24.8 C
Скопје
15 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Руска „остра моќ“ во Македонија по инвазијата врз Украина: Од зборови на дела

Обемот, фреквенцијата и интензитетот на забележаните наративи покажуваат дека Северна Македонија и Балканот се високо на агендата на Кремљ, вели Росана Алексоска, од граѓанската асоцијација МОСТ

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, Русија спроведува влијание во Северна Македонија според т.н. концепт на „остра моќ“, покажува најновата студија на граѓанската иницијатива „Мост“, во која се анализирани руската пропаганда, влијание и дезинформациските наративи поврзани со војната во Украина, а присутни во онлајн просторот во Северна Македонија во периодот март 2022 година – февруари 2023 година.

Таквиот концепт на „остра моќ“, се наведува во студијата, особено се спроведува преку промовирањето на словенско-православното братство и користењето на црквата во тој поглед.

„Руското влијание го вовлекува населението во концептот на заеднички вредности со ‘словенските и православните браќа од Русија кои немаат ништо заедничко со западниот свет и САД’, со што се поттикнува отпор кон Европската Унија (ЕУ) и НАТО“, се наведува во студијата на „Мост“.

5-те главни цели на „руските непријателски наративи во Северна Македонија“

Според граѓанската иницијатива, руските „непријателски наративи во Северна Македонија“ во првата година одруската агресија врз Украина имале пет главни цели:

  1. Оправдување на агресијата, прикажување на Украина како закана за постоењето на Русија поради нејзината блискост со Западот и наводниот нацизам, преку наративите „Лаборатории за биолошко оружје во Украина и Украинците се нацисти“
  2. Навраќање на минатото и употребување на манипулациите поврзани со случувањата во Југославија, со промовирање на наративот „Косово е Србија, Донбас е Русија“
  3. Прикажување слика дека санкциите повеќе му наштетуваат на Западот отколку на Русија, додека Русија во голема мера не е засегната. Овој наратив ја содржи дисторзијата дека економските санкции се проблем, а не последица од руската агресија врз Украина, со што се создава антизападно расположение
  4. Создавање перцепција дека Западот сака да ја уништи Русија поради нејзиниот православен светоглед, наратив кој беше промовиран од руски функционери, како и од руски сојузници и пропагандисти. Наративот ја опфаќа религијата, со што се прави обид војната да се прикаже како конечна, апокалиптична, „света војна меѓу злиот Запад праведниот Исток“
  5. Повикување на емоциите на луѓето преку наративот „Словенско-православно братство“, со што се произведува антизападно расположение. Како што е претставено, сите овие наративи предизвикуваат поделби и имаат за цел да поттикнат антизападно расположение кај публиката, со што претставуваат пречка за евроатлантските интеграции на Северна Македонија и регионот.

„Обемот, фреквенцијата и интензитетот на забележаните наративи покажуваат дека Северна Македонија и Балканот се високо на агендата на Кремљ“, рече Росана Алексоска, од граѓанската асоцијација МОСТ, презентирајќи го истражувањето.

Инфографика - Руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива?
Инфографика – Руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива?

Тактиката на Кремљ: Од воени до религиозни наративи

„Кога се анализираат првите шест месеци од војната, се чини дека интересот на Кремљ беше да промовира наративи кои ја прикажуваат Украина како губитник, преку наративот Украина ја губи војната, дека војната ќе заврши победнички за Русија и дека ‘Западот е одговорен за неиспровоцираната и неоправдана руска агресија врз Украина’, преку наративот ‘Западот ја принуди Русија да ја нападне Украина’. Периодот на вторите шест месеци означува промена во тактиката на Кремљ – Од воени во религиозни наративи. Беше забележан постојан и обемен напор за промовирање на ‘силните пријателски и братски врски меѓу Русите и Македонците“, со православието и црквата како главни столбови“, наведуваат од „Мост“.

