12.8 C
Скопје
10 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ВРАЌАЊЕ ВО РЕАЛНОСТА: ЧЕСТИТ 9 МАРТ!

„Секогаш кога поминувам во центарот на Скопје, Споменикот на жените во НОБ во паркот ‘Жена борец’ ме потсетува и претставува доказ за храброста и сплотеноста на жените борци. Со самиот факт дека од 100.000 жени кои се бореле во минатото, околу 25.000 биле убиени, а токму бројките нѐ потсетуваат дека сите жени во борбата биле еднакви, буквално од селанки до учителки и интелектуалки, се бореле рамо до рамо со своите машки другари, покажувајќи дека жените се исто толку способни и храбри како и мажите“, порачала вчера министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод 8-ми Март, пред четириесет жени – продолжувачи на идеите на жените борци и членки на Сојузот на борците.

Убаво кажала министерката. Ако грешам ќе се извинам, но не слушнав дека истово му го кажа и на нејзиниот заменик пред три недели. Да потсетам: заменик-министерот за култура, Диам Лучи (32), кој беше единствен функционер од Алтернатива за кого премиерот не побара разрешување откако партијата реши да излезе од владината коалиција, „раскинувањето“ со партијата тој преку социјалните мрежи го наслови вака: „Не плачете како жени, кога не сте способни да заштитите како мажи“.

За секоја битка важна е конзинстентноста. Ако од една страна се повикуваме на „храброста на жените борци кои биле исто толку способни како и мажите“ пред осум децении, а во исто време ја толерираме денешната „дефиниција“ за жените изречена од заменик-министер и тоа за „култура“, уште и во пакет со негово опстојување на таа позиција, тоа не е ништо друго, освен врвна хипокризија.

Ама ваквите епизоди си поминуваат. За разлика од кај нас, во секоја зрела демократија, изјава во која главен атрибут за жените е „плачењето“, би значело збогување со функцијата. И морална лекција за останатите. За жал, кај нас и голем дел од институционалните постапки не одат во прилог на заштита и јакнење на правата и позицијата на жените. Дури ни кога се работи за кривични дела.

Ќе го земам како пример епилогот од првостепената судска пресуда за струшкиот гинеколог, кој вршел гинеколошки прегледи во нерегистрирана, нелегална ординација. Пресудена му е условна казна. Не му е изречена забрана за вршење дејност. Што значи тоа, освен отворена порака дека здравјето на жените во земјава не вреди ни пет пари. И дека секој што планира да ординира „на диво“ ќе си помине со условна казна, и тоа под услов да го откријат.

Ни овој случај не ќе беше откриен, ако не беше поврзан со Јилдиз Веапоска, мајката од Дебар, која при породување со царски рез во струшката болница остана без три здрави органи, по интервенцијата од тим во кој учествувал истиот лекар со нелегалната ординација, а кој тогаш бил и директор на струшката болница. Ако не се одложи, утре (10-ти март) треба да продолжи судскиот процес против лекарот и други лица поврзани со случајот на Веапоска.

Тоа е реалноста. Да не зборуваме за бројните огласи за работа, во кои најчесто не постојат именки од машки род и се бараат исклучиво „негувателки, шивачки, пеглачки, хигиеничарки, салатерки, садоперки…“, бидејќи во ова општество сѐ уште е тешко е да се замисли дека мажите би го работеле тоа.

А што им прилега ним? Најверојатно нови и нови промоции на овдешните верзии на доминантен маскулинитет, преку кои ќе се манифестира дека со тешките државни работи најмногу се занимаваат мажите. И дека по стресот од тоа, нормално е да им следува кабинетско играње фудбал на мали голчиња, во бели кошули, се разбира, испеглани од „женска рака“. Честит 9 Март!/DW

Related posts

УСПЕХОТ НА „МЕКАТА МОЌ“ НА КИНА ВО МАКЕДОНИЈА

ninja

Се испитува телефон, два пиштола и контактите на Палевски

admin

Руската економија нанесе удар од Кина

admin

Големите тендерите се или во „финална фаза на подготовка“ или „поништени“ – На централната власт никако да и’ тргне

admin

Зијадин Села: Изет Меџити го киднапираше Кастриот Реџепи, а сега го направи дел од неговата партија

admin

Димитров: Треба да утврдиме државни позиции за патот напред

admin