23.8 C
Скопје
27 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

2024 – Тешка економска година

Северна Македонија ќе се соочи со низа економски предизвици во 2024 година: од слаб раст на БДП, висока инфлација, неповолна размена со ЕУ и предизборни трошоци, прогнозираат економски експерти за РСЕ. 

Постојат низа неповолности и негативни ефекти поради кои во 2024 година може да очекуваме „анемичен“ раст на македонската економија, вели за Радио Слоборна Европа професор Трајко Славески од Економскиот факултет во Скопје. Додека економските експерти се сомневаат во поголем раст на македонската економија во однос на минатата 2023 година, министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека оваа година економскиот раст ќе биде повисок, а инфлацијата пониска.

Професор Славески, кој е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека неповолно за македонската економија ќе биде тоа што забавуваат економиите кај трговските партнери на земјава од ЕУ, пред се кај Германија за која посочува дека веќе е во техничка рецесија која негативно се одразува во неколку сектори, особено во автомобилската индустрија.

„Дополнително негативен ефект врз извозот ќе имаат зголемените трошоци по единица труд, како резултат на растот на платите и реалната апресијација на девизниот курс поради превисоката стапка на инфлација изминативе две години кај нас во споредба со инфлацијата во Еврозоната. Не постојат за жал домашни фактори кои би можеле да ги компензираат овие неповолни состојби во размената со странство. Оттаму може да очекуваме анемичен раст на БДП од околу 2 отсто“, вели Славески.

2023 година завршува со раст на економијата од околу 2 проценти, според податоците на Министерството за финансии и Народната банка на Северна Македонија.

Министерот за финансии Бесими вели дека во услови на економска стагнација во Европа, земјава во 2023 имала „помал, но позитивен економски резултат“ со раст на БДП од 2,3 проценти.

„Во 2024 година се очекува забрзување на економскиот раст во земјата и тој да изнесува 3,4 отсто, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка“, вели Бесими.

Ова ќе биде и изборна година, што по традиција ги забавува економските текови. Иако Бесими вели дека и покрај изборите фокусот ќе биде кон обезбедување на одржливи финансии, Славески смета дека е извесно оти изборите ќе ја забават економијата.

Економскиот аналитичар Абил Бауш коментира дека иако можеби инфлацијата нема да биде двоцифрена како во 2023, но според него и натаму останува предизвикот за државата да го стабилизира растот на цените.

„Ние самите ги прогнозираме трендовите, а ги читавме и извештаите на Светската банка и ММФ кои ни предвидуваат дека и наредната година ќе имаме проблем со инфлацијата, не двоцифрена, но ќе имаме инфлација која ќе се обидеме да ја стабилизираме“, вели Бауш.

Професор Марко Андоновски од Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје вели дека во 2024 година во земјава ќе има стагнација на растот на каматната стапка, но и можно намалување во втората половина на годината, како што најавуваат и меѓународните институции како американските Федерални резерви и Европската централна банка.

„Тоа ќе значи намалување на активните каматни стапки на кредитите, и на пасивните каматни стапки на заштедите на орочените парични депозити. Се разбира тоа ќе значи олабавување на економијата, една поголема мотивација на компаниите да ги продолжат своите посакувани инвестиции и тоа ќе има позитивни импликации на самото население“, вели Андоновски.

Просечната плата во моментов е 37.876 денари во последниот квартал од годината, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗЦ), а невработеноста изнесува околу 12 проценти, но тоа не значи дека се зголемува вработеноста.

Потрошувачката кошничка за четиричлено семејство се движеше во последните месеци над 50 000 денари.

 

Related posts

„Кога мажот станува жена“ го преполни јавниот простор со поделби, говор на омраза и манипулација

admin

Алармот на ДУИ индицира дека „планот на Заев“ не е мртов?

admin

Бејта се врати кај Ахмети, заедно во Горно-рекански средби

admin

Која земја произведува најмногу велосипеди во Европа?

admin

Дали Груби ќе игра фудбал во кабинетот е работа што треба да ја знае Џафери како премиер

admin

Бесими: Платите на вработените во јавниот сектор ќе растат системски

admin