14.8 C
Скопје
28 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Избори во едно, или едно по едно

ВМРО-ДПМНЕ, сака претседателските и парламентарните избори да поминат на еден трошок. Власта инсистира да бидат во редовни термини, прво избор на претседател, па на пратеници. Колку тоа ќе ја чини државата и кои им се партиските математики?

Четири месеци следната година, граѓаните ќе прават влези – излези на гласачките места. Ако се оди според роковите, во март треба да започнат изборите за претседател на државата, а до средината на јули треба да се избере нов парламентарен состав. Ако на тоа се додаде и времето за предизборни кампањи, речиси половина година ќе помина во знакот на избори.

Во името на штедењето на државните пари, најголемата опозициска парија, ВМРО-ДПМНЕ, сака и претседателските и парламентарните избори да поминат на еден трошок.

„Не треба изборите да бидат одвоени и да се трошат десетици милиони евра од граѓаните кои ги немаме“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Власта, пак, инсистира на тоа претседателот на државата и пратениците да истераат цел мандат.

„Избори во оваа држава распишува претседател на Собранието во рокови определени согласно закон и мандат на избраните функционери“, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери понуди можни датуми за изборите. Првиот круг од претседателските би бил најрано на 14 март, па за две недели би се одржал втор, ако не се избере претседател во првиот круг, што е малку веројатно, барем според досегашното искуство.

Парламентарните избори пак треба да се одржат од 5 мај до 15 јули. Доколку се одржат порано ќе се сметаат за предвремени и тогаш би важеле други акти.

Џафери, како прв човек на институцијата, која ги распишува изборите, вели дека партите треба да размислат за работна група за договор за избори. Тој, како што вели, е одговорен само за распишувањето регуларни избори.

„Кога страните ќе се договорат за датум, мора да ги земат предвид и обврските од Пржинскиот договор за техничка влада“, вели Талат Џафери.

Изборните датуми меѓу калкулациите и инаетот

Партиите калкулираат, а граѓаните губат, коментира поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски. Наместо да се надмудруваат и да си покажуваат инает, треба да седнат и да се договорат за изборите навистина да бидат празник за граѓаните, порачува тој.

„СДСМ мисли дека лесно ќе ги добие претседателските избори и на бранот на успехот од тие ќе ги добие или подобро ќе помине и на парламентарните избори. ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да бидат во ист ден за одѕивот да биде помасовен и на едни избори, во ист ден да ја решат политичката судбина во државата и својата како политичка партија“, вели Петковски.

Доколку, пак, не се избере претседател на државата во вториот круг, со оглед на цензусот од 40 отсто од гласачите да излезат на избори, тоа може да биде нус продукт за СДСМ, додава Петковски. Во тој случај ситуацијата ќе биде слична како во Бугарија и ќе требаат две или повеќе години да се реши ситуацијата.

„Тоа нема да биде комплимент за СДСМ, но тие се убедени дека заедно со ДУИ ќе направат чуда, а чуда во политиката нема. ВМРО-ДПМНЕ, пак, веќе се убедени дека ќе имаат 61 пратеник и сами ќе прават Влада. Во секој случај лоши се пресметките и крајно неодговорни и на едните и на другите“, вели Петковски.

Коментирајќи ги партиските стратегии за изборите, политичкиот аналитичар Џелал Незири вели дека ВМРО-ДПМНЕ бара двојни избори на ист ден за ја материјализира актуелната поддршка која ја има. Од друга страна, додава тој, СДСМ купува време за парламентарните избори со надеж дека по уставните измени граѓаните ќе ги почувствуваат директните придобивки од евроинтеграцијата.

„Преку пристап до развојните фондови на ЕУ, со што би се ублажил актуелното расположение против уставните измени, кои секако дека негативно влијаат врз партискиот рејтинг“, додава тој.

Лицитирање со датумот може да има врска и со кандидатите за претседател на држава, вели Незири.

„СДСМ преку претседателските избори сака да го тестира партискиот рејтинг, но и коалицискиот капацитет, со оглед на фактот дека може да одат со заеднички кандидат со ДУИ и останатите во владата, додека ВМРО-ДПМНЕ смета дека актуелниот партиски рејтинг, заедно со парламентарното мнозинство, може да им донесе и претседател на држава“, вели Незири за РСЕ.

Зошто да се прават две „свадби“?

Освен политичката одговорност, друг важен сегмент кај изборите се и парите. Уште не се распишани и не се знае колку ќе чинат. Но ако се оди според колку чинеле претходните, за еден изборен циклус потребни се и по десетина милиони евра.

Организацијата на последните парламентарни избори во 2020, за време на пандемијата на коронавирусот, чинеше 9,2 милиони евра. Од нив, 3,2 милиони евра државата им платила на партиите за медиумска кампања. Слична сума беше потрошена и за организација на локалните избори во 2021 година. За претседателските избори во 2019 година, на кои победи актуелниот претседател Стево Пендаровски, беа потрошени 7,9 милиони евра. Од нив, скоро 3,8 милиони евра од буџетот биле потрошени за медиумската кампања на кандидатите. Претходните парламентарни избори во 2016 година чинеа 7,5 милиони евра.

Партиите и познавачите на изборните пракси и сега калкулираат со суми од 8 до 10 милиони евра по избори.

Од технички аспект, двојни избори во ист ден потешко се реализираат, полесно би било да бидат одвоени. Ќе има повеќе кутии, повеќе гласачки ливчиња и повеќе работа, вели поранешниот прв човек на Државната изборна комисија Александар Новаковски. Но, како што вели, треба да се внимава и на парите, па избори едни по други за краток рок би чинеле и повеќе пари.

„Далеку поевтино е кога се споени. Според моето искуство едно 50 отсто ќе бидат помали трошоците ако изборите се одржат заедно. Во ситуација сме кога треба да се прават две свадби, што е поевтино една свадба или две свадби?“, вели тој и додава дека сепак надлежните треба да одлучат дали може изборите да се одржат во ист ден, без да се крши Уставот.

Шест месеци блокада на државата

Друг проблем е што пред избори, за време на кампањите, „животот запира“, односно институциите имаат врзани раце.

„Активностите во државата во делот на тендери, на вработувања, на други работи ќе бидат запрени. Во тој период, според овие термини, државата едно шест месеци ќе биде во изборна кампања, во избори, а во време на избори се стопираат голем број активности“ вели Новаковски.

И власта и опозицијата, барем според јавните изјави, се убедени дека ќе победат на изборите.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вели дека повеќе им одговараат разделени избори, бидејќи е сигурен оти на претседателските ќе победи нивниот кандидат , а потоа СДСМ нема да може да се надева на некаков резултат.

Во истовреме во победа се убедени и во СДСМ, Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека „Европскиот фронт“, ќе ја формира следната Влада.

Следните парламентарни избори треба да бидат 11 по ред од осамостојувањето на земјата од поранешна Југославија и воведувањето на политички плурализам. Досега се одржани шест избори за Претседател на државата. Првиот мандат на Киро Глигоров бил даден врз основа на избор од страна на Собранието, согласно тогашните уставни решенија.

 

Извор: РСЕ

Related posts

СПОРНИ МЕРЕЊА – КОЈЗНАЕ КОЛКУ Е ЗАГАДЕН ВОЗДУХОТ

ninja

БЕРБОК: МОЖЕН НЕУСПЕХ НА КЛИМАТСКАТА КОНФЕРЕНЦИЈА

ninja

2024 – Тешка економска година

admin

Меџити со оштри критики кон ДУИ: Се откажаа и од Албанците

admin

ВО ЖИВО Ковачевски, Абазовиќ и Брегу: Регионална соработка е предуслов за развој

admin

Вештачката интелигенција е моќна алатка на пропагандистите

admin