Религијата, како што покажува студијата, отсекогаш била цврста и емотивна основа за манипулација, па така Кремљ почнал да го промовира наративот „Словенско-православно братство“, кој бил во главниот фокус на руското влијание во Северна Македонија во овој период. Според анализата, ова било проследено и со воените „мега наративи – Западот ја принуди Русија
да ја нападне Украина и Украина ја губи војната“.

„Двата најпостојани наративи во целиот период на анализа беа ‘Лаборатории за биолошко оружје во Украина и Украинците се нацисти’. И покрај тоа што тие немаа високи нивоа на распространетост или интеракции, тие беа присутни во поголемиот дел од анализираниот периодот“, се наведува во студијата на „Мост“.

Од говор на дела

При споредба на двата периода, студијата покажува дека во првиот период од шест месеци, продукцијата и промоцијата на руските пропагандни наративи бил со висок интензитет по број на статии и број на објави на интернет и медиумскиот простор и со значителни интеракции на публиката. Во вторите шест месеци има значителни скокови во продуцирањето и промоцијата на статии, а се забележува пад на интеракциите.
Во првите шест месеци по руската агресија врз Украина, во интернет просторот на Северна Македонија, според студијата, имало само само промоција на наративи, додека во следните шест месеци се одвивале „реални акции и настани, и на национално и на регионално ниво“.

„Ова опфаќа посети на верски личности и заеднички верски служби кои го промовираа наративот ‘Словенско-православно братство под водство на Русија’, регрутирање на доброволци за војната, како и доделување ордени на руски функционери. Без оглед на тоа што овие акции и настани беа организирани на национално ниво, треба да се земе предвид нивното влијание и на регионално ниво“, се потенцира во студијата.

Портрет на рускиот претседател Владимир Путин лежи на земја во близина на локалниот затвор во Херсон, 16 ноември 2022 година

ВИДЕТЕ И ОВА:

Големата слика од руската инвазија врз Украина

„Мост“: Властите, партиите, бизнисот, медиумите… да го препознаат руското малигно влијание

Оваа студија се надоврзува на наодите и препораките дадени во студијата „Дезинформациите и информациската дисторзија во Северна Македонија“, објавена од „Мост“ во декември 2021 година. Врз основа на неодамнешните случувања на геополитичката сцена, авторите на студијата даваат препораки кои „треба да се сфатат како сеопфатен институционален пат за справување со руските дезинформации и малигното влијание во сите сфери на општеството“.

Инфографика - Руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива?
Инфографика – Руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива?

„Властите, политичките партии, академската заедница, приватниот сектор, медиумите и сите други засегнати страни треба да го препознаат присуството на руското малигно влијание во земјата. Откако ова ќе се направи, треба да се изработи, усвои и доследно да се имплементира долгорочен стратешки план за спротивставување на странското малигно влијание, како и долгорочен стратешки комуникациски план“, нагласуваат од „Мост“.
Додаваат дека „државата треба да почне да работи на формирање на независна единица за стратешки комуникации што ќе ги штити
националните интереси и евроатлантските интеграции и ќе се справува со предизвиците кои произлегуваат од дезинформациите и странското малигно влијание, во тесна соработка со стратешките сојузници, искористувајќи ги постоечките искуства и најдобри практики во НАТО и ЕУ.

Related posts

Путин го распределува нуклеарниот арсенал во Белорусија: Се е според планот

admin

Ердоган ја постави новата влада, елиминирани трите претенденти за негов наследник

admin

ТРАМП ПОВИКУВА НА ПРОТЕСТИ: „ВО ВТОРНИК ЌЕ МЕ УАПСАТ!“

ninja

Холандија, Грција, Австрија и Ирска со највисока смртност во ЕУ

admin

АНАЛИЗА НА ДОЈЧЕ ВЕЛЕ: Албанската опозиција го доби четвртиот партнер, ќе има ли петти?

admin

Бајден: Нема да му се поклонам на Путин

admin