3.8 C
Скопје
19 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОНРЕПУБЛИКА

„Солунската декларација“ – што донесе по две децении?

Грција пак ги собира балканските лидери во Атина на тема проширување на ЕУ, а во исто време и порачува на Албанија „патот до ЕУ е посипан со трње“. По две децении од „Солунската декларација“ – колку ја исполни својата цел за интеграција на Западен Балкан во Унијата.

Неформалната средба на дел од лидерите од Западен Балкан со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел која се одржува во Атина на покана на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис има регионална димензија и служи за Грција да ја потсети Европската Унија за својата улога во поттикнувањето на проширувањето со „Солунската декларација“.

Тоа е документ кој произлезе во 2003 -тата година со кој се зацртаа новите линии во проширувањето на Унијата и пристапни инструменти кои служеа за забрзување на евроинтегративниот пат на Западен Балкан.

Присуството на оваа неформална вечера засега го потврдиле македонскиот премиер Димитар Ковачевски, српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и косовскиот премиер Албин Курти, премиерот на Бугарија Николај Денков, на Хрватска Андреј Пленковиќ и на Романија Јон-Марсел Чиолаку.

На средбата нема да има претставници на Албанија, во услови кога се влошени меѓу соседските односи со Грција откако албанските власти го приведоа новоизбраниот градоначалник на Химара, Фреди Белери кој е со грчко етничко потекло.

Албанската полиција го приведе под сомневање за поткуп на гласачи. Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис во интервју за ЕРТ1 на 8 август изјави дека тој лично со, како што вели, строг тон, му порачал на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека нема шанси Албанија да продолжи со процесот на пристапување кон ЕУ со такво непочитување на владеењето на правото и политичките права.

„Се очекуваат значајни документи и оценки кои се однесуваат на Албанија, а во октомври ќе има извештај за напредокот на патот на Албанија кон Европската унија, за да може да се отворат поглавјата за пристапување. Под овие околности, сите разбираме дека патот на Албанија кон ЕУ е посипан со трње “, изјави Герапетритис на 8 август.

Дополнително грчката опозициска партија Сириза во пресрет на средбата обвинува дека грчката власт лицемерно се фали со европската перспектива на Западен Балкан кога тоа беше овозможено со „Договорот од Преспа“ со кој се реши деценискиот спор за преименување на Македонија во Северна Македонија.

„Потсетуваме дека господинот Мицотакис е единствениот европски премиер кој од една страна ја повикува ЕУ да продолжи со интеграцијата на Северна Македонија (и сите земји од Западен Балкан) за помалку од десет години, додека од друга страна одбива да ги ратификува трите технички договори со соседната земја. Тој е премиерот кој од една страна не го кани премиерот на Албанија поради случајот Белери, но од друга страна пред неколку месеци со него одржуваше фиести во малцинските села во Албанија, разменувајќи предизборни комплименти,“ соопштија од Сириза .

Дали „Декларацијата од Солун “ ги исполни своите цели ?

Поводот за денешната средба е одбележување на 20 годишнината од „Декларација во Солун“ на Самитот ЕУ-Западен Балкан што во суштина имаше за цел да го отвори патот за интеграција на многу земји од областа во ЕУ.

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, смета дека еден од најголемите успеси на оваа Декларација е членството на Хрватска во ЕУ и ставање на Западен Балкан во некој колосек.

„Секако дека во 2003-та година во таа ЕУ и тој еврооптимизам очекувањата беа поинакви, дека регионот ќе се движи побрзо. Таа придонесе за економска интеграција на регионот и процесот на визна либерализација, но не ги осигура темелите на процесот на проширување кон регионот кој се уште е предмет на дебата во каква форма ќе се случи“, вели таа.

Но и по две децении подоцна од Западен Балкан само Хрватската стана членка на Унијата. Србија и Црна Гора се уште водат преговори, додека Албанија и Северна Македонија чекаат втора Меѓувладина конференција за отворање на пристапни преговори.

Босна и Херцеговина го доби статусот на кандидат благодарејќи на спуштените критериуми за Украина, а во меѓувреме Косово поднесе апликација, која е во сенката на кризата на северот на Косово.

Според Димитар Николовски од тинк-тенк организација „Евротинк“, целта на „Солунската декларација“ за целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ не е исполнета, затоа, вели може да се каже дека таа донесе ограничен напредок.

Дел од постулатите на Декларацијата беа и забрзување на процесот на визна либерализација и создавање на инструментите како КАРСД и ИПА кои служат за финансиска поддршка на земјите за спроведување на темелни реформи.

„Ниту една од државите не успеа да го искористи максимумот. Може да видиме дека Црна Гора доста добро напредува, а Србија која предничеше има заглавено со оглед на тоа што има авторитарна власт, ние се уште се расправаме со проблеми кои ја задираат основната државност на земјата, со ризик да бидеме ставени во групата на најпроблемтичните земји како БиХ и Косово. Визната либерализација не е единствениот бенефит, но е единствениот директен и најопиплив бенефит“, вели Николовски.

Со Декларацијата беше предвидено процесот на стабилизација и асоцијација да биде единствениот пат кон членството, но во последниве две децении и тоа се промени со новата методологија која предвиде и поинакви пристапни преговори за земјите кандидатки за членство. По последното проширување и ЕУ помина низ многу промени и кризи од бегалската криза до економската криза, ковид кризата па и конфликтот во Украина.

Кацарска вели дека „ Солунската декларацијата“ која беше донесена пред 20 години требаше да биде поттикната со посуштествена агенда на ЕУ за реформи во земјите од регионот, нешто што не се случи. Но, додава дека не можеме да и го намалиме нејзиното значење, со „Декларацијата “ се одбележа отворањето на перспективата за членство. Од 2003 -тата година по донесувањето на оваа Декларација, ЕУ го прошири своето семејство со Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Бугарија, Романија и Хрватска.

Извор: РСЕ

Related posts

Пендаровски стави параф на законите за коридорите, Груби ја поздрави одлуката

admin

ТРНЛИВ ПАТ ДО АВТОПАТ

ninja

Нема да се произведуваат електрични автомобили во Тетово, раскинат договорот со Е.ГО

admin

Уривање на мостот во Балтимор: Нуркачи пронајдоа две тела во потопен камион

admin

Амнестии и споменици за дефокус од реалните проблеми?

admin

Кој на бел коњ, кој на куцо магаре

admin