30.8 C
Скопје
19 јули, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

КУЛТУРА НА СТРАВ

Кога често ќе почнеме да употребуваме антибиотик, телото се навикнува, па потоа не реагира на медикаментот. Ние сега сме стигнати во таа фаза на преголема и пречеста конзумација на страв, и не само телото туку и разумот повеќе не реагираат, чиниш заплеткани во пајажина. Ни на небо – ни на земја е нашата дијагноза! Повеќе не знаеме кому и на што да веруваме!

Пишува: Катерина Топалова

Ако светската историја ги има запишано и анализирано сите психолошки методи на борба и отпор во едно општество и гледа на нив пред се како на феномен за „успешно“ спроведување на политичко влијание, тогаш со сигурност можам да констатирам дека во моментов Македонија е жртва на една класична, брутална и пред се манипулативна „игра на страв“, којашто има за цел да не убеди во неубедливото, притоа служејќи се со сите методи и техники на влијание и притисок.

„Културата на стравот“ не е ништо ново и непознато. Станува збор за наметнување општествена контрола преку психолошка манипулација со човечката емоција. Историски гледано, ваквата појава е карактеристична за властодржците во западните општества, кои пак се главни генератори на ваквиот вид на манипулативни техники на владеење. Но тоа не значи дека денес не е практикувана во сите држави во светот.

Токму ваквата појава на „култура на страв“ од најнаивна – индивидуална, историски, прераснува до најкомплексна – колективна, којашто прилично успешно стои зад најголемите војни и катастрофи што ги има доживеано човештвото.

„Културата на страв“ е карактеристична за десничарските движења и политики. Но во еден изгубен свет на идеолошки вредности, истата појава, не бира страна, идеологија  или припадност. Нацистичка Германија е класичен пример за воведување на ваквата брутална пропаганда на заплашувања, преку медиумско потхранување на своите граѓани со цел убедување и прифаќање на политиките на војна. Истото се случува и денес, во контекст на војната меѓу Русија и Украина, и влијанијата и политиките на Западот и Истокот – чии интереси најманипулативно се изразени преку медиумите, кои станаа пак главна алатка во спроведувањето на оваа појава.

Во контекст на отпочнување на процесот на уставни измени во македонското собрание, последен пат доживеан преку имплементацијата на Преспанскиот договор со цел промена на уставното име, се чини дека стравот и заплашувањата кон граѓаните и пред се кон политичките неистомисленици зема нов замав. Немањето поддршка за еден ваков процес, изискува употреба на ваков тип на психолошки методи и техники на заплашувања, кои пак се одраз и лик единствено за неразвиените, незрелите и недемократските општества.

Генерално, ваквата психолошката церебрална војна има призук на уцена или закана. Што е она кое ние добиваме од нашата власт и европската политика, која секојдневно ни испраќа емисари со определени пораки за поддршка на процесот на уставни измени?! Ако не го направите ова и ова – нема да напредувате онаму каде сте кинисале… или пак, ако не ги направите измените во уставот, ќе бидете изолирани, а сега ни стигна и најновото од домашната сцена дека ако не го поддржиме процесот на измена на уставот, сите сме руски ботови и работиме во корист на Русија! „Каква страшна ера во која идиотите управуваат со слепите.“ – што би рекол Шекспир.

Да! Знаеме дека најстарата и најсилната емоција на човештвото е стравот, а најстариот и најсилниот вид страв е стравот од непознатото. Е токму ова ни се случува во моментов… Македонија се покажа како успешен примерок на спроведување на ваков вид на култура на страв, почнувајќи од независноста па се до Преспа, и тоа повеќе од три пати?! Де менувавме Устав, де менуваме име на држава, потоа менувавме знаме, потпишувавме најразлични поразителни и недостоинствени договори на сметка на нешто што не ни помислува да се стави на хартија, и сето тоа како последица на една наметната надворешна култура на страв, а спроведена од внатрешната уплашена политика.

Арно ама. кога често ќе почнеме да употребуваме антибиотик, телото се навикнува, па потоа не реагира на медикаментот. Ние сега сме стигнати во таа фаза на преголема и пречеста конзумација на страв, и не само телото туку и разумот повеќе не реагираат, чиниш заплеткани во пајажина. Ни на небо – ни на земја е нашата дијагноза! Повеќе не знаеме кому и на што да веруваме! Оние „серизоните од горе“ изгубија секаков кредибилитет во нашите очи, а овие пак нашиве никогаш не ни го имале истиот, па затоа сега сите криманли им течат низ ногавици. Во ваква ситуација не само што не можеме да им веруваме, туку и не сакаме!

 

 

 

Related posts

Меката моќ на Србија во Северна Македонија станува се посилна

admin

КАМБАНИТЕ БИЈАТ ЗА ВОЈНА ЗА ГОЛЕМА РУСИЈА

admin

ВЛАДА БЕЗ ДУИ – КОГА ЕГОТО Е ПОВАЖНО ОД ЦЕЛТА

admin

НЕВИДЛИВА ДИСКРИМИНАЦИЈА

admin

САМИТОТ ВО ТИРАНА НЕ БЕШЕ САМО СИМБОЛИЧЕН

admin

Дали ќе поминат уставните измени и што ако не поминат?

admin