38.8 C
Скопје
12 јули, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

КУЛТУРА НА МАРГИНИ

Ако темелно се разгледаат финансираните проекти, како и оние одбиените, неможно е да не се постават илјадници прашања на сметка на компетентноста, визијата и стратегијата во областа на културата по дејности. Првенствено се поставува прашањето: Дали државава има културна стратегија воопшто? Која и каква е нашата визија на градење културни политики и нивна одржливост? Чинам дека одговорот на ваквите прашања на сите ни е јасен!

Пишува: Катерина Топалова

Културата и љубовта се двете нешта кои ја имаат моќта да асимилираат… Ја имаат јакоста да нè предизвикаат, опијат и замаат до целосно физичко и духовно преродување. Несомнено е дека во светот ќе преживеат оние општества и држави кои имаат цврста, силна и „ѓаволски“ привлечна култура, која ја поседува способноста да поведе и восхити, маѓепса и хипнотизира, без разлика на различниот етникум или верска подлога. Моќните култури се оперирани од диверзитети и еклисиолошки убедувања. Токму тука лежи успехот во нивното продирање. Но кај сме ние во целава приказна на создавање една таква препознатлива и автохтона култура, која ќе не унифицира и истакне пред останатите?!

Чинам сè уште не спласнува револтот од објавените резултати на Годишниот конкурс на Министерството за култура… Напротив гласноста на чинителите од оваа област е се поголема и помасовна. Како да навикнавме секоја година да бидеме дел од еден „карневал“ на жалби и поплаки, кои се паметат и не стивнуваат, а познавајќи ги учесниците пак, навикнавме на нивната бучна и делумно лукративна, како замена за  егзистенцијалната порака. Нејсе! Без разлика на изборот, општиот впечаток е дека културата во Македонија уште една година по ред доби црвен картон, позиционирајќи се на маргините од општеството.

Ако темелно се разгледаат финансираните проекти, како и оние одбиените, неможно е да не се постават илјадници прашања на сметка на компетентноста, визијата и стратегијата во областа на културата по дејности. Првенствено се поставува прашањето: Дали државава има културна стратегија воопшто? Која и каква е нашата визија на градење културни политики и нивна одржливост? Чинам дека одговорот на ваквите прашања на сите ни е јасен!

Прoлeгомена на културен хаос! Имајќи ги во предвид честите смени на челните места во Министерството за Култура во изминативе пет години, како и нетранспарентниот избор на први соработници – изборници кои треба бидат инволвирани во таквите процеси, сликата којашто ја добиваме како општество и држава, од година во година е се повеќе поразителна и погубна за гледање.

Од гледна точка на културата, Македонија за жал е земја која исчезнува… Распукана по сите рабови, со излетена облека од некогашниот културен систем, која и денес субмисивно и полтронски сè уште се провлекува по екстремитетите, живуркајќи на некаква стара слава. Притоа, давајќи ни визура на застоена сома која одамна е замисирсана, а нашата способност единствено е највидлива во менувањето на она излитено парче облека со кое парадираме и пред домашната и пред меѓународната јавност.

Секоја чест на исклучоците… Вредностите мора да се споделуваат, да се прикажуваат и да се честитаат!

Легитимно е да го поставам прашањето: На што се сведе македонската култура? Културни работници и критичари – скарани со времето, чиниш забегана „авангарда“ која парадира со некакви европски културни политики или пак крајно примитивни образи и радикални „културни“ замисли на кои местото и воопшто не им е во културата. Болна, местастразирана, инцестуозна култура која не продуцира квалитет, а единствено служи како закачалка или дојка за инфантилните „културњаци“, крајно неспособни да продрат во вистинскиот свет на вредности… За жал ваква е маската на нашето сиромашно безидејно културно милје!?

Во целава оваа слика на ерозија, националните институции и нивните понуди се невидливи и загубени во просторот и времето, без јасна идеја и замисла која треба да го оправда нивното постоење. Наместо фокусот и критиката да паднат целосно врз грбот на она што сите го плаќаме како култура, македонската јавност се однесува ко да е втерана во кокшарник, замаена во својот својствен уметнички занес – слика на селско гумно и парада на петли, наострени за борба.

Резултатите од изборот ја исфрлија на површина сета нечистотија на македонската култура, правејќи ја најмалку културна, национална, прогресивна! До кога ќе зборуваме за ваквата омаловажена и аналфабетска, невидлива и непрофесионална понуда, сервирана од анонимуси, чиниш постои едниствено како дефокус од реалните проблеми со кои се соочуваме како општество и држава.

Прашувам, која е културата на нашето постоење? Дали е тоа повеќе култура на обвинување, склона да се обвинува секогаш кога работите ќе тргнат наопаку? Или тоа е попрво неуспешна култура, прифаќајќи го неуспехот како основен начин на кој треба да учиме и да напредуваме? Кај нас изгледа двете варијанти се во оптек…

Затоа редно време е да поработиме сериозно на приказната којашто сакаме да ја раскажеме, приказната што сакаме да ја слушнеме и на крај  – да ја прославиме таквата приказна! Во спротивно по незнам кој пат, повторно ќе воздивнеме: Ах! Политички игри… Дефинитивно најдобар начин да се создаде непродуктивна култура.

 

 

 

Related posts

Буџет 2023: Поддршка за граѓаните и фирмите во кризата и ветeр во грб на економијата

admin

ВРЕМЕТО КАКО ЛЕК ВО ОДНОСИТЕ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА

admin

ГУСТАТА МАГЛА НА ДИГИТАЛНИОТ ПРОСТОР

admin

Словенија сака да замине, а Србија ја турка

admin

Матна вода

admin

Домашен есап на (меѓународен) пазар не излегува

admin