24.8 C
Скопје
15 октомври, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

КОЈА Е ВИСТИНСКАТА СТРАНА

Со пораки за обединетост, скапи икебани оставени на споменици во распаѓање, државата го одбележа 11 Октомври под мотото „Секогаш на вистинската страна“. Но во ова време – невреме ни фали дообјаснување – која е вистинската страна?

 Пишува: Катерина Топалова

Пред 81 година на 11 октомври, со нападот на македонските партизани на бугарскиот участок во Прилеп почнува Народноослободителна борба против бугарскиот, италијанскиот и германскиот фашистички окупатор.

Во знак на почит, домашни и странски делегации испратија пораки и положија цвеќе на спомениците посветени на борците од 1941 година ширум земјава.

Дождот беше сојузник да се сокрие срамот! Пред платото на Владата, на полу извадени плочки каде што се наоѓа споменикот Ослободители на Скопје, беше послан црвен килим кој требаше да даде доза свеченост на моментот. Иако послан од два краја, килимот пропаѓаше на местата каде што подолго време недостасуваат плочки. Вицепремиерката за политики за добро владеење, Грковска, не знаеше да каже кој е задолжен за лошиот имиџ на дворот на Владата во кој се сместени креаторите на политики, но рече оти за јавното добро требало заедно сите да се грижиме.

Пред Спомен костурницата во Куманово беше уште посрамно. Свежи разнобојни цвеќиња требаше да бидат симболот на почитта кон борците кои дале живот за слободна Македонија. Споменикот кој буквално се распаѓа е огледало на општествената ситуација и децениската декларативна заложба за нештата. Цвеќето не може да сокрие колкава е негрижата за работите кои треба да останат за да не потсетат кои сме, каде сме и за каде сме. Пораките испратени од пред распаднатиот споменик немаат тежина, туку се само уште еден показател на апсурдот во кој живееме.

Срамно е да се испрати покана до медиумите за положување цвеќе на споменик кој нема ниту лик ниту може да биде обележје за голем ден како 11 октомври, уште посрамно е да се трошат пари за цвеќе за да се положи пред нешто што не постои, бесрамно е да се застане пред таквата градба во распаѓање и да се зборува за почит, грижа, повик за сплотеност и заедништво.

Но овие два споменика се само дел од низата на споменици во распаѓање, излупени, оштетени, целосно турнати или оставени половично да служат за потсмев. Нема доволно голем ден, празник или лик кој се трудиме да го зачуваме и да остане достоинствен споменик што ќе сведочи за момент од историјата на создавањето на нашата држава.

Колку вредат пораките за сплотеност кога градската и централната власт од различни партии не можат да се здружат за да ги заштитат ваквите споменици кои на ваков ден ги величат? Каква порака за сплотеност можат да испратат властите и опозицијата која на ист ден не можат а да не продолжат да се обвинуваат за банални работи? Каква тежина може да има пораката за сплотеност во држава која тоне во корупција, која нема време за сопствените граѓани ниту пак има граѓани кои ѝ веруваат?

Распаднатите споменици не се ништо друго, туку показател на „распад системот“ што ни се случува во секој сегмент од нашето живеење на оваа територија. Цвеќе положуваат политичари кои не знам дали се свесни дека ги следат збунети, исплашени и разочарани граѓани, оти дури ниту еден празник како овој не може да помине без маана, оти мааните се создавани три децении.

Кој верува во убедувањата дека сме биле и сѐ уште сме на вистинската страна? За луѓето од 1941 година гледаме дека носеле правилни одлуки, ама што ќе им кажеме на нашите поколенија? Која е страната што ние ја заземаме? Која е вистинската?

Во време на тотален распад на заедништвото, емпатијата, солидарноста и сплотеноста, секој го фаќа само својот пат! И само својот пат го смета за вистински, притоа создавајќи бројни меури кои на долг рок ќе се распаднат како спомениците пред кои положувавме цвеќе!

Related posts

Интеграција која дезинтегрира!

admin

За митот за „анти-македонскиот заговор“

admin

ДИЛЕТАНТИЗМОТ И ПАРТИСКАТА АРОГАНЦИЈА ШТО ГО СИЛУВА ОВА ОПШТЕСТВО

admin

Владини фелери и опозициски блефери

admin

НАРОДНИТЕ ПРЕГОВОРКИ ШТО ГИ КАЛАТ СОВРЕМЕНИТЕ КАЧАЦИ

admin

САД и ЕУ во регионот: Тактички партнери и стратешки ривали

admin