10.8 C
Скопје
23 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Градоначалникот на Росоман не пријавил имотната состојба, а 15 други пријавиле имот, но не и вредност во него

Неодамна, тимот на СКУП направи анализа за тоа кои се најбогатите, а кои најсиромашните градоначалници во Македонија. Во оваа анализа пренесуваме кои се најмалку транспарентите градоначалници, оние кои за поголемиот дел од имотот немаат наведено вредност. На листата на најмалку транспарентни градоначалници се најдоа дури 16 градоначалници од вкупно 81 колку што ги има на ниво на цела држава.

Пишува: Кристијан Трајчов

Градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибраими кој е богат „само“ 4.065 евра, ја предводи листата на градоначалници кои пријавиле имот, но не пријавиле вредност на поголемиот дел од имотот. За две куќи, земјиште, деловен простор и моторно возило не е наведено колкава вредност имаат.

Полош од него е само Стојан Николов, градоначалник на Росоман. За него не најдовме имотен лист во евиденцијата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Поставивме прашања до Општина Росоман, но до објавувањето на овој текст, одговор не добивме.

Градоначалникот на општина Богданци Блаже Шапов е следниот градоначалник на оваа листа. Тој има имот вреден 40.559 евра, но за најголем дел од имотот тој нема наведено вредност. Тука станува збор за гаражи, земјиште, двор, деловни простории, огромен број на земјишта, како земјишта под објект така и земјоделски земјишта. Не е наведена вредноста и за пасиште, подруми, помошни објекти, помошни простории и станови. Целиот овој ненаведен имот припаѓа на неговите родители. Лично тој поседува Трактор, како и моторно возило Опел Вектра. На негово име тој има два кредита, а кредит има и неговиот брачен другар.

Тони Коњановски кој е градоначалник на општина Битола исто така за поголемиот дел од имотот нема наведено вредност. Имотот за кој е наведена вредноста пак вреди 142.446 евра. Имено, не е наведена вредноста на поголемиот дел од неговиот имот, односно станува збор за градежни земјишта, дворови, згради во останато стопанство, земјоделски земјишта, куќи, лозја, шума и градежно земјиште. Станува збор за имот кој е заеднички имот кој не е пријавен, а градежно земјиште и земјоделско земјиште се во сопственост на Коњановски а за кои не е наведена вредноста на имотот. Од оној имот за кој е позната вредноста, тој има куќа во Битола, стан во Охрид, моторно возило Тојота корола како и средства на трансакциона сметка.

И градоначалникот на општина Василево Славе Андонов нема наведено вредност за поголемиот дел од имотот. Тој поседува имот во вкупна вредност од 17.630 евра, но ова не е реалната вредност бидејќи за еден двор, десет земјишта и една куќа на име на неговите родители не е наведена вредноста. Покрај тоа, пријавени се уште три земјишта за кои е наведена вредноста, а се исто така на име на неговите родители. Лично Андонов поседува моторно возило Фолксваген Пасат, како и земен кредит кој траел до лани.

Градоначалникот Кочовски е уште еден градоначалник во низа кој нема доставено вредност за најголемиот дел од својот имот, па така тој поседува имот во вредност од 75.649 евра, што не е реална финансиска состојба во неговиот случај. Пријавено е дека неговите родители поседуваат двор, земјишта, куќа, ливади, лозје, овошна градина, пасиште, плевна, како и многу шуми. Целиот овој имот се наоѓа во Вевчани, а има и земјиште пријавено во Верднаи. Неговите родители поседуваат и моторно возило Фиат Уно, а лично тој поседува стан во Охрид, како и Трактор ИМТ 539.

Бљерим Сејди кој е градоначалник на општина Желино пак пријавил имот, но за истиот тој имот нема наведено вредност за буквално ништо. Пријавил недвижен имот на негово име за кој не е наведено точно за што се работи, пријавени се и удели без вредност, за состојбата на трансакционата сметка навел дека состојбата е тековна. Неговите родители имаат градежно земјиште и една третина од бензинска пумпа.

Тука е и Орце Ѓорѓиевски кој е градоначалник на општина Кисела Вода. На веб страната на Државната комисија за спречување корупција може да се најде анкетен лист на Ѓорѓиевски само како член на совет, но не и како градоначалник.

Од општина Кисела Вода за СКУП велат дека тој редовно ја исполнува обврската за пополнување и поднесување на анкетен лист. Додадоа дека тој е и член на Советот за статистика во Државниот завод за статистика, именуван од ЗЕЛС, каде повторно имало потреба за поднесување на анкетен лист и истата обврска тој повторно ја завршил, но и дека обврска на ДКСК е да ги ажурира податоците на нивниот сајт.

Инаку, тој поседува имот вреден 214.959 евра. Како член на совет пријавил два стана на негово име, како и две моторни возила, но и кредит каде не дал податок на чие име е. Неговите родители пак имаат градежно земјиште, куќа, куќа за одмор, како и едно моторно возило.

Златко Ристов кој е градоначалник на општина Конче е уште еден во листата на градоначалници кои за поголемиот дел од имотот не навеле вредност. Неговиот имот вреди 28.858 евра, цифра која не е реална. Тој поседува земјишта во општините Радовиш и Конче, куќа во општина Конче, земјоделски машини, трактор со приколка, автомобил Шкода, но има и земен кредит. Неговиот брачен другар има одредени средства како штеден влог, како и земен кредит. Неговите родители пак поседуваат куќа во општина Радовиш.

Има и такви кои навеле само вредност на автомобилот на родителите, но не и за другиот имот. Таков е градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски. Тој автомобил вреди 4.414 евра. за две градежни земјоделски земјишта, градина, земјиште и земјоделско земјиште не е наведена вредноста, па така оваа цифра од 3.414 евра во случајов не е реалната имотна состојба која Куртовски ја има. Инаку, целиот пријавен имот е на име на родителите.

И Алија Јаоски кој е градоначалник на општина Пласница се најде на оваа листа. Тој има имот вреден 126.679 евра, а има земјиште, деловен простор, куќа и стан за кој имот не е наведена вредноста. Има и удели, закупнини, како и средства на денарски штедни книшки, а неговиот брачен другар има средства на трансакциона сметка.

Борче Спасовски кој е градоначалник на општина Ранковце е уште еден градоначалник кој нема наведено вредност за одреден дел од имотот. Спасовски пријавил имот кој „тежи“ 376.035 евра. Тој има градежно изградено земјиште за кое не е наведена вредноста и локацијата, деловни простории во Ранковце, земјишта, земјиште под објект за кое исто така не е наведена вредноста и локацијата, куќи, овошна градина, помошни објекти, стамбено деловен објект за кој не е наведена вредноста, како и локацијата, стан во Крива Паланка, шума, моторно возило Цитроен Ксара Пикасо, дивиденда, закуп на деловен простор, средства на денарска платежна картичка, како и земен кредит. Неговиот брачен другар пак поседува земјиште, средства на денарска платежна картичка и кредит кој треба да се врати во 2026 година.

На листата се најде и Билал Касами, градоначалникот на општина Тетово кој поседува имот вреден 351.961 евра. Лично тој поседува само побарување по основ на учество во добивка и удел, како и трансакциони сметки и штедна книшка каде не е наведено за колкава сума се работи. Неговиот брачен другар има земјиште и златен накит, а како имот на родителите пријавен е двор за кој не е наведена вредноста, земјишта, куќа, автомобил Мерцедес, побарувања по основ на учество во добивка и удел и закупнина.

Горан Герасимовски кој е градоначалник на општина Центар е уште еден градоначалник кој за одреден имот нема наведено вредност, а кај него се работи за непријавен вредност за гаража, како и за одредени акции.

Герасимовски пријавил кој има вредност од 153.220 евра. Тој пријавил гаража за која не е наведена вредноста, стан во Скопје, автомобил Сеат Леон, акции за кои и овде не е наведена вредноста, средства на девизни сметки, девизна штедна книшка и трансакциони сметки. Како заеднички имот пријавени се средства на девизна штедна книшка и денарска штедна книшка, пријавени се и средства како имот на брачниот другар, а како имот на деца околу 1000 евра на денарска штедна книшка.

И градоначалникот на општина Чешиново-Облешево, Далибор Ангелов е еден од оние кои нема наведено вредност за поголем дел од пријавениот имот. Кај него станува збор само за пријавен кредит во вредност од 4.878 евра. Кредитот патем не е наведено на чие име е земен. Тој уште поседува и трактор и Фолксваген Тигуан, а неговите родители имаат земјиште, куќа, стан, трактор, како и автомобил Поло.

Листата ја затвара Сашко Комненовиќ кој е градоначалник на општина Чучер-Сандево кој поседува имот вреден 41.414 евра, но кој нема наведено вредност за дури 16 земјишта. На негово име пријавени се два автомобила, Мерцедес и Фолксваген Пасат, како и дури три кредити. Како заеднички имот пријавени се два стана во Скопје. Како имот на брачен другар пријавени се земјишта за кои не е наведена вредноста, како и автомобил Цитроен. Неговите родители пак имаат 12 земјишта, а за истите не е наведена вредноста. Пријавиле и еден трактор, како и автомобил Опел Корса.

Извор: pep.scoop.mk

Related posts

Администрацијата ќе се штити од сајбер напади за 45 милиони евра

admin

Започна војна на кланови за тронот на Путин

admin

Губи ли ДУИ од „Огнените“ и од обвинувањата за корупција?

admin

ЕУ ќе купува оружје за Украина и ќе забрани руски медиуми

ninja

ИНТЕГРИТЕТОТ НА НОВИНАРИТЕ, УСЛОВ ЗА НЕЗАВИСНА УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА

admin

Мандатот на Ковачевски – економски пожари, закочена евро-интеграција и зголемена корупција

admin