11.8 C
Скопје
19 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Слава Україні!

Диктаторот Путин, синоќа, ја збриша славата на Русија во борбата против нацизмот, ја погази жртвата на Црвената Армија во ослободување на Европа.

Пишува: Арсим Зеколи
Mazedonien Arsim Zekolli

Сите сеќавања се вратија утрово, на овој темен ден за светот. Сеќавањето за младите збунети војници на барикади пред границите на Словенија, сцените на запалени автомобили. Сеќавањата за апелите од Вуковар преку Радио Загреб, молбите за помош во одбрана на градот. Црната насловна страница на неделникот Данас со еден збор: Rat! Сеќавањата за антивоените собири пред Холидеј Ин во Сараево, прекинат од првите снајперски истрели кон мирните демонстранти. Призорот на екраните на првите човечки суштества паднати на земја. Плачот и молбите на човекот кој преку Радио Сараево се закануваше дека ќе крене некоја брана во воздух, доколку не се повлечат српската армија и парамилитарците. Јавувањата доцна во ноќ од Бјељина на престрашени луѓе кои јавуваа за мртви по улиците.

Ќе ѝ простам на мојата младост, на нејзиното незнаење што тие темни ноќи крај радио применикот ги поминував со измешани чувства на жалење, возбуда, љубопитност и гнев. Требаше да бидат само гнев и жал. Но војната беше новост во нашите животи тогаш. Во деновите, месеците и годините, таа новост ќе стане норма, секојдневие, но никогаш и рутина. Ќе слушаме извештаи за масакри, силувања, концентрациони логори, бегалци. Слушавме дека нешто страшно се случило во Сребреница. Само за да утре бидеме спремни за нови известувања за ново крвопролевање. Слушавме за напад во Преказ врз нечие семејство, за убиство на сите нивни членови. Слушавме за Карпалак, слушавме за Љуботен. Кога војните завршија, заврши и младоста. Остарена предвреме.

Војната пристигна

Утрово, претпоставувам како се чувствуваат луѓето во Киев, Харков, Мариупол, ширум Украина. Пробудени со звуци на сирени, пукотници, сцени на урнати згради, семејни погледи измешани со страв и непознаница, куражење и верба, желба за живот и гнев за борба. Војната пристигна. Војна на екраните. Војна во разговорите. Војна во редот пред продавници. Војна од небо. Војна на земја. Војна денес. И утре, задутре… Мирот ќе почека на историјата.

Во неговата објава за инвазијата за која уверуваше дека нема да се случи, циничниот водач на Русија ќе објави дека целта е „денацификација” на соседна земја предводена од Евреин. Тој последен аргумент на националсоцијализмот на неговата политика и светоглед со кој безуспешно сака да ја оправда сопствената желба и потреба преку крв да ја згасне желбата на Украинците за независност и слобода. Да, да, неговата објава беше новост на денот. Но, сепак, класика на демагогија веќе слушната во говорите на Генералисимус Франко, во говорите на Хитлер за загрозеноста на Судетите, во најавите на Милошевиќ дека „не знаеме да работиме, ама знаеме да се тепаме”. Неверојатна е сличноста на аморалната етика на диктораторите низ историјата, секогаш впрегната во оправдување на злосторството без причина, без провокација.

Диктаторот Путин ја збриша славата на Русија

Непроспиената ноќ помина во паралелното следење на дебатите во ОН на Ист Ривер во Њујорк и известувањата за првите бомби, проектили, експлозии низ улиците на Украина и врз главите на невините. Во сведочење на предизвикот на амбасадорот на Украина до рускиот амбасадор да се јави кај Лавров и запраша дали ја бомбардираат неговата земја. И баналниот, кукавички, бегалски одговор на рускиот колега преку именување на водството на Украина како „хунта”. Но, можеби тоа е последниот пат кога кој било руски претставник ќе мисли дека има морално право на користење на таквите термини на нацизам или хунта. Диктаторот Путин, синоќа, ја збриша славата на Русија во борбата против нацизмот, ја погази жртвата на Црвената Армија во ослободување на Европа и ги изложи на потсмев последните стари борци на парадите за Победа против фашизмот. Русија денес, благодарение на Путин, веќе нема морално право да го слави сопственото минато онака како што го правеа во последните 80 години.

Секогаш ми се допаѓало што рускиот збор за светот е Мир. Убава симбиоза на светот и мирот склопени во едно значение на човечкиот идеал. Од денес, рускиот Мир значи војна, деструкција, агресија, диктатура, лага и манипулација, цинично залажување на светот со измислени аргументи пред сите предупредувања кои доаѓаа за намерите на Путин. Некои нови генерации ќе треба да измислат нов збор за мирот, но сега без синоним за светот згрозен од постапките на нивното водство.

Се мислам, се прашувам, какви ли биле аргументите на Сталин во оправдување на Хлодоморот, геноцидот врз Украинците? Верувам, полни со идеали за рамноправност, за борба против кулаци, за советска солидарност, за диктатурата на работниците и селаните врз буржоазијата. Денес, Украинците се соочени со нови обиди за рационализација на ништењето на нивната волја, нивната слобода, самата нивна егзистенција како засебност, народ, земја, држава, култура, традиција, историја. Украинците се воздигнаа по Хлодоморот. Народ кој ја преживеал таа крвава катарза, ќе има сили да се соочи и ја надмине и сегашната.

Европа не е она што беше до вчера

Европа, од денес, веќе не е што беше до минатата вечер. Повеќе е она што некогаш беше и наивно, понекогаш и слепо самоуверено веруваше дека никогаш веќе нема да биде. Но Европа денес, за разлика од онаа во 1937., е далеку пообединета и затворена за обидите „подели и владеј” на Путин за минирање на отпорот кон неговите империјални, националсоцијалистички лудила. Ќе требаат многу напори, цврстина, решителност за да се зачува таа кохезија во времињата пред нас. Во полза на Украина, но уште повеќе и пред сѐ во полза на самата Европа и нејзината, наша, иднина.

Еден лик може да посакува, но историјата учи дека се потребни партнери во спроведувањата на налудничавата замисла да се предизвика Трета светска војна. Со исклучок на такви модели на современост како Јемен и Куба, Венецуела и Сирија, остарениот геополитички клептоман е засега – да се надеваме и понатаму – осамен во неговата замисла и желба. Неговата убеденост дека нема никој спремен, храбар и желен да ја предизвика неговата мачистичка поза и самоувереност е веќе јасно и недвосмислено парирана од слободниот свет. Спремен да ја одбрани својата слобода на сопствените граници, во Украина, а можеби еден ден и во Русија ослободена од јаремот на минатото.

Еден ден, пријателите од Украина ќе се присетуваат на овој ден како што нивните претци се сеќавале на Хлодомор. Како што Чесите се сеќаваат на 1968-та, Унгарците на 1956-та, Авганистанците на 1979 година. Како што ние се сеќаваме на крвавите деведесетти. Вреди да се живее, бори и верува за тој ден. Нивната победа и победа за сите нас, за Европа, за светот.

И најбитно од сѐ – за малите Украинчиња родени во ова мачно утро. Тие да бидат живи и здрави, среќни и храбри, орни еден ден гордо да кликнат: Слава Україні!

Извор: ДВ

Related posts

БЛАГОДАРЕНИЕ НА ЛУЃЕТО СО ВИЗИЈА ДЕНЕС СМЕ БЕЗБЕДНИ ВО НАТО

admin

За митот за „анти-македонскиот заговор“

admin

Осигурителната полиса на НАТО не важи за луѓето што решиле самите да си ја запалат куќата

admin

Интеграција која дезинтегрира!

admin

ЕКОНОМСКИ МЕРКИ ЗА ШТЕДЕЊЕ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ЗАПАДЕН БАЛКАН

admin

Израелско-палестински конфликт: турската дипломатија заслужува признание и поддршка

admin