, или пак се нејасни и збунувачки. Еве неколку примери:

„Баба често гледа ТВ – серии“. Тоа значи дека таа гледа:

„Славејот милозвучно пееше“. Во оваа реченица именката искажана како нешто намалено ќе гласи:

„Кој дел од на камилицата го сече баба Рада за да направи чај?“

„При изговорот на согласките најчесто се слушаат:

„При обработка на текст план се прави на:“

„ Што е заедничко за подметот и прирокот:“

„ Што е изразно читање?“

„Самостојното читање дома на задолжително избрани книги е:“

„ Избраните литературни дела наменети за самостојно читање ги викаме:“

„ Кога се зборува за лични доживувања, станува збор за:“

„Кога зборуваме за нешто што сме прочитале, станува збор за:“

„ Кога зборуваме за изгледот на сцената на една театарска претстава, тогаш:“

Ова се само мал дел од прашањата објавени на интернет страницата на Министерството за образование за екстерното тестирање за четврто и петто одделение, основно образование. Годинава за разлика од лани прашањата беа објавени неколку дена пред полагањето, сепак тоа не го намали притисокот врз учениците кои треба да се подготват за тестирањето. За наставниците доколку има голема разлика во оценката која му ја дале на ученикот со онаа која ќе ја добие на екстерното тестирање следуваат парични казнети.

Досега никој не е казнет, како што информираат од Министерството за образование, следејќи ја препораката на Комисијата за спречување на корупцијата, им било препорачано тоа да не го прават во предизборието за да не добие политичка конотација. Но, никој не беше ниту награден.

„Но од страв да не се случи тоа често предвреме им ги намалуваат оценките на децата, така што децата добиваат двапати пониска оценка, еднаш им ја намалува наставникот, а потоа екстерното, се жалаат родителите.

Учениците, пак со кои разговараше Инбокс 7 рекоа дека притисокот е голем, материјалот е обемен, но тоа што прашањата биле објавени пред полагањето за нив е големо олеснување. Оние похрабрите велат дека успеале дури и да си препишат. Нивната замерка е што според воспоставениот систем на случаен избор може да им се погоди да полагаат два јазици, наместо јазик и еден предмет од општествени или природни науки.

„Еве јас ќе полагам физика и биологија“, вели ученичка од осмо одделение.

„Немаше проблем со интернетот и добро беше што можеше да се вратиме назад да си ги провериме прашањата“, велат учениците од УО „Петар Поп Арсов“, во Скопје, кои полагаа денеска.

Според МОН, оценките од ова тестирањето ќе бидат впишани во свидетелствата и ќе бидат земени предвид при пресметувањето на просечниот успех на ученикот. Целта на новината која се реализира втор пат годинава е да ги намали ургенциите за петки кај наставниците.

Експерти: Екстерното тестирање е концепциски промашено

Потребно е концепциски поинаку да се постави процесот на екстерното тестирање, односно да не влијае врз успехот на учениците и да нема казни за наставниците“, вели во изјава за Инбокс 7, Емил Сулејмани, продекан за настава на Педагошкиот факултет и професор по предметот Социологија на образованието.

„Екстерното тестирање не треба да биде мерка за казнување, треба да биде алатка за насочување и наградување на учениците. Секоја единка, секој ученик си е посебен, учениците се хетерономен состав и не може со еден тест за само два предмета да се добие сликата за наставата и учењето во текот на целата година“, вели Сулејмани.

Тој го посочува примерот со западните земји, како што вели, преку тестирањето се откриваат афинитетите на учениците, нивната посебна ориентација кон определени предмети. Нешто што ќе им помогне во насочување во понатамошното образование. “Екстерното образование треба да биде алатка на учениците, механизам за ориентирање на учениците кон определени области, технички, општествени. Со самото тоа општеството ќе си обезбеди поквалитетен кадар во сите области“, посочува продеканот за настава на Педагошкиот факултет.

На прашањето на Инбокс 7 дали ресорното министерство побарало мислење од нив за спроведувањето на процесот на екстерното тестирање, Силејмани кусо одговори: „Нема дебата, ниту пак побарале мислење од нас“.

