Самитот на БРИКС во Јужна Африка, кој завршува денеска, кога го читате овој напис, е повод за осврт на глобалните трендови гледани низ аголот на БРИКС
Пишува: Сашо Клековски
Соочени со секојдневното преживување, преплавени од скандали, не наоѓаме доволно време да ја подигнеме главата и да погледнеме подалеку и подолго, да ги погледнеме промените што се случуваат околу нас во светот. Неколку години по ред, во анализа на годината што изминува и што доаѓа, пишувам за големата промена во фокусот на светот од евроатлантскиот на пацифичкиот регион, за растечкото ривалство на Западот и Кина, за многу нови глобални трендови. Сега самитот на БРИКС во Јужна Африка, кој завршува денеска, кога го читате овој напис, е повод за осврт на глобалните трендови гледани низ аголот на БРИКС. „Another BRICS in the World“ или „Уште еден БРИКС во светот“ е инспириран од „Уште една тула во ѕидот“ на „Пинк флојд“, затоа што БРИКС е уште една битна група во светот.
Што е БРИКС? Во почетокот, БРИК е кратенка што „Голдман сакс“ ја промовира во 2001 година за новите економии во подем, Бразил, Русија, Индија и Кина. Иницијатор на групата е Русија. Од неформални средби на лидерите на овие земји, во 2009 година почнуваат да стануваат покохезивна група со годишни самити на лидерите и координација на политиките. Во 2010 година се приклучува и Јужна Африка, како претставник од Африка, иако и по население и по економија заостанува зад претходните членки. Во 2014 година се формира БРИКС развојна банка, сега Нова развојна банка со седиште во Шангај, со досегашно финансирање проекти над 33 милијарди долари. Иако покохезивна БРИКС, не е целосен пандан на Г7. Г7 или групата на седум најголеми ИМФ-економии, САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Канада и Јапонија, започната во 1973 година како група на најголемите економии во светот, е заснована и на заеднички вредности на плурализам, либерална демократија и репрезентативна власт (политички Запад).
Вредностите се така дефинирани да ги исклучат тогашниот Советски Сојуз и Кина. За потсетување, групата беше Г8 од 1997 до 2014 година, кога Русија беше исклучена поради агресијата врз Украина. Инаку, земјите и од Г7 и од БРИКС, плус Саудиска Арабија, Мексико, Аргентина, Индонезија, Кореја, Австралија и Турција, се членки на Г20, групата на земји со најголеми економии.
За разлика од Г7, БРИКС нема јасна вредносна рамка, надвор од тоа дека се новите големи сили што бараат прераспределба на глобалната моќ. А како е дистрибуирана моќта? Земјите од Г7 имаат околу 10 проценти од светското население и околу една третина од глобалниот бруто-производ. БРИКС има над 40 проценти од светската популација и повеќе од една четвртина од глобалниот бруто-производ. Тоа што донекаде фасцинира е брзината на промените! Ако се споредува БДП – ПКМ (паритет на куповна моќ) пред нецел половина век, во 1980 година Г7 претставувал 52 процента, а БРИКС 15 проценти, за само за 30 години, во 2015 година, двете групи да се изедначат на 31 процент. Оттогаш БРИКС преминува во водство и во 2020 година односот е БРИКС 34 проценти, Г7 29 проценти, со проекции дека разликата ќе се зголемува во корист на БРИКС.
Неколку илустрации за промените надвор од споредбата на БРИКС и Г7. Доколку пред половина век големото мнозинство од топ 10 економии беше од евроатлантскиот регион, сега мнозинството е во пацифичкиот регион, со Кина, Јапонија, Индија и Индонезија и, секако, САД и Русија. Радикалност, драматичност на промените се илустрира со споредбите на поранешните колонијални сили и нивните поранешни колонии. Во споредбите и на БДП-ПКМ, но и на БДП, Индија го надминува својот некогашен владетел Велика Британија, Мексико ја надминува Шпанија, Индонезија ја надминува Холандија. За последните, пред помалку од половина век, Холандија имала 10, и со букви десет пати поголема економија од Индонезија, за сега Индонезија да има трипати поголема економија од Холандија.
Да се вратам на прераспределбата на моќта. Очекувано е дека драматичните промени во економијата ќе водат во прераспределбата на глобалната моќ. Г7 ќе биде пред предизвик дали да остане ексклузивен клуб или да се прошири со земји како Индија, која е веќе меѓу најголемите економии, или Бразил или Индонезија, која за десетина години ќе биде четврта економија во светот, а и ги исполнуваат, особено Бразил, вредносните критериуми. На страната на БРИКС недостига заедничка вредносна рамка, некои од земјите се демократии, некои не се. Сега ги поврзува барањето за прераспределба на моќта. Пред сегашниот самит, Лула, претседателот на Бразил, левичар, го формулира гласот на револт: „Глобалниот југ, ние секогаш сме биле третирани како најсиромашни на планетава, како да нѐ постоиме. Секогаш сме биле третирани како да сме втора класа. И одеднаш реализираме дека можеме да бидеме важни земји“. Лула ќе потврди дека БРИКС не сака да биде контраточка на Г7, Г20 или САД, туку дека сакаат да создадат нешто ново, нешто што не постоело, „нова и силна организација за подобар свет“. Но како што се сменил светот, се менува и политиката и ќе следуваат барања за нови промени. Во барањето промена на „односите во светот“, Новата развојна банка ќе почне да исплаќа кредити во валутите на Бразил и Јужна Африка. Тука се барањата за реформи на меѓународните институции, како Обединетите нации и Советот на безбедност, каде што се бараат постојани места и за Бразил, Индија и Јужна Африка.
Македонија, како членка на евроатлантската група, треба да ги следи овие промени, нивните економски последици и, секако, да тежнее прераспределбата на моќ да биде на мирен начин и низ соработка.
Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
/ Ставовите се лични