Лидерот на опозицијата, Христијан Мицковски, овој пат не ја покажа вообичаената одлучност против уставните измени, туку целата енергија ја насочи кон ДУИ. Рече дека ќе стори се за ДУИ да замине во опозиција, оставајќи да се подразбира дека за тоа е спремен и да ги подржи уставните измени.
Пишува: Џелал Незири
Работната група за уставни измени ја заврши нејзината работа. Предлага етничките Бугари (но и останатите) во преамбулата на Уставот да бидат додадени како „дел од народ“, измена која имплицира и зголемување на бројот на членови на Комитетот за односи помеѓу заедниците од 19 во 43 за да се сочува пропорцијата според Охридскиот договор. Се предлага етничките Македонци и Албанци, наместо по 7 члена кои сега ги имаат во комитетот, да бројат по 16 со цел да се зачува нивната тежина во овој значаен форум во Собранието. Бројот на останатите помали заедници ќе биде зголемен од досегашните 5 во 11, при што толкав број на етнички групи ќе имаат нивен член во Комитетот. Замената на терминот „20 проценти“, како главно барање на Албанските политички партии, ќе почека нова можност.
Сега топката е кај оние кои треба да ги носат одлуките во име на граѓаните – пратениците. Тие, пак, иако избрани од граѓаните ќе треба да постапуваат според партиските директиви. Затоа во Република Северна Македонија за многу жешки теми, наместо пратениците во Собранието, решението се бара од страна на претседателите на партиите во друг неформален форум наречен „лидерска средба“.
Средбата Ковачевски-Мицковски е почеток на процес на преговори
Една ваква средба, тет-ат-ет меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, се случи во среда. Според јавно објавеното, немаше договор, но имаше приближување на ставовите. Средбата даде позитивни сигнали дека работите, сепак, ќе одат кон вистински правец.
Наредниот период е клучен за иднината на државата. Овие се денови кога ќе дознаеме дали ќе има договор за уставните измени, или пак истите ќе се остават да чекаат некој нов поповолен момент. Според премиерот Ковачевски, опозицијата не е против уставни измени. Од друга страна, Мицковски овој пат не ја покажа вообичаената одлучност против уставните измени, туку целата енергија ја насочи кон ДУИ. Рече дека ќе стори се за ДУИ да замине во опозиција, оставајќи да се подразбира дека за тоа е спремен и да ги подржи уставните измени.
Од друга страна дојде и одговорот на ДУИ – портпаролот Бујар Османи рече дека партијата е спремна да замине во опозиција ако ВМРО-ДПМНЕ ги подржи измените, со тоа што би се избегнувало ново вето од Бугарија во процесот на евроинтеграција. Се чини дека ова не го очекуваше ВМРО-ДПМНЕ, најмалку не како одговор на истиот ден. Можеби се надеваше дека во тек на преговори ќе успее да издејствува влада без ДУИ, или пак во евентуалната широка влада да ја потисне нејзината клучна позиција која ја има.
Како и да е, „ДУИ надвор од владата“ стана нова кауза на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа кауза полека ќе стане главна за Мицковски, омекнувајќи го притоа цврстиот став против уставните измени. Опозицијата кон ќе претставува „излезна врата“ за гласање на Францускиот предлог – внесување на етничките Бугари во преамбулата на Уставот, а истовремено ќе помогне да се гради наративот дека СДСМ била потчинета од ДУИ во владината коалиција.
Зошто ВМРО-ДПМНЕ нема да ги блокира уставните измени?
ВМРО-ДПМНЕ е свесна дека ако ги блокира измените ќе се соочи со санкции од меѓународната заедница, кое потоа би имало и политички реперкусии внатре во партијата. Во тој случај партијата на Мицковски ќе биде одговорна зошто земјата ќе губи многу драгоцено време во процесот за интеграција во ЕУ. Ако се чекаат парламентарните избори тогаш Албанија ќе се одвои од групата и ќе ги продолжи преговорите сама, со отворање на првите поглавја од шестте кластери.
Освен кај нас во 2024 година избори ќе има и во Европската унија (ЕУ), но и во САД, при што нема границии дека оваа посветеност на Брисел и Вашингтон за интеграција на земјата во ЕУ ќе продолжи и понатаму. Ако се зема предвид времето за основање на новите европски институции, кои може ќе имаат и други приоритети, тогаш може да се каже дека земјата го испушти возот за ЕУ, и ќе почека нов момент во група со Босна и Херцеговина и Косово. Тоа значи уште дополнителни 20 години чекање пред вратите на ЕУ. Во меѓувреме Србија, Црна Гора и Албанија ќе станат членки на Унијата во период кога овој процес има значење на геополитика итност заради руската агресија врз Украина.
Останувањето во иста група со БиХ и Косово носи дополнителни ризици од причина што овие држави имаат проблеми кои се од територијална природа, за разлика од тој на Северна Македонија кој е од историски карактер.
Францускиот предлог беше резултат на голема ангажираност на сите членки на ЕУ и на САД во правец на притискање на Бугарија да се повлече од тврдите линии на целосно негирање на етничкиот македонски идентитет, кој е поставен врз два главни столба: заедничкиот јазик и историја. Внесувањето на етничките Бугари во Уставот на индиректен начин се признава и македонскиот народ, за разлика од порано кога во бугарската политика преовладуваше тезата дека се работи за “две држави, еден народ”.
Ако Францускиот предлог пропадне, што би значело неможност да поминат уставните измени, тогаш не се знае кога ќе има нов договор, а од искуството со Грција знаеме дека ќе биде далеку полош од овој. Францускиот предлог беше повеќе е резултат на меѓународниот притисок кој беше извршен над Софија, отколку на преговарачките позиции на Скопје. Овој притисок извираше од силното партнерство со Брисел и Вашингтон, кое може да се разниша ако земјата не успее да го спроведе договореното. Во тој случај следното вето нема да биде резултат од пречките од соседството, туку од незрелата политичка елита во Скопје, за која сегашната власт е поважна од иднината на државата.