Забрчанец: Отворен базен прашања и стресно учење напамет

И оваа година реакциите од засегнатите за екстерното не стивнуваат. Голема доза страв, збунетост, неизвесност, недоверба и разочараност е присутна кај учениците, вели за Инбокс 7, Марјан Забрчанец МОФ.

МОФ не забележа анализа на начинот на реализација на екстерното оценување во досегашните фази и сметаме дека учениците, наставниците, родителите и јавноста не се убедени дека овој зафат го подобрува образовниот процес.

„После ланските промашувања во целите на екстерното оценување и серијата технички процеси при реализацијата, нема јавни информации дали овие недостатоци се отстранети. Очигледно е дека 25-те илјади потписи кои лани побараа екстерното да се прогласи за пробно и годинава стравуваат.

„Единствено, сведоци бевме на промена на концептот во друга крајност, преку воведување “отворен базен прашања”, за што исто така не видовме врз основа на која анализа и кои аргументи се донесени овие промени“, вели Забрчанец.

Според него не постојат информации и аргументи кои потврдуваат дека “отворен базен прашања” е концепт кој ќе го подобри образованието кај учениците, имајќи предвид дека постојат дилеми дали на ваков начин повеќе се стимулира препознавање на одговорите на прашања наспроти вистинско учење и повторување на материјалот. Не постојат анализи кои ќе одговорат дали ваквиот концепт не стимулира стресно учење напамет во краток рок.

eksterno radio mof

Од МОФ повикуваат дека е потребно пред екстерното оценување да се официјализира и да се понуди како концепт кој, меѓу другото, влијае и на конечниот успех на учениците, прво треба да пилотира за да се провери како функционира и за да има можност и време да се отстранат сите негови недостатоци.

Во оваа фаза, МОФ ги повикува сите ученици кои ќе забележат технички или други пропусти при екстерното оценување или прекршување на нивните права, да се обратат до Советодавниот сервис за права на млади кој е достапен на www.mof.mk/servismladi.

 Опозицијата побара да се укине екстерното

СДСМ бара веднаш да се укине екстерното тестирање кое, како што велат, служи само за „обезбедување послушност и контрола на наставниците и професорите“. „Експериментирањето отиде до таму што оваа година се јавно објавени прашањата за тестовите, по сите предмети, но тие се и до 400-тини прашања по предмет, во зависност од фондот на часови во текот на неделата. За 4 дена во неделата математика, има точно 400-тини прашања за екстерно! За 14 предмети, тоа се и до 5.000 прашања пред учениците од сите возрасти, од најмалите од четврто одделение, до матурантите од четврта година. Да не говориме за контроверзните и лошо формулирани прашања, што ни наставници не знаат кој е точниот одговор“, стои во соопштението од СДСМ.

За СДСМ дополнителен стрес прави одлуката, во различни денови, да им се соопшти на учениците датумот кога полагаат екстерно и предметот што се полага.

„Арогантната власт на Никола Груевски, не сакајќи да се откаже од оваа штетна реформа во образовниот систем, нема слух за бројните апели од психолози. За алармите дека децата се изложени на страв, паника и стрес што влијаат на нивната емотивна состојба и може да остават последици во психолошкиот развој“, се додава во соопштението од СДСМ.

Министерот Ристовски: Тестирањето почна успешно 

Процесот на екстерно тестирање кој започна денеска и ќе трае до 10 јуни се одвива успешно, без пријавени технички проблеми на системот или проблеми од организациски аспект, оцени денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

„Денеска започна екстерното тестирање на учениците од четврто одделение во основното образование до трета година во средите училишта. Првиот, од вкупно два предметa, денеска го полагаат 77.000 ученици во сите 680 основни и средни училишта. Предност им е дадена на осмоодделенците поради роковите за упис во средните училишта. Според податоците на Државниот испитен центар, чии кол-центри се активни во текот на целиот процес на тестирањето, тоа успешно започна во сите училишта во Република Македонија“, рече Ристовски.

Тој нагласи дека екстерното тестирање е исклучително обемен процес во кој се вклучени околу 200.000 ученици. 

stavrova@inbox7.mk