7.8 C
Скопје
29 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Македонија го трасира патот на извозник и лидер во регионот по производство на зелена струја

Македонија во последниве неколку години навистина може да се гордее со постигнатите резултати во производството на електрична енергија од обновливи извори кои всушност се единствена алтернатива за одржлив развој на една земја, посебно на нашата која тежнее кон намалување на зависноста од увоз на електрична енергија, но и на аерозагадувањето кое не тишти посебно во зимските месеци кога бележиме недозволени концентрации на отрови во воздухот.

Инаку, обновливи извори се нефосилни извори на енергија како што се водни текови, биомаса, ветер, сонце, обновливи извори на водород, биогас, депониски гас, гас од пречистителни станици, геотермални извори на енергија и други.

Придобивките од  искористувањето на енергијата од сонцето или ветерот не се само на енергетски план, економски, финансиски, туку и на еколошки. Оттаму тенденцијата на Македонија да се насочи кон енергија што може да се произведе економично и без негативни последици за идните генераци може да ни го трасира патот земјата да стане извозник и лидер во регионот.

viber slika

Во прилог на овие заложби на нашата држава е и конфигурацијата на теренот и климатските услови во земјава кои, како што покажуваат анализите на македонскиот енергетски сектор, се предодредени за обновливи извори на енергија и искористување на обновливите проточните води од реките, преку изградба на брани и формирање на поголеми и помали акумулациии.

 Фасцинантен раст за само една година

Во обемните анализи што ги имаат напрвено македонските експерти е констатирано дека хидроенергијата е најмногу експлоатиран обновлив извор на енергија во земјава.

Редакцијата на ММС  сакајќи да прикаже како стојат работите низ бројките на издадени лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори побара најнови податоци од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) од каде што навистина ни соопштија, како што вели и нејзиниот претседател Марко Бислимовски, податоци за фасцинантен раст.

„Во 2023 година издадени се лиценци за производство на електрична енергија од  обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од  скоро 399 MW што претставува раст од над 160 % на инсталираниот капацитет во споредба со 2022 година, кога се издадени 152,2 MW“, велат од РКЕ за ММС.

Фото: Официјална страница на Регулаторната комисија

Според претседателот на РКЕ Бислимовски станува збор за фасцинантен раст од 160 % на нов инсталиран капацитет за производство на електрична енергија за само за една година.

„Сумираните податоци од РКЕ укажуваат дека енергетската транзиција во 2023 година  се случува секојдневно, или секој работен ден имаме нови 1,5 MW вклучени на електро енергетскиот систем во нашата држава што  произведуваа македонска струја. Со ова темпо на нови капацитети на  производство на електрична енергија од обновливи извори, енергетската независност е значајно зајакната, односно увозот на струја е намален за една третина“, вели Бислимоски.

Новите енергетски капацитети со вкупен инсталиран капацитет од 551,2 MW што се во функција за само две години може да снабдуваат 175,5 илјади домаќинства.

Нови надежи за земјата на сонцето во 2025 година

Познато е дека Македонија е земја на сонцето, со 280 сончеви денови годишно. Заедно со Калифорнија, ние Македонците имаме привилегија под сонцето со најмногу сончеви денови во текот на годината. Природата ни подарила многу, па затоа и потенцијалот за искористување на сончевата енергија за производство на струја е огромен, иако хидроенергијата е најмногу експлоатиран обновлив извор на енергија во земјава во споредба со сончевата енергија.

Но, откако пред две години енергетската криза која ја погоди и загрижи цела Европа, па сите надежи без насочени кон обновливите извори на енергија, таквата слика е забележана и во Македонија. Во минатото Регулаторната комисија за енергетика-РКЕ на годишно ниво издавала по максимум 20 лиценци за поставување на фотоволтаици. Во извештајот на РКЕ за 2021 година е наведено дека во земјата имало вкупно 220 фотонапонски електроцентрали. Во најновиот извештај се очекува состојбата да биде уште подобра.

