3.8 C
Скопје
19 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ЦЕНИТЕ НА СТАНОВИТЕ РАСТАТ – ИНТЕРЕСОТ СТАГНИРА

Последниот раст на цените на становите ги тера купувачите да се подзамислат за купување нов стан. Но и натаму парите наместо во банка, ги инвестираат во недвижнини. Годишно во земјава се градат по околу 5000 нови станови, додека третина од веќе изградените зјаат празни.

Цените на становите се вивнаа „до плафон“, додека во земјава секој трет стан е празен, а годишно во просек се градат по околу 5000 нови станови. Прво пандемијата, а потоа руската воена инвазија во Украина донесоа висока инфлација, па „инвестирањето“ во недвижности и покрај цената, за многумина се гледа како најдобра опција.

Меѓу нив е и семејството на скопјанецот Златко, кое живее во приградска населба, но сега купуваат стан во скопски Аеродром, во непосредна близина на Транспортниот центар. 40-годишникот за РСЕ вели дека вака станот ќе остане за децата, а во спротивно заштедените пари може да бидат изедени од инфлацијата.

„Имаш некој денар на страна, не знаеш што да правиш со него и го вложуваш во недвижен имот. Тој имот можеби ќе ти донесе некој бенефит од кирија, од рента“, вели Златко.

Објаснува дека оваа одлука ја донеле пред две години, кога првпат склучиле договорот за станот, по цена од 1000 евра за квадрат. Но почетокот на изградбата доцнела, па од компанијата лани само ги известиле дека цената се променила, и ако се уште сакаат стан во зградата, ќе мора да платат по 1300 евра за квадрат. Прифатиле, бидејќи веќе било тешко да се најде стан на посакуваната локација, исплашени од уште поголемо поскапување.

Енормен раст на цените во 2022 година

Цените на становите имаа енормен раст изминатава година. Според податоците на Народната банка, во последниот квартал на 2022 година становите поскапеле за дури 20,6 проценти. Со ова практично продолжува на трендот на раст на цените минатата година. Двоцифрен раст имаше и во последниот квартал од 2021 година, додека пред тоа изнесуваше од 2 до 6 проценти.

Во последната деценија, цените најниски беа во 2017 година, од кога почнува тренд раст кој кулминираше во 2022 година.

Никола Велковски од Групацијата за градежништво при Стопанската комора не е изненаден од поскапувањето, но дециден е дека тоа е нереално. Вели дека во бизнисот со градежништво сега главни се инвеститорите, а не големите градежни компании, па нивен основен мотив е – профитот.

„Мислам дека не може (понатаму) да се покачува цената, ама да се симне па воопшто. Тоа сум сигурен, затоа што еднаш во трговијата кога цена ќе се утврди, и заживее меѓу купувачите, таа веќе не се спушта. А сегашните цени не се воопшто одраз на поскапувањата на влезни материјали или работна рака. Има во суштина проблем со квалитетна работна рака, тука се покачуваат малку цените на работниците, ама тоа е далеку од ова тие што го диктираат како цена на завршен производ“, вели градежникот.

Овој парадокс се случува во период кога во земјава се намалува населението, а во повеќе од третина од становите не живее никој. Тоа го покажаа податоците од последниот попис на населението спроведен во 2021 година, кога се попишани вкупно 839.174 станови во земјава. Од нив во 531.987 станови се живее, а останатите 307.187 станови се празни, меѓу кои скоро 60.000 само во Скопје.

Во истовреме, пописот покажа и дека во изминатите 20 години бројот на станови бил зголемен за дури 20,2 проценти.

Трендот продолжува, па според Државниот завод за статистика, само во 2021 година во земјава биле изградени 5959 станови. Од нив најмногу во Општина Аеродром, дури 1 197, по што следат Карпош со 472 и Гази Баба со 431. Надвор од скопскиoт регион рекордери по бројката на изградени станови во се Гостивар и Струмица.

Нема интерес за најскапите станови

Во изминатава деценија, на ниво на држава пак, во просек се завршуваат по околу 5000 станови годишно, при што рекорд имало во 2013 година, со 6 528 изградени станови.

Најголемиот притисок за купување станови е во Скопје, посебно на „атрактивни“ локации, односно што поблизу до центарот на градот. Цените се астрономски, и до 2200 евра за квадрат, што веќе почна да влијае на побарувачката, укажува Лидија Смиљкова, од агенцијата за недвижности „Асторија“.

„Во моментов нема интерес, изминативе недели стагнира. Се качија цените, луѓето што мораа да купат купија, сега во моментов е стагнирано бидејќи цените се навистина високи, а за тие (станови) од 2.200 евра, ама баш нема интерес“, вели Смиљкова која е нагласува дека ова поскапување е без основа, па сега сите чекаат поевтинување за кое не знае дали ќе се случи.

Лани само во скопскиот регион се издадени дозволи за изградба на 2501 стан, односно за 7022 вкупно во земјава.

Во меѓувреме во Европа се забележува стагнирање, но и пад на цените на недвижностите, кои растеа во последните неколку години. Раст има и во регионот, ама како што појаснува градежникот Велковски, и таму состојбите се слични како и во Македонија – се тенчат атрактивните локации, се шират само најголемите градови, а најважна девиза е профитот.

За една година, станот на Златко во Аеродром треба да биде завршен. Нему не му се брза, бидејќи и онака не му е за живеење. Единствено е загрижен да не има нов потрес на пазарот, па иако има договор, да треба да одвои повеќе пари за него. Вели дека семејниот буџет не би можел да го издржи тоа.

Related posts

Ковачевски почнува разговори за широк Европски фронт

admin

Вучиќ за инает не го менува Вулин, санкциониран од САД и обвинет за врски со организиран криминал

admin

КАКО СЕ ОДВИВАЛА ШЕМАТА ЗА ПОТКУП НА „ТАБАНОВЦЕ“КАКО СЕ ОДВИВАЛА ШЕМАТА ЗА ПОТКУП НА „ТАБАНОВЦЕ“

ninja

Намалена транспарентност на државните институции – застој во отчетноста на функционерите

admin

Нова сезона за игри на националистичка карта

admin

Двајца полицајци од Велес примиле поткуп за да не изрекуваат глоба

admin