Јавноста се надева дека одговорите ќе се најдат во анализата на медицинските истории на пациентите на Клиниката за онкологија. Надлежните не преземале ништо, и покрај наодите во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Скандалот на Клиниката за онкологија, не престанува да ја бранува јавноста, со повици за протест, бројни осуди, но и сведоштва за долгогодишни сомнежи во третманот на пациентите.
„Ова не може да биде резултат на дејство на едно лице”, сметаат упатени во процедурите на Клиниката за онкологија, со кои разговараше ДВ.
„Само добро организиран сиџир, во кој алките се поврзани „од долу до горе“ – од инволвиран медицински персонал до раководството – само таква група би можела да се надева дека злоупотреби со терапијата за пациентите на Клиниката ќе останат непознати за јавноста и во комплетна дискреција на група која од маката на пациентите си обезбедувала финасиска корист”, велат нашите соговорници.
Од Обвинителството се воздржани за каква било информација, со оглед дека допрва ќе се истражува содржината од одземените клинички и приватни компјутери, како и други евентуални докази.
Индикативен случај
Она што за нашите соговорници претставува загрижувачки факт, е што нема епилог за првиот случај со медицинската сестра, кој во два наврата беше фатена во кражба на цитостатици: првпат во 2020, а потоа и во март 2023 година.
„По првиот случај од 2020 година и нејзината суспензија, таа по шест месеци била вратена на работа по сила на закон, бидејќи во тој период немало судска пресуда. Но каде била вратена? На истото место каде што го сторила делото за кое е осомничена – во дневната болница, каде повторно имала непречен пристап до цитостатици. Тоа е исто како да ставите волк да ви го чува трлото кое претходно го нападнал. Дали треба да заклучиме дека била заштитена за да се заштитат и други инволвирани? Истата личност се впуштила во кражба на цитостатици и во 2023 година. Тоа покажува колку извршителите се храбрат и од бавното функционирање на санкциите. Или во убеденоста дека некој ги штити“, велат соговорниците.
Во вториот случај во нејзиниот автомобил биле пронајдени 20 видови ампули чија цена се движела од 100 до 5 илјади евра.
Дали индивидуално постапувала или во содејство со група во, и надвор од Клиниката, одговор треба да даде истрагата. Она на што сега се надеваат роднини на пациентите, од кои дел ја изгубија битката со болеста, а во чиј тек многу пати се соочиле со недостиг на терапија и сознанија дека за едни има, а за други нема, е дека одговорите ќе се најдат во анализата на медицинските истории на пациентите.
Односно, дали ќе се потврдат неофицијални информации дека некои од починатите пациенти во медицинските истории и натаму биле водени како тековни, за „нивната“ терапијата да биде (про)дадена на други лица за материјална корист и дали имало пациенти кои само фиктивно добивале терапија, а фактички била наменета за други, но и дали целиот случај има и прекугранична димензија. Фактот што цитостатиците обезбедени со пари од буџтот не били на никаков начин обележани за да се знаа дека и припаѓаат ан Клиниката, ги правело лесни за препродажба.
Никој не чита ревизорски извештаи
Во јавноста владее резигнираност поради фактот што сомнежите не се од вчера, но ниедна од надлежните институции досега не преземала нешто, и покрај наодите во извештајот на Државниот завод за ревизија од 2021 година.
Пропусти при набавка на биолошка терапија, лошо планирање на системот за приклучување пациенти на терапијата, набавка на лекови на реверс без формирана цена, пречекорување на буџетот за над 10 милиони евра и ненаплатени долгови од речиси 3,5 милиони евра. Ова беа само дел од забелешките во извештајот за скопската Клиника за онкологија, која е во топ десет должници на листата на Министерството за финансии
Како што беше констатирано во Извештајот, на Клиниката има „отсуство на медицински протоколи/упатства со кои ќе воспостават правила и ќе се утврдат критериуми за приклучување на пациентите на биолошка терапија”.
„Во текот на 2021 година докторите одлучувале кои пациенти ќе примат биолошка терапија, за што одобрение давал медицинскиот директор без да земе предвид дали Клиниката има доволна количина лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата“, се вели во Извештајот.
Токму последново е плодно тло за дискрециско одлучување за терапијата и пат кон потенцијални злоупотреби на штета на пациентите. Непостапувањето по наодите, ги зголеми проблемите во 2022 година, со месеци доцнеше тендерската набавка на цитостатици, па се шпекулираше дека достапноста до преостаните колични достигнала енороми суми за оние кои нашле „свој“ начин да дојдат до неа.
Милион денари за фаќање прав
Целиот случај стана арена за меѓупартиска пресметка, но и пофалби кој прв се зафатил да го расчисти.
„За вакви криминални работи се зборува 20 години, но сега за прв пат надлежни институции и Влада предводена од СДСМ се зафаќаат со негово расчистување“, порачаа социјалдемократите.
„Институционалното постапување е вистински начин за што поскоро целосно расчистување на случајот и одговорност на сите инволвирани, за целиот опфатен временски период.
„Без сензационалистички злоупотреби и без етикетирања на сите доктори и медицински сестри, само професионална и брза институционална разрешница, согласно со законите, ќе ја утврди точно одговорноста и сите вмешани, години наназад, ќе ги изнесе пред лицето на правдата“, се вели во соопштението на СДСМ.
„Од една страна ни нудеа билборди за европско и бесплатно здравство, а од друга страна гледаме мафија во здравството“, критикува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, и повикува на одговорност, но не само кривична, туку и политичка.
„Многу важно е и прашањето, зошто доколку се грижеле за оваа најранлива категорија пациенти и по седум години владеење не се ставени во функција акцелераторите кои беа набавени пред 2017 година. Зошто и по 10 промоции не работи акцелераторот во Градската општа болница „8-ми Септември“? Зошто не е во функција ниту акцелераторот во Битола?“, праша опозициската партија.
За еден од набавените акцелератори за потребите на Клиниката за онкологија, а кој не бил ставен во употреба, се говори и во Извештајот на ДЗР. Од набавката во 2016 година тој останал да се чува во царинско складиште, бидејќи во објектот на Клиниката каде веќе биле инсталирани четири акцелератори, немало простор за новонабавениот. Само за негово чување вон употреба Клиниката на годишно ниво плаќала по 189.000 денари, или вкупно 1.134.000 денари до увидот на равизијата.