Инаку, пикот на сончева енергија во нашата земја достигнува од 1.380 до 1.520 киловатчасови сончево зрачење на еден квадратен метар. Сепак, според информации што можат да се најдат во досегашни извештаи, енергијата произведена од сонцето учествува само со 0,04 проценти, или со 7,4 гигаватчасови во вкупната потрошувачка на енергија во земјата. Тоа, во споредба со развиените западни земји, на пример како што е Германија, иако имаат за 30 отсто помалку зрачење од сонцето се на врвот според  искористувањето на сонцето.

Македонија, сепак прави силни напори да го зголеми процентот на искористеноста на сончевата енергија, но проблем според експертите, претставува скапата технологијата за користење на сончевата енергија за масовно производство на струја. Некои наши експерти оставаат надежи дека во иднина ќе биде поисплатливо таквото производство, посебно по 2025 година.

Според доскорешниот премиер Димитар Ковачевски вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност на земјава треба да се насочи кон зголемувањето на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови енергетски инфраструктурни проекти од страна на државата преку АД ЕСМ.

Фото: Архива

„Мандатот на оваа Влада од 16 јануари минатата година до денес ќе биде запаметен како мандат во кој што е инсталирана најголема моќност на обновливи извори на енергија. Во моментов се инсталирани 420 мегавати обновливи извори на енергија со оглед на издадените лиценци до крајот на годината тоа ќе биде 600 мегавати на обновливи извори на енергија што споредено со периодот од 2016 година кога имаше само 16 мегавати инсталирано е огромно зголемување. Тоа нашата држава ја прави најголем производител на обновливи извори на енергија во целиот регион“, вели премиерот Ковачевски.

Она што исто така треба да се одбележи како успех на нашата земја е фактот за релативно кратко време чекориме само по нагорна линија во делот на производство на електрична енергија од обновливи извори. За тоа сведочат и податоци од пред околу осум месеци забележани од регулаторите за енергетика и водни услуги кои велат дека за една година и пет месеци, од јануари 2022 година до 31 мај 2023 година, РКЕ издала лиценци на 486 централи за производство на електрична енергија од обновливи извори со вкупна инсталирана моќност од 246,9 MW.

Дека се повеќе компании, фабрики во земјава сами си произведуваат електрична енергија неодамна потврди и првиот човек на РКЕ кој вели дека на овие компании и сметките им се значително намалени, токму поради инвестициите во фотоволтаици.

РКЕ за пет месеци од почеток на 2023 година има издадено лиценци за централи со вкупна инсталирана моќност од 94,7 MW. Да потсетиме дека за цела 2022 година вкупната инсталирана моќност на централите од обновливи извори кои произведуваат струја доминантно од сонце, но и од ветер, вода и биогас изнесува 152,2 MW.

Не смее да се запостави и фактот дека со инсталираниот капацитет што е изграден само за седумнаесет месеци може да се задоволат потребите на 96.700 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија од 12 градови од државава: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Св. Николе, Ресен, Дојран, Дебар, Виница, Струга и Неготино.

За вакви позитивни резултати придонесоа и мерките што државата ги презема за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори како што се повластената тарифа и премијата.

Повластената тарифа, објаснуваат од Регулаторната комисија, како мерка за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, е воведена во 2007 година, додека првите електроцентрали кои произведената електрична енергија ја продаваат по повластени тарифи започнуваат со работа во 2010 година.

Со Законот за енергетика од 2018 година, покрај повластената тарифа се воведува и премијата како мерка за поддршка.
Премијата претставува дополнителен износ над цената која ја остварил повластениот производител со продажбата на произведената електрична енергија на пазарот на електрична енергија. Повластениот производител кој користи премија се избира преку тендерска постапка со аукција, која ја спроведува Министерството за економија.

 Голема поддршка од силни банки и фондови

Инаку, токму Министерството за економија е координатор на Инвестициската платформа за енергетска транзиција (Just Energy Transition Investment Platform JETIP) која ги обработува предлозите на Владата, ги идентификува потенцијалните области за инвестиции и техничка помош на Мултилатералните банки и го вклучува потенцијалот за мобилизирање на дополнително кофинансирање од билатерални, мултилатерални и приватни извори.

Министерот за економија Крешник Бектеши, како што информираа од ресорното министерство, неодамна на 28-та меѓународна конференција на Обединети нации за климатски промени -COP28 која се одржа од 30 ноември до 12 декември 2023 година во Дубаи Обединети Арапски Емирати ја презентира македонската Инвестициска програма.

Инвестицискиот план претставува деловен план што го развива и поднесува Владата на Република Северна Македонија во соработка со мултилатералните банки кои се партнери на Климатскиот инвестициски фонд, во овој случај:  Европска банка за обнова и развој (ЕБОР – водство), Групацијата Светска Банка – СБ (Меѓународната банка за обнова и развој (МБОР) и Меѓународната Финансиска корпорација (ИФЦ)).

Инвестицискиот план е структурирана во три дела:

(1) Проекти во потенцијална пренамена на електраните кои работат на јаглен со дополнителни инвестиции во обновливи извори на енергија,

(2) Економска регенерација на Пелагониски и Југозападен регион и

(3) Енергетска ефикасност, чиста топлина и програма за децентрализирано производство.

„Северна Македонија е лидер во регионот во инвестиции во извори на обновлива енергија и поддршка на зелена транзиција. Како држава имаме поставено амбициозна цел до 2030 година целосно да го намалиме и исклучиме користењето на јаглен за производство на електрична енергија. Во последните неколку години со засилено темпо ја реализираме енергетската транзиција на државата која е силен сигнал ка меѓународните кредитори да дадат поддршка за целосно претруктурирање на македонскиот енергетски систем кон зелена енергија“, се вели во информација од Министерството за економија.

Инаку, инвестиции во земјава на овој план се проценети на околу 3 милијарди евра до 2030 година. Тие се очекува да бидат обезбедени преку приватниот сектор преку отклучување на пазарните бариери, особено за распоредување на обновливите извори на енергија преку конкурентни аукции.

Платформата, како што информира неодамна Министерството за економија, ќе се заснова на успешна соработка со Климатскиот инвестициски фонд, кој размислува да обезбеди до 85 милиони американски долари грантови и концесиски финансии за регионите погодени од јаглен, што е предмет на одобрување од страна на Комитетот на Фондовите за инвестицискиот план за забрзана транзиција на јаглен во февруари.

Инаку, ЕБОР која е лидер во климатските финансии чиј начин на работа е да работи системски со земјите за да создаде инвестициска клима привлечна за приватниот сектор ја поддржува македонската влада во развојот на платформата и ќе ја води координацијата со меѓународните партнери.

Да потсетиме, дека токму претседателката на Европска банка за обнова и развој Одил Рено-Басо изјави дека се горди што ЕБОР е партнер на Северна Македонија во оваа иновативна платформа предводена од земја, која како што истакна, ги спојува владините обврски, меѓународната поддршка и приватните финансии за да се забрза правичната енергетска транзиција.

На веб страницата на ЕБОР може да се прочита дека и дека платформата всушност претставува пресвртница за Македонија која е историски зависна од јаглен и ја истакнува, како што велат, нашата амбиција да го трансформираме својот енергетски сектор и економија во ниска јаглеродна, евтина и безбедна парадигма.

Related posts

Аеродромите во Белград и Скопје „дувло за недозволени активности“

admin

Русија најави нов прекин на огнот за нови евакуации на цивили од североисточна Украина

ninja

Дишеме контаминиран воздух, јадеме токсична храна: Жешките еколошки точки ни ја уништуваат околината, а закана се и за здравјето

admin

Грип и корона – ни се заканува ли двоен бран?

ninja

Илон Маск: Ќе кажам што сакам, а ако последицата од тоа е губење пари, нека биде така

admin

По бунтот на Вагнер, Кремљ во офанзива за одбрана на имиџот на Путин

admin