За време на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“, се одржа тркалезна маса на која учествуваа сите гости на фестивалот, беше промовирана новата стихозбирка „Полиграф“ на Пијан Славеј, а големо внимание предизвика и разговорот со режисерот и сценарист Рајко Грлиќ.
Пишува: Катерина Топалова
„Постоеја периоди во кои предоминантно политиката се мешаше во книжевноста, затоа што политичките структури сакаа да бидат присутни, а потоа дојдоа модерни времиња во кои ми се чини дека книжевноста се турка во политиката.“
Вака зборуваше писателот и издавач Владислав Бајац на тркалезната маса што на тема „Литература/ општество/ критика (литературата и критичкото препрочитување на општествените процеси)“ се одржа во „Europe House“ Skopje, во рамките на 10. издание на фестивалот „Про-За Балкан“.
„Сметам дека книжевноста е оаза која треба да ја зачува уметноста од политиката. Секако дека разликувам политички ангажман на писателите и на секој создател, но да не се дозволи литературата да се претвори во едно поле на слобода на политиката. Слободата постои во главата на писателот. Некако не сум уверен дека постои онаа генерална слобода, за неа страшно мораме да се бориме секој ден, но работата на писателот е тоа да го прави со добри книги“, истакна Бајац.
Тркалезната маса ја отвори основачот на фестивалот, Дејан Трајкоски, кој најави голема и опширна тема која може да се разгледува од многу аспекти, а еден од нив е слободата. На тркалезната маса учествуваа сите гости на фестивалот – писатели, како и литературни агенти, уредници кои се дел од програмата „Скопје фелоушип“.
На прашање на модераторот Владимир Јанковски во контекст на слободата, хрватскиот писател Дамир Каракаш рече дека секој писател мора да каже за што се неговите книги, така што тој би рекол дека се за слободата и правдата, и додаде:
„Но, мислам дека ја потценивме улогата на читателите, која е многу битна, бидејќи како што постојат добри и лоши писатели, постојат добри и лоши читатели. Добриот читател од просечна новела може да направи одличен роман, а лошиот читател да ја уништи. Причината што имаме сè помалку добри читатели е поради образовниот систем, како и новите медиуми кои се појавија. Она што порано беа библиите, сега се ајфоните. На луѓето сè им стана споро, бавно, а предноста на книжевноста е токму во нејзината бавност“, рече Каракаш.
За односот кон читателската публика и градење однос на читателите кон книгата се надоврза Катја Кац, издавач на книги за деца од Словенија, која рече дека литературата денеска мора да се натпреварува со другите медиуми кои им се поважни и подостапни на децата.
По однос на тоа каква литература им нуди францускиот гигант „Галимар“ на своите читатели, Орор Туја нагласи дека после 91 година македонскиот јазик првпат влезе во листата на „Галимар“ и среќна е што успеала во тоа преку објавата на книгата „Мојот маж“ на Румена Бужаровска.
На прашањето, пак, што странските издавачи бараат од еден автор кој доаѓа од Турција, Пелин Јилмаз од издавачката куќа „Ипсилон“, која нуди турски автори на меѓународниот книжевен пазар, рече: „Полесно ми е да работам со арапските земји поради поблиските односи. Во европските земји сакаат да ја купат и културата, илустрациите на книгата, не само текстот“.
Бугарската писателка Елена Алексиева рече дека освен кон читателите, треба да се свртиме и да погледеме и кон писателите. Од една страна литературата е тргната на маргините, а од друга страна, тоа е можеби така затоа што е нерелевантна, односно не зборува нешто релеватно за светот и општеството што не опкружува.
Словенечката авторка Броња Жакељ, пак, во своето обраќање загатна тема како одредени теми од општеството се тргаат настрана и создаваат кај поединецот или цели групи специфичен однос кон цели одредени феномени или појави, кои може да се креативен поттик за создавање добра литература.
Трибината ја заокружи Томислав Османли, кој истакна дека светот е многу тврдокорен и тврдоглав и дека авторите не можат да го сменат, но можат да го променат светот и свеста на еден дел од нивното читателство. Спасот од оттуѓениот свет во кој живееме го гледа само во фактицизмот на литературата.
Во вечерните часови на вториот фестивалски ден се одржа разговор на Александар Прокопиев со режисерот Рајко Грлиќ. Хрватскиот режисер Рајко Грлиќ се осврна на периодот на снимањето на филмот „Караула“ (2004 година), во кој Македонија беше една од земјите копродуцентки. Тоа беше прв филм што земјите некогашни членки на Југославија го снимија по нејзиното распаѓање.
„Кога пишувате сценарио, тоа си има правила и сѐ што ќе видите на екран, треба да биде напишано во текстот. Со литературата не е така. Јас цел живот пишувам сценарија и не се сметам себеси за писател. „Нераскажани приказни“ ми е повеќе книга со забелешки. Но, и жанрот не е важен. Тоа е категорија што Американците ја измислија за да си ги категоризираат своите филмови во киносалите. Јас ја имав таа среќа, со секој нареден филм да имам слобода да избирам што ќе работам. Учев од мајстори на филмот – Душан Макавејев, Александар Петровиќ, Жика Павловиќ… Во тоа време кога почнаа да се забрануваат некои филмови, се случи трагедија на една култура. Да се прави филм не е лесна работа. Во наше време, фестивалите ни беа како вид услов за да можеме да ги убедиме дома дека треба да ни се пушта филмот во киносалите. Денес имам чувство дека на авторите не им е важна публиката, туку само фестивалите“ , рече Грлиќ.
Актерот Петар Арсовски, кој игра во филмот „Караула“, сподели свои сеќавања за периодот на снимањето и работата со Грлиќ. Тој читаше извадоци од „Нераскажани приказни“ на Грлиќ.
Вечерта заврши со музички перформанс на Пијан Славеј и промоција на неговата трета поетска книга „Полиграф“, во издание на „Прозарт медиа“. Пијан Славеј заедно со Гоце Јовановски ја направија вечерта посебна.