22.8 C
Скопје
28 март, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Интеграција која дезинтегрира!

„Одлучното обединување“ на албанскиот блок против македонската опозиција дека нема да владее заедно со партија, која во овие геостратешки моменти ги блокира интеграциските процеси, може да помогне да се подигне свеста за политичкиот ризик кој произлегува од нејзините политички навики! Минатото не научи дека тие блокатори, штом ќе дојдат на власт, ќе се обидат да ја поправат грешката, но тогаш „возот ќе биде веќе заминат“, а неискористениот билет воопшто нема да биде валиден!

Пишува: Академик Абдулменаф Беџети

Еднаш, пред повеќе од 20 години, кога Македонија во евроинтеграциските процеси беше далеку пред другите земји од денешниот Западен Балкан, напишав анализа на интеграцискиот процес и динамиката врз основа на економските критериуми на Копенхаген и Мастрихт. Слична анализа пред неколку години за Хрватска направи и познатиот хрватски економист, професор Бранко Хорват.

Според овие критериуми (основни параметри на економската конвергенција – ниво на БДП, стапка на инфлација, буџетски дефицит, јавен долг итн.), заклучив дека во најоптимистичкото сценарио Македонија може да влезе во ЕУ во 2020 година, додека во најпесимистичката варијанта – во 2025 година! Многу тогашни аналитичари и новинари ме опишуваа како „евроскептик“! Сакав критичарите да бидат во право и времето да ми докаже дека грешам, но денес, и по повеќе од две децении, со овие параметри сме речиси во иста позиција! Тогаш во иста состојба беше и нашиот источен сосед Бугарија, а по некои други параметри – уште полошо! Оваа соседна држава, заедно со Романија, се приклучи на европското семејство во 2007 година, се разбира не по економски заслуги и критериуми, туку со политичка одлука на ЕУ и еве – каде се овие две земји денес, а каде сме ние!?

Несомнено, материјалната основа во голема мера ја одредува и суперструктурата!

Денес, кога ги гледаме нашите околности, состојбата е тажна и покрај тоа што просечната плата, статистички, е речиси тројно зголемена! Она што е поалармантно е иселувањето на младите во „ветените земји“, за да се интегрираат таму во услови на дезинтеграција на државата.

Досега имаше надеж. Зарем луѓето не велат дека таа последна умира?! Меѓутоа, како што сега стојат работите, се чини дека со оваа „политичка идеологија“ и надежта умира! Уште полошо, ова дезинтегрирачко расположение го поддржуваат мнозинството наши сограѓани Македонци. И, сето тоа во име на „спасување на идентитетот“, теза која е апсолутно неодржлива, па дури и непродуктивна и за нив самите! Нема идентитет без држава и обратно. Државата го штити идентитетот и затворањето на поглавјето на државноста повеќе може да се достигне внатре во ЕУ отколку надвор од неа.

Во таа насока, на сите скептици им предлагам да ја прочитаат книгата „Ослободување од Македонија“ на господинот Тричковски или анализите на проф. Малески.

Тричковски се обврзува на „нов идентитет, заснован на правдата, а не на хероите што се издигнуваат од гробиштата“.

За катастрофата да биде уште поголема, ние Албанците не дека не можеме да помогнеме овде, но за жал и неправедно, јасно попречуваме! Затоа сме ограничени во афирмирањето на придобивките од евроинтеграцискиот процес! Колку повеќе ние со неоспорни аргументи ги промовираме придобивките од процесот на интеграција, толку повеќе се зголемува расположението за отфрлање кај другите! Фрустрациите создадени од овие невистини не оневозможуваат да бидеме „ветерот зад грб“ во овој процес. Ова е за проучување од социо-психолошка гледна точка. Можеби „одлучното обединување“ на албанскиот блок против македонската опозиција, дека нема да владее заедно со партија, која во овие геостратешки моменти ги блокира интеграциските процеси, може да помогне да се подигне свеста за политичкиот ризик кој произлегува од нејзините политички изборни очекувања! Минатото не научи дека тие блокатори, штом ќе дојдат на власт, ќе се обидат да ја поправат грешката, но тогаш „возот ќе биде веќе заминат“, а неискористениот билет воопшто нема да биде употреблив! Со бетонирање на предупредувањето за невладеење со оние кои денеска носат вода во воденицата на Истокот, поточно на Кремљ, ќе се намалат очекувањата за загарантирана изборна победа врз основа на оваа „блокада“! Тоа е затоа што очекувањата се важен фактор за изборниот епилог.

Никогаш не сме биле пораспаднати во овие ставови, зачудувачки многу повеќе отколку за прашањата за кои го изведовме албанското востание во 2001 година. Кога на етничкиот распад ќе се додаде и политичката дезинтеграција, прашањето станува уште покомплексно. Дури и некои албански политички фракции, сега со различни политички субјекти, свесно или несвесно, фрлаат бензин на оган од дневно-политички мотиви.

Скоро сите овие, не подалеку од последните три години, беа и дел од „заедничкото владеење“! Ги разбираме, но не можеме да го оправдаме гневот и дневно-политичките интереси кои ги дефинираат ваквите стратешки и одлучувачки процеси во време и простор, истовремено.

Целата влада и институциите, фокусирани на ова прашање, ги занемарија сите други процеси, со што државата стана речиси нефункционална. Не е дека граѓаните не го чувствуваат тоа во сите аспекти, затоа секоја година околу 90 илјади наши граѓани ја напуштаат државата, а многу малку од нив одлучуваат да се вратат!

Зошто?

Убеден сум дека одговорот се подразбира!

Related posts

ПУТИН:„НЕ БЛЕФИРАМ“, ЗАПАДОТ: БЛЕФИРАШ

admin

Во 2023 имавме нова епидемија од стар вирус: корупција

admin

ЕКЛЕКТИЦИЗАМ: ИСТОРИСКИ ФАКТИ И ПРОЦЕСИ!?

admin

Олаф Шолц – молчаливиот германски канцелар

admin

Денес не треба никој пред никого да клечи 

admin

ВО ПРЕСРЕТ НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